Во чест на великанот – Гоце Делчев

Фестивалот на новосоздадени македонски патриотски и родољубиви песни „Гоце фест 2022“, кој го чествува великанот Гоце Делчев, годинава се одржа на 18-ти март во Домот на Армијата на Република Македонија (АРМ) во Скопје. Во годината кога се одбележуваат 150 години од раѓањето на македонскиот великан и војвода, настапија дваестина естрадни фолк изведувачи. Помеѓу нив беа афирмираните изведувачи од Македонија: Блага Петреска, Виданка Ѓорѓиевска, Круме Спасовски, Ани Малинкова, Јулија, Петар Нечовски и други, како и Љупчо Јовановски – Бубе од Мелбурн, Австралија.

Оваа година фестивалот се одржа по 33 пат, во просториите на Домот на АРМ, кога условите за одржување на фестивалот се одвиваа во протоколот на Ковид пандемијата, учество на фестивалот зедоа врвни македонски интерпретатори од Македонија и од дијаспората. Притоа на фестивалот беа интерпретирани стари и нови родољубиви и патриотски песни што ја кренаа публиката на нозе.

Настанот кој се одржа во чест на ликот и делото на големиот македонски деец Гоце Делчев беше во организација на Ансамблот за народни песни и ора „Гоце Делчев“ од Скопје, а во чест на 4-ти февруари – денот на раѓањето на Гоце Делчев. Инаку, во изминатите децении, на сцената на фестивалот се изведени близу 700-тини композиции со родољубива и патриотска содржина, од кои поголемиот дел, веќе се широко прифатени и обнародени во етничка  Македонија и во иселеништвото.

Така, тргнувајќи од далечната 1990 година, кога и за првпат се случи одржувањето на „Гоце фест“ па се’ до ова триесет и трето издание, на македонската публика и’ беа понудени прекрасни песни со родољубива и патриотска содржина, многу хитови, создадени и интерпретирани од еминентни автори и вокални интерпретатори од македонската естрада, но и од учесници – дебитанти од Македонија и од иселеништвото. За прв пат, токму на оваа манифестација, единствена од овој вид во Република Македонија, беа изведени новосоздадени песни во духот на македонската мелоритмика и фолклорна традиција, во кои беа опеани личности и настани од богатото историско минато на македонскиот народ, кои дотогаш малку или воопшто не беа користени како теми во мелопоетските македонски творби од ваков тип.

Една таква песна со сторија на длабок патриотизам беше испеана и оваа година од познатиот музичар и интерпретатор на македонски песни кој долги години живее во Мелбурн Австралија. Под број 8 беше насловот на песната ״Комитска желба״ интерпретирана од Љупчо Јовановски-Бубе. Самиот наслов зборува дека песната пее за комитите Гоце Делчев, Питу Гули, Дамјан Груев и нивната комитска желба Македонија да биде слободна.  Музиката и аранжманот на ова патриотско дело е на Цане Петров, додека текстот е напишан од сопругата на Љупчо Јовановски-Бубе, поетесата Оливера Јовановска, која и претходно има пишувано текстови за музички композиции.

Инаку, долгогодишниот директор и организатор на ј фестивалот „Гоце фест“ е познатиот Пеце Здравковски кој во сите овие години се грижи за атмосферата и организацијата. Водителка  на фестивалот беше Сузана Апостолова, која што со успех ги најавуваше интерпретаторите и нивните песни. Жири комисијата, пак, ја сочинуваа: д-р Илчо Јованов, Љупчо Соколовски и Милева Лазова, кои едногласно решија сите учесници да добијат благодарница, а со тоа за учество да нема награди за најдобра песна, текст или најдобар сценски настап.

На овогодишниот фестивал „Гоце фест“, познатиот уметник Живко Поповски – Цветин поклони 150 своерачно нацртани цветови за сите учесници. Тој својата ликовна дарба успеа да ја наслика во така наречениот цртеж „Цвеќето на мирот“, што за секоја македонска песна имаше соодветен цртеж.

Со постоењето на фестивалот „Гоце фест“ се богати македонската ризница на народни песни и овозможува секоја испеана песна со патриотски дух да претставува збогатување на македонската музичка историја, со порака и надеж дека фестивалот преку убавите патриотски песни ќе биде еден од бранителите и обединувачите на македонската вистина, македонскиот народ и Македонија.

1slave 3

Пишува: СЛАВЕ КАТИН