Премиерот Димитар Ковачевски денеска во рамките на посетата на Рим и Ватикан, по повод одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, ќе има тет-а-тет средба, а потоа и аудиенција кај неговата светост папата Франциск.
На аудиенцијата кај папата Франциск, заедно со Ковачевски ќе присуствуваат и ќерката Тамара Ковачевска, како и членовите на делегацијата министрите за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Во делегацијата се и Мартин Попов, шеф на Кабинет на претседателот на Владата, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол на премиерот, Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Пимен Илиевски, митрополит на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски, митрополит на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов, декан на струмичка епархија на Католичката црква, соопшти владината прес-служба.
Како што е најавено, Ковачевски заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе имаат средба и со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер.
Програмата во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, денеска делегацијата на Република Северна Македонија ќе ја заокружи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре и со пригодна културно-уметничка програма во која ќе учествуваат и наши истакнати уметници што живеат и работат во Италија.
Како дел од работната посета, премиерот Ковачевски ќе се сретне и со премиерот на Бугарија Кирил Петков.
Утре, официјалниот дел од програмата започнува со оддавање почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе, каде што митрополитите Пимен и Јосиф ќе одржат молебен во чест на Св. Кирил на кој ќе присуствува целата делегација на Република Северна Македонија предводена од премиерот Ковачевски.
Работниот дел од посетата на Италија во текот на утрешниот ден ја вклучува и средбата на премиерот Димитар Ковачевски со претседателот на Советот на министри на Италија, Марио Драги.
Во културно-уметничката програма, денеска во салата „Балдини“ во Рим ќе се одржи концертот на реномираниот тенор Благој Нацоски, кој ќе настапи со пијанистот Алесандро Д‘Агостини. На програмата се дела од Страдела, Хендл, Хајдн, Фирфов, Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Благој Цанев… Ќе бидат изведени стихови од: Владо Малески, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов.
Пред почетокот на концерот ќе се обрати министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Во рамките на чествувањето на светите Кирил и Методиј, во киното „Тицијано“ утре ќе биде прикажан документарниот филм „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска, чие претставување е на иницијатива од М акедонската амбасада во Рим и Асоцијацијата „Жени дипломати“ при МНР на Италија (АЦДМАЕ).