За да ја зајакне својата сила на море, Антигон изградил бродоградилишта во различни пристаништа, вклучувајќи ги Триполи, Библос /Byblos/ и Сидон. Исто така, обезбедил сојузништво со Кипар и испратил трупи да го чуваат Хелеспонт од можно преминување од страна на Касандер.
Дури се обидел да купи помош од Полиперхон на Пелопонез, охрабрувајќи го да започне војна против Касандер. За да ја добие поддршката од своите трупи, Антигон дури ги убедувал така што го обвинувал Касандер за убиството на Олимпија, за женачката со Салоника со сила и за обид да дојде на македонскиот трон.
Во неговото пропагандно коминике, во обид да добие поголема поддршка, Антигон им понудил на градовите-држави бројни концесии, вклучувајќи слобода, автономија и отстранување на македонските гарнизони. Но, вистинското коминике кое им било предадено на градовите-држави од страна на Полиперхон било ревидирано, а зборовите “слобода” и “автономност” биле избришани.
Во 311 година пред Христа навистина избувнала војна и Антигон се борел на два фронта, еден со Сирија, а другиот кај Хелеспонт. Исто така, избувнала војна и во градот Суса, која го вовлекла Деметриј, синот на Антигон, и неговата војска на една страна, против супериорните оружени сили на Птоломеј, зајакнати со слонови, на друга страна.
Во битката, Деметриј не му бил дораснат на Птоломеј и бил лесно поразен. Победата на Птоломеј му ги отворила вратите на Селеук да си ја поврати својата провинција. Со позајмени трупи (од Птоломеј), Селеук тргнал во поход и повторно ги освоил Вавилон, Медија и Сусиана /Media, Susiana/, повторно враќајќи си ја својата претходна функција на тој начин.
Конфликтот со Птоломеј, го вовлекол Антигон до Сирија, но поради победата на Птоломеј, Антигон заклучил дека сега не е вистинското време да продолжи понатаму со плановите. Повлекувањето на Антигон сигнализирало крај на агресиите.
Повторно се преговарало за условите за мировен договор, а улогата на секој од играчите била потврдена. Касандер требало да остане генерал на Европа, додека малиот Александар стане полнолетен; Лизимак требало да остане во Тракија, Птоломеј во Египет, а Антигон требал да биде на највисока положба во Азија. Селеук и Полиперхон не биле присутни на мировните разговори и затоа не биле вклучени во ниедна спогодба.
Според тоа, технички, Антигон се уште бил во војна со Селеук. Од сите ветувања дадени на градовите-држави, иако голем дел од дискусијата се однесувала на нив, ништо конкретно не се материјализирало.
Посмртниот ковчек за Александар
Во 311 година пред Христа, по склучување на мировниот договор, царството на Александар се уште останало цело и негибнато, но сега било контролирано од Птоломеј, Антигон, Лизимак, Селеук и Касандер, сите Македонци. Но, како што се покажало, мировниот договор од 311 година пред Христа, не бил ништо повеќе отколку привремено примирје, пауза во бескрајната битка за власт. Антигон, Лизимак и Селеук – секој од нив имал амбиции да го обедини царството на Александар, но под своја власт.
Како што биле изработувани деталите од мировниот договор, така секој од протагонистите не губел време и се подготвувал за наредната етапа конфликти. Желбата на Птоломеј била да си ги поврати провинциите Сирија и Феникија. Деметриј бил зафатен со повторна изградба на својата база на моќ, односно бастион, додека Антигон бил нестрплив да се справи со Селеук.
До 310 година пред Христа, само што не започнала нова рунда судири, поттикнати и раширени од обвинувањата на Птоломеј за прекршувања на слободата на Силицијанците /Cilicians/ од страна на Антигон. Згора на тоа, гласини доаѓале од Македонија дека малиот Александар и неговата мајка Роксана биле мртви, погубени од страна на Касандер. Не се знае дали Касандер веднаш го спровел погубувањето или подоцна, но нивната смрт била потврдена во 306 година пред Христа.
Додека се случувало сето ова, Антигон и Полиперхон ширеле гласини дека Александар III имал незаконски син по име Херакле /Heracles/, роден од врската со една жена по име Барсина /Barsine/. Херакле во тоа време имал шаснаесет години. Вооружен со оваа нова информација, Полиперхон бил подготвен да тргне во поход на Македонија за да положи право на тронот за Херакле.
Но, кога се соочил со Касандер, се што сакал Полиперхон било повторно да биде потврден како генерал на Пелопонез. Касандер бил повеќе од желен да му направи услуга како возврат за убиството на Херакле. Потоа, ништо повеќе не се слушнало за Полиперхон се’ до неговата смрт во 302 година пред Христа.
Откако Херакле веќе не му стоел на патот, единствениот жив потомок на Аргеадската лоза била Клеопатра, сестрата на Александар III, која во тоа време живеела во Сардис, барајќи си маж. За жал, и таа, исто така, била убиена околу 309 година пред Христа, без сомнение од следбениците на Антигон, кои ја прекинале Аргеадската лоза на Филип II и на Александар III.
Откако ги изгубил шансите да постигне успех во Македонија, Антигон своето внимание го свртел кон Селеук. Околу 309 година пред Христа, го испратил генералот Никанор да го нападне Селеук во неговата дамашна војничка база, но наместо победа Никанор бил поразен, а наскоро Антигон се согласил да склучи пакт за ненапаѓање со Селеук.
Борбата помеѓу Антигон и Птоломеј за контрола на медитеранските води продолжила се до околу 308 година пред Христа, кога Птоломеј извршил инвазија на еден мал регион на крајбрежјето на Пелопонез. Во 307 година пред Христа, Деметриј бил испратен од Антигон да ја ослободи Атина од Касандер. Конфликтот меѓу Антигон и Птоломеј избувнал на Кипар и победоносниот Деметриј бил повторно испратен, потиснувајќи го Птоломеј назад во Египет, во 306 година пред Христа. За да ја прослави својата победа во Кипар, Антигон ја зел титулата крал за себеси и за неговиот син Деметриј.
Антигон бил првиот од старите маршали на Александар кој себеси си прогласил за крал и ја вовел идејата да формира нова династија. До 305-304 година пред Христа, и Птоломеј и Селеук го следеле неговиот пример, па и тие, исто така, си ја присвоиле титулата крал и започнале свои династии. За да не останат покуси, Лизимак и Касандер го сториле истото.
Со Деметриј, кој извојувал победа по победа, Антигон станувал се посилен и посмел. Во 302 година пред Христа, тој ја одбил понудата за мир на Касандер и го испратил Деметриј да заврши со него. Соочувајќи се со повикот за безусловно предавство или за тотална војна, Касандер им се обратил на другите македонски маршали, Птоломеј, Селеук и Лизимак, за помош.
Дотогаш, Антигон на сите им дошол преку глава и затоа тие ја поздравиле идејата за формирање коалиција против него. Заедно изготвиле план и почнале да го спроведуваат. Им требало да ги привлечат и Антигон и Деметриј во Мала Азија. Птоломеј нападнал прв со лажна инвазија на Сирија. Тоа го поттикнало Антигон да се откаже од својот поход во Европа и брзо го испратил Деметриј во Сирија. Но, штом Деметриј пристигнал во Азија, тој и неговиот татко биле навлечени во битка во Фригија. Лизимак, Селеук и Касандер ги чекале кај Ипсус.
Александар и култот на Ахил
Претчувствувајќи победа, Деметриј јурнал со неговата коњица и се пробил низ непријателските борбени редови. Неговиот непосреден успех му дал самодоверба да ги гони непријателите кои бегале подалеку од бојното поле. Тогаш Селеук видел шанса да се вклучи во меѓупросторот со своите индиски слонови, практично пресекувајќи ги шансите на Деметриј да се врати во битката. Антигон се борел жестоко, но без Деметриј, не бил дораснат на своите непријатели.
За да бидат работите уште полоши, самиот Антигон бил смртно ранет и умрел додека битката се уште беснеела. Без водството на Антигон или Деметриј, Антигоновата војска била лесно поразена. Деметриј, со околу 9.000 војници, успеал да избега и да побегне во Ефес /Ephesus/, но понижувачкиот пораз го оставил со не многу голема војска. Но, сепак, Деметриј не изгубил се’. Ја имал флотата на татка си и се’ уште го контролирал Кипар и некои раштркани крајрежни градови во близината. Од друга страна, победничките сојузници сега го поседувале пространството на Азија и сето нејзино богатство.
Продолжува
Пишуваат: РИСТО СТЕФОВ И
СЛАВЕ КАТИН