Италија е важен политички и економски партнер на Северна Македонија, а остварените резултати на нашата земја на патот на евроинтеграциите треба да имаат соодветна завршница со итно отворање на пристапните преговори.
Ова беa главните поенти од вчерашната средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и неговиот италијански колега Марио Драги, која се одржа во рамки на дводневната посета на македонската делегација на Рим по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на Светите браќа Кирил и Методиј.
И двајцата премиери беа децидни дека проширувањето на Европската Унија е клучно за просперитетот на регионот и на Европа.
Премиерот Ковачевски по средбата истакна дека од Италија имаме гласна и доследна поддршка за процесот на интеграција во ЕУ.
Од владината прес-служба информираа дека двајцата премиери изразиле согласност дека проширувањето на ЕУ треба да се разгледува од геополитички аспект, како безбедносно прашање клучно за стабилноста и просперитетот на целиот регион и на Европа.
Било потенцирано дека ЕУ треба да го препознае моментот и да го има предвид и фактот дека Северна Македонија ја осуди војната во Украина и целосно ја усогласи својата со надворешната политика на ЕУ, како вистински и кредибилни партнери, споделувајќи ги истите вредности на слободен и демократски свет.
Премиерот Ковачевски, кој ја предводеше македонската делегација на одбележувањето на Денот на светите браќа Кирил и Методиј, оствари средба и со бугарскиот премиер Кирил Петков по која изјави дека продолжуваат разговорите меѓу експертските тимови на министерствата за надворешни работи и кога ќе има одреден напредок тогаш ќе биде соопштен на ниво на министри.
– Средбата се искористи и за разговор врзан за потребата од продолжување на дијалогот за деблокирање на процесот за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Премиерот Ковачевски во разговорот со премиерот Петков истакна дека за двете земји од најголема придобивка е процесот на пристапување да се откочи со решенија засновани на европски вредности поддржани и прифатени од двете страни со почитување на достоинството на граѓаните, соопшти владината прес-служба по средбата.
Инаку, вчера во рамки на одбележувањето на Денот на Светите Кирил и Методиј, македонската делегација оддаде почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе.
Премиерот Ковачевски, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи имаа средба и со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер, на која беше истакнато дека дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Ватикан бележат континуиран развој со високо ниво на меѓусебна доверба, разбирање и пријателство.
Програмата во чест на Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, во понеделникот беше заокружена со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре.
Во културно-уметничкиот дел, во понеделникот во салата „Балдини“ во Рим се одржа концертот на реномираниот тенор Благој Нацоски, кој настапи со пијанистот Алесандро Д‘Агостини.
Државни делегации од земјава традиционално секоја година оддаваат почит за Денот на сесловенските просветители во Рим и Ватикан.