Вархеји: Крајно сум разочаран што се уште разговараме за почеток на преговори со Северна Македонија

Крајно сум разочаран што се уште разговараме за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија. Мислев дека ова прашање го решивме пред две години, но сега повторно се врати на масата, порача денеска од Софија еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји во своето обраќање на Форумот за односите меѓу Европската Унија и Балканот (EU meets Balkans).

– Кога сум веќе во Софија, има уште едно големо прашање кое не може да се избегне, а да не се продискутира – а тоа е кога ќе ги имаме првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија и кога ќе почнеме да испорачуваме кон овие земји, рече Вархеји.

Вархеји нагласи дека ЕУ нема ниту време, ниту интерес да се одложуваат првите меѓувладини конференции со Скопје и Софија.

– Сите земји членки треба да ја разберат трансформативната моќ на процесот на пристапување. И ова е пораката што ја носам во Софија повторно, бев тука пред три седмици и ќе доаѓам колку што е потребно за да ова се реши ова прашање во јуни годинава, бидејќи војната во Украина ни покажа дека ниту немаме време за губење, ниту интерес да се одложува овој процес, подвлече Вархеји.

Според него, војната во Украина и лекциите од минатото покажаа дека треба да се забрза процесот на целосна интеграција на Западен Балкан во Унијата.

– Кога го наследивме ќорсокакот во процесот на преговори со Северна Македонија и Албанија ние исто така наследивме регион каде што и економскиот и социјален јаз меѓу ЕУ и регионот е огромен и тоа останува еден од клучните предизвици, да не ги споменуваме и институциналните реформи што треба да се направат, додаде Вархеји.

Затоа, продолжи Вархеји, е важно проширувањето на Западен Балкан да го ставиме во првите пет политички приоритети на ЕУ, затоа што војната што ја гледаме во Украина веќе ја имаме видено на Балканот и се уште имаме лекции што треба да ги научиме – а тоа е дека целосната интеграција на Западен Балкан во ЕУ најмногу ќе придонесе за стабилност и просперитет.

Еврокомесарот Вархеји по Софија, утре доаѓа во Скопје, во рамки на неговата турнеја низ регионот која ги опфаќа и Хрватска, Бугарија и Албанија.

На овој панел „Придобивки од интеграцијата“ во рамки на форумот, што го модерираше поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Фередика Могерини, говореше и шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој истакна дека во седмиците што следат, одлуките донесени на ниво на ЕУ ќе бидат од суштинско значење за иднината на Западен Балкан и неговата ЕУ перспектива и оти секое натамошното одложување на овој пат може да има сериозни регионални последици.