Дел од вистината за Мала Преспа

 

Мала Преспа или Долна Преспа, како Преспанци ја нарекуваат е географска област покрај југозападниот брег на Преспанското Езеро. Целата област се состои од десетина села коишто се организирани во Општината Пустец. Селото Пустец, пак, е најголемата населба, а истовремено е и седиште на општината, чиј градоначалник и сите членови на советот на оваа, за жал, единствена македонска општина се етнички Македонци.

Интересно е да се спомене дека грбот на општината го содржи древниот македонски симбол, 16-зрачното сонце од Кутлеш (Палатица – Виргина) над кое стои двојазичен натпис на македонски јазик Општина Пустец, а под него и на албански јазик.

Мала Преспа како нераскинлив дел од Македонија беше даден на Албанија по потпишувањето на Версајскиот мировен договор во 1919 година. Со овој договор заврши поделбата на Македонија меѓу Србија, Грција, Бугарија и Албанија и започна ерата на денационализација и присилна асимилација на македонскиот народ.

Денес, Македонците во Албанија имаат далеку поголема слобода и човекови права од Македонците во Грција и Бугарија, меѓутоа, сепак, тие се недоволни. А сè уште постојат бројни прекршувања на човековите права во Мала Преспа, Гора и Голо Брдо и на други места каде живее македонско население.

Инаку, се смета дека Благој Попов, како претседател на Извршниот совет на Собранието на СР Македонија, бил првиот државник кој официјално ја посетил Албанија во октомври 1980 година. Тоа била прва средба на висок претставник на тогашна Југославија со Македонците во Пустец и околните населби, кои по 32 години затвореност се сретнале со Македонец од слободна Македонија.

Во тој период и покрај тоа што било запишано во една декларација дека на Македонците им се „гарантира заштита и развој на националната култура и традиции, потребата на мајчиниот јазик и рамноправност во сите облици”. Меѓутоа, во суштина, Македонците во комунистичка Албанија не ги уживале ниту елементарните национални права. Тие биле изложени на интензивна денационализација, изолација и албанизација.

Единствено во регионот на Мала Преспа, во селото Пустец, во првите одделенија на основното училиште наставата се изведувала на македонски мајчин јазик. Но, во повисоките одделенија, како и во средните и високите школи, македонскиот јазик воопшто не бил застапен, за разлика од застапеноста на албанскиот јазик во сите образовни институции во Република Македонија.

Според тогашните податоци во Долна Преспа се вели дека имало 10 села со околу  5.000 исклучително Македонци, дека појавата на маларични туберкулозни заболувања била искоренета, а смртноста на доенчињата намалена, дека биле освоени многу нови обработливи површини, изградени нови плантажи со овошје и лозја кои се наводнувале и дека било развиено стопанството и риболовот.

Во селото Пустец, пак, имало пошта, универзална продавница, сала за приредби, во која се одржувале и кино претстави, дека вработените во Кооперативата добивале плата по 10-12 лека дневно, дека секое семејство имало право на земја на која се садело зеленчук и лозја, што обезбедувало семејството да има вино и ракија за сопствени потреби.

Исто така, во документите се вели дека немало неписмени и дека покрај осумгодишното училиште во селото Пустец, во другите села имало четиригодишни училишта во кои наставата се изведувала на македонски јазик. Во училиштето работеле поголем број учители–Македонци, а само двајца биле Албанци.

Исто така, во тој период од Мала Преспа имало 17 Македонци – студенти на разни факултети во Тирана и Корча и дека поголем број Македонци стекнале факултетско образование и како лекари, агрономи, економисти и правници нашле вработување во повеќе места во Албанија. Во Пустец, пак,  имало болница која била нов објект и за селски прилики голема, на приземје и на кат, имало амбуланта со интерно, акушерско и стоматолошко одделение, како и аптека, а лекарите, сестрите, фармацевтите и другите вработени биле Македонци.

За Пустец и другите населби, не само локалните жители, туку и албанските раководители од Корча говореле дека таму живеело чисто македонско население и дека немало ниту еден Албанец. Меѓутоа, сите јавни информации, натписи и пароли, со исклучок на две – три пароли, биле испишани на албански јазик. Така, називот на селото бил променет од Пустецво „Ликенас”.

Меѓутоа, веројатно вистината е поинаква, бидејќи Македонците од Мала Преспа со децении очајнички се бореле да преживеат како земјоделци и сточари. Како лавови се грижеле за своите семејства да опстојат како Македонци и покрај тоа што нивните имиња биле поалбанчени.

Тие се бореле да ги негуваат вредностите на националната самобитност на македонскиот народ. Накусо, останаа Македонци на својата земја и огниште, со свој мајчин македонски јазик, македонска култура, традиција, историја, македонски нишани.

Во Мала Преспа и во други албански градови има голем број Македонци кои се врвни интелектуалци и поставени на различни општествени и други позиции и кои се дел од сегашниот и идниот прогрес на Албанија. Затоа ќе направиме скромен обид да се презентираат одреден број од тие познати и признати личности, кои ќе осветлат дел од вистината на националното и културното живеење на македонскиот народ од другата страна на Преспанското Езеро и Мала Преспа, на поделена Македонија.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН