ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ од утре почнуваат со активна блокада на Собранието. Ќе спречуваат, како што најавија, носење штетни закони, но на претстојната расправа за ребалансот на Буџетот ќе учествуваат.
Како што соопшти координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски по денешната координативна средба со своите колеги и со претставници од коалицијата „За обнова на Македонија“, одлуката за активна блокада на Собранието била едногласно донесена и најверојатно ќе трае до одржување предвремени избори.
Активната блокада, напомена Мицевски, следува откако премиерот Ковачевски и Владата одбиле дијалог во четири клучни области за граѓаните – економија, здравство, образование и меѓународна политика со акцент на блокадите од Бугарија, но и како природно решение на сите овие проблеми, разговор за датум за предвремени избори и соочување со волјата на народот.
-Понудата на ВМРО-ДПМНЕ за дијалог која опфаќа и решенија во овие четири области, како и разговор за предвремени избори, не е шведска маса со која премиерот може да се служи во сегментите кои само него му одговараат. Подготвени сме да одиме до крај зашто можеме и мораме да ја осигураме иднината на граѓаните. Ова е процес што ќе трае најверојатно до пад на ова Влада и одржување предвремени избори иако тоа се процеси што бараат размислување и дефинирање одредени чекори. Активната блокада е последица, реакција на акцијата на Владата на Ковачевски, предводена од СДСМ и ДУИ кои не покажаа чувство за државност и одбија секаква можност за дијалог околу најважните прашања за државата. Тоа што Ковачевски од целата оваа понуда за нормален дијалог се фокусира само на предвремени избори, покажува дека е свесен дека е премиер на Влада која нема поддршка од народот. Во тоа е болката, се плашат од соочување со граѓаните, изјави Мицевски пред седиштето на партијата.
Тој дополни дека „се што е штетно ќе биде блокирано“.
-Ќе има активна блокада за спас од ценовните шокови, блокада на криминалната банда и лицемерието на власта, блокада за спас од сиромаштијата. Ќе почнеме од Собранието зашто таму се носат штетни закони. Се што е штетно ќе биде блокирано, но има и процеси кои на дневна основа треба да течат. Следува ребаланс на Буџетот на кој активно ќе учествуваме и ќе ги кажеме сите забелешки и ставки преку кои мислат да го испразнат Буџетот, објасни координаторот на пратеничката група, објасни Мицевски.
Одговорајќи на новинарско прашање за законите со европско знаменце, Мицевски рече дека и тоа има граници.
-И пуштањето закони и злоупотребата на европско знаменце има граници. Последниот извештај на Европската комисија токму тоа го нотира. Во ситуација кога нема активна блокада, ако бидат паметни, законите ќе си ги пуштат во редовна процедура за да не убедат дека е исправно она што го прават. Во спротивно, ќе сметаме дека ова што го прават е злоупотреба на процедурите, рече Мицевски.
Оваа Влада, според него, нема избработено ништо од закони.
-Денеска или утре ќе соопштам колку точно закони има донесено оваа Влада. Ќе се фрапирате од бројката зашто не се повеќе од 40-на. Дваесет и нешто министерства за 100 дена донеле 40 закони или помалку од пола закон на ден, па што работат во оваа Влада? Затоа е потребно ден поскоро да имаме предвремени избори и нова влада за спас од национална катастрофа, додаде координаторот.
Одлуката за активна блокада на Собранието што беше денеска усвоена, претходно ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
На координативната средба присуствуваше и лидерот на партијата Христијан Мицкоски.