ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД
УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН
Верувањето за смртта на Александар Македонски брзо се рашири, а тоа беше важно за донесување одлука за кревање бунт. Ако Александар Македонски беше мртов, се поништуваше Коринтскиот договор и се избегнуваше одговорноста и обврската спрема него, a co тоа античките грчки држави би се здобиле со слободата што ја имаа пред Херонеја.
Така Тебанците на кои им пречеше македонскиот гарнизон во Кадмеја, се дигнаа на востание поттикнати од прогонетите кои беа тајно донесени од Атина.
Тие убија неколку антички македонски офицери и ја почнаа опсадата на градот, верувајќи на помошта од Атина, која преку Демостен им испрати оружје што го купи со персиско злато. Аркадијанците исто така се кренаа на востание и испратија војска во Истмус и не се повлекоа наспроти пораката од Антипатер. Раздвижување се почувствува и во Аетолија и во Елис.
Овие лоши вести втасаа до Александар Македонски непосредно по завршувањето на битката за Пелион. Веднаш ја поведе својата војска кон југ, иако само што заврши суровата битка, а војската се движеше во просек од околу дваесет милји на ден. На тринаесеттиот ден, Александар Македонски, за кого се веруваше дека е мртов, веќе беше во Онкест во Бојотија.
Тебанците мислеа дека само Антипатер би можел да доаѓа против нив откај Античка Македонија и кога се слушна дека тоа е Александар, помислија оти тоа би можел да биде само линкестијанскиот Александар. Веројатно сметаа дека по смртта на Александар Македонски, Линкестијанците ја презеле круната во Античка Македонија.
Но наредниот ден невозможното стана возможно: Александар Македонски беше пред градот. За правилно да се сфати оваа борба на Александар Македонски, важно е да се спомне дека тој често водеше војна како вешт хегемон на Лигата кој знаеше во името на Лигата да ги казни непослушните членови. Тоа беше исто така антички грчки начин на обноска, бидејќи на Александар брзо му се придружија мали контигенти од соседните држави кои му беа верни, а беа непријатели на Тебанците и се ставија под негова команда согласно договорот.
Бидејќи Александар Македонски разбра дека го сметаа за мртов, што целосно ја измени законската положба, тој прво се заложи побунетите Тебанци да ги врати во Лигата без да се пролее крв. Кога им го предложи тоа тие одговорија со коњички напад врз неговата стража. Грешката на Тебанците беше во тоа што сметаа дека Александар е мртов.
Наредниот ден кралот маршираше околу градот и се улогори на југ пред портата Електра, каде што се уште привлекуваа внимание остатоците на стариот пат кон Атина. Овде, тој можеше да изврши напад со гарнизонот од Кадмеја, бидејќи нејзиниот јужен ѕид на тоа место се спојуваше со тој од градот. Тебанците направија двојна ограда од колје пред портата за да ја пресечат врската на гарнизонот со надворешниот свет.
Александар Македонски го одложи нападот, надевајќи се дека ќе постигне мир. Тој им вети повторно на Тебанците дека тие ќе бидат примени во Лигата доколку му ги предадат водачите на бунтот. На тоа тие му одговорија со презир, велејќи дека тој треба да им го предаде Алтипатер и водачот на Кадмеја. Притоа тие извикуваа од високата кула дека секој оној што сака да им се придружи ним и на Големиот крал за да ја ослободатантичка Грција од тиранијата на Александар, без двоумење може да им се приклучи.
По сето тоа Александар Македонски ја извади сабјата и со голема лутина нареди напад. Арно ама, пред да даде сигнал за напад, Пердика со својот полк ги нападна оние кај оградата од колци и започна да се бори, со што се разви општа борба пред јужниот ѕид на градот. Кога војската која напаѓаше под раководство на Пердика беше поставена на борбената линија на патот, Александар со своите најдобри единици влезе во акција.
Наспроти добрата одбрана, Тебанците беа заобиколени, а античките Македонците со сила успеаја да влезат во градот преку портата Електра заедно со прогонетите. Другите дивизии му се придружија на гарнизонот во Кадмеја и побрзаа кон градот каде што Тебанците направија уште едно упориште близу Амфион. Се случи страшен масакр над населението повеќе поради старата омраза на Бојотијанците и Фокијанците отколку поради лутината на античките Македонци.
Роман „Александа Велики“ од германскиот научник Улрих Вилкен (Ulrlich Wilcken ALEXANDER THE GREAT), го преведе и прилагоди од англиски на македонски како „Александар Македонски“ Славе Николовски-Катин, а го издаде Издавачката куќа „Мисла“ од Скопје, во 1988 година, на 390 страници. Преводот на романот „Александат Македонски“ беше прво дело за античка Македонија на македонски јазик и беше добро прифатен пред триесетина години.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН