Мухиќ, Гаши и Села тврдат дека гласале за Законот за јазиците

Пратениците Ферид Мухиќ, Африм Гаши и Зијадин Села денеска на почетокот од продолжението на 35. собраниска седница процедурално се обратија со реакција зошто не се регистрирани дека вчера гласале за Законот за употреба на јазиците.

Мухиќ рече дека гласал со целосно уверување дека Законот што беше дионесен е за доброто на граѓаните, државата и нејзините перспективи.

– Сакам да потврдам дека сум гласал, што се гледа и од снимката при гласањето на немнозинските заедици. Проблемот е јасен, не знам дали може да се поправи оти во стенограмот не сум внесен. Но, тука е и некаква предност бидејќи и со оваа изјава сакам да го изразам своето целосно уверување дека овој закон е и уставен и за доброто на граѓаните и на Македонија, рече Мухиќ.

Претседателот на Движењето БЕСА, Гаши  нагласи дека како партија тие отсекогаш го поддржувале законот.

Села од Алијансата на Албанците рече дека поднел и писмено барање до Џафери детално да се разгледа постапката на гласање и да се објават видео-материјалите од двата монитора каде се гледа дела тој гласал.

– Јас вчера гласав за законот во секоја фаза – и при електронското гласање и со кревање рака по Бадентер и вие како претседател на Собранието ќе треба да го објасните ова, рече Села и упати честитки до сите пратенции кои гласаа за Законот за јазиците со кој според него Македонија станува побогата како општетство, а се исполнил и дел од Рамковниот договор.

Претседателот на Парламентот Џафери појасни дека во Собранието за која било точка за која ќе помине гласањето на дневниот ред листингот оди на веб страницата како завршена точка.

– Нема потреба за писмено барање, ќе добиете видеоснимка од состојбата во салата додека траела процедурата за гласање. Со оглед дека процедурата трае 10 секунди можно е да не сте го притиснале навреме копчето за гласање и тоа да не се регистрирало. Но, нема можност електронски селективно да се интервенира во гласањето. Кај изразувањето со рака јасно се гледа на видеото дека сте гласале. Апелирам работите кои се случуваат во собранието да не се користат по социјалните мрежи, оти тоа се неофицијлани работи. Она што е официјално за Собранието има и евиоденција и тоа може да го добиете кога ќе поскате, рече Џафери.

Пратениците во рамки на оваа седница денеска изгласа и повеќе закони во прво читање за кои претходно е завршена општата расправа, а се поднесени од пратеници од парламантераното мнозинство.

По завршувањето на оваа, Собранието треба да ја продолжи 11. седница на која треба да се дебатира по Предлог законот за изменување на Законот за заштита од пушењето, по скратена постапка.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваат на денешната собраниска седница.