Дел од вистината за Македонците во Пиринска Македонија

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА 

Во наредните продолженија ќе се обидеме читателите да ги информираме за дел од вистината на Македонците во Пиринска Македонија. Тоа не поттикна во утринските часов на едно августовско утро да тргнавме кон Горна Џумаја, денешен Благоевград, над кој во далечината горделиво се издигаше Пирин Планина, убавецот и највисоката од сите планини во Македонија. За оваа славна планина се врзани безброј легенди за војводата Јане Сандански и за Македонците од овој убав пирински крај.

Под Пирин Планина, во рамниот простор што реката Струма го дели на два дела, се вгнездил градот Благоевград (порано Горна Џумаја). Бргу се спуштивме низ густата шума на патот за Благоевград. Овде-онде среќававме по некој автомобил и трактор. Влеговме во градот и откај автопатот што води кон Софија се упативме по улицата која води во центарот на градот.

Инаку, Горна Џумаја од 1950 година официјално го носи името Благоевград во чест на Димитар Благоев-Дедото, социјалист од селото ЗагоричаниКостурско, кој беше еден од основачите на социјалистичкото движење и партија во Бугарија

Во Благоевград е подигнат споменикот на Гоце Делчев, големиот македонски син, кој за жал, неправедно и грубо, во пиринскиот дел на Македонија, од страна на Бугарите, се прикажува како борец на бугарскиот народ. Но, се поставува прашањето: Зошто бугарските националисти не го поставиле споменикот на Гоце Делчев во Варна, ако бил Бугарин, туку го поставиле во Благоевград, во Пиринска Македонија. Или зошто Бугарија и’ ги даде моштите на Македонија, за тој мирно да почива во црквата Свети Спас во Скопје. Сигурно, тоа го направиле бидејќи Гоце Делчев бил Македонец и ништо друго.

Неговото име стана легенда вткаена во свеста на македонските народни маси. Неговото име ги возбудуваше македонските поколенија, со тоа име македонските прогресивни сили ја водеа во сосема нова општествено-политичка ситуација борбата на македонскиот народ за национално и социјално ослободување.Гоце Делчев е колективна меморијакај Македонците, затоа Гоце Делчев е Македонија

Неговите посмртни останки прво се чуваат во Баница до 1917 година, кога се пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чува во домот на Михаил Чаков, а на него пишувало: „Ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребани во главниот град на независна Македонија. Август 1923, Илинден“. Заветот е исполнет и на 11 октомври 1946 година се пренесени во Скопје, во црквата Свети Спас.

Застанавме пред споменикот на Гоце Делчев, се поклонивме и направивме повеќе фотографии. Го видовме просторот околу споменикот и потоа се упативме на спротивната страна од паркот, од кај реката во тесната уличка, каде што живее еден наш пријател роден во Воден, во егејскиот дел на Македонија, а бил донесен во Бугарија заедно со уште многу илјади Македонци, кои како стебла беа откорнати од родната грутка и преселени со грчко – бугарскиот договор за размена на пограничното население од дваесеттите години на минатиот век.

Лесно ја пронајдовме куќата и влеговме во дворот. Нашиот пријател е црномурест, со крупни веѓи натежнати над очите од кои зрачи пријателство, светлина, тага… Тој е со карактеристични црти на лицето на кое времето оставило трајни белези. Поради својата национална определеност како Македонец немал успеси во животот во Бугарија, но тоа не ја променило неговата определба во врска со националното прашање. Кога се сретнавме почна да нѐ гушка и да плаче од радост. Ни збор не можеше да прозбори од возбуда. Седна и со внимание нѐ слушаше за сѐ што му кажувавме.

Инаку, како старец, изнемоштен, со мала пензија и во тешки услови за живот, тој бил учесник во културно-просветната дејност кога по Втората светка војна во пиринскиот дел на Македонија беа отворени македонските училишта, книжарници, весници. Ни раскажуваше за минатото, за тешкиот живот, за својата тага која, како што рече тој, е голема како Пирин Планина.

Кај него, веројатно, носталгијата беше поизразена, така што постојано ни зборуваше за својот роден град Воден. За жал, откако го прогониле од родната земја, никогаш повеќе не го видел родното место и гробовите на своите предци. Неговата тага беше уште поголема што не се здобил со национална слобода, но беше горд што останал Македонец. Ја чуваше личната карта од времето кога во Бугарија беа признати правата на Македонците и кога во документите можеше да се напише дека по националност е Македонец.

Со тага се разделивме со нашиот пријател, а потоа го продолживме нашето патување кон градот Симитли, кон Разлог и Банско. Патот што води кон исток се искачува долж реката Елвица, која извира од северните падини на Пирин Планина и се слива во Струма. Патот е тесен, асфалтиран, но пријатен за возење. Меѓутоа, живописната природа: брзата река, високите букови шуми и прекрасните елки што се издигаат над голем број падинки вдолж патот, го тераат човека да заборави на сѐ што се случува во сообраќајот.

Брзо стасавме до планинскиот превој наречен Предел кој се наоѓа на 24 километри источно од Симитли, а 12 километри западно од Разлог, на надморска височина од 1.140 метри. Тоа е пријатно планинско катче за одмор и рекреација и е тесно врзано со историјата на македонскиот народ. Имено, во непосредна близина на Предел, во правец на Симитли, на 16 септември 1901 година, четата на големиот и славен пирински цар Јане Сандански ја грабна американската мисионерка Мис Стон, за која доби многу богат откуп за купување оружје.

Во таа борба за слобода на Македонија легендарниот војвода Сандански рекол: „Ние не сакаме да ја замениме турската тиранија, турските султани со други тирани, па ни со бугарски тирани и бугарски кнезови. Македонија треба да стане автономна, независна, слободна држава и да биде на Македонците“.

Во Пиринска Македонија е сместен планинскиот превој наречен Предел кој се наоѓа на 24 километри источно од Симитли,а 12 километри западно од Разлог, на надморска височина од 1.140 метри. Тоа е пријатно планинско катче за одмор и рекреација и е тесно врзано со историјата на македонскиот народ. Имено, во непосредна близина на Предел, во правец на Симитли, на 16 септември 1901 година, четата на големиот и славен пирински цар Јане Сандански ја грабна американската мисионерка Мис Стон, за која добие богат откуп за купување оружје.

Продолжува

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН