Пендаровски во дводневна официјална посета на Црна Гора

Претседателот Стево Пендаровски денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Црна Гора.

– Во Подгорица, денеска, претседателот Пендаровски со највисоки државни и воени почести ќе биде пречекан од претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, по што ќе се одржат тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели, пленарен состанок на делегациите на Република Северна Македонија и Црна Гора и заедничка прес-конференција на двајцата претседатели, соопштија од кабинетот на шефот на државата.

Во рамки на посетата, Пендаровски ќе има средби и со црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ и со Дритан Абазовиќ, заменик премиер и мандатар за состав на нова Влада на Црна Гора.

Во Бар утре ќе се одржи свечена церемонија на која претседателот Пендаровски ќе му ја предаде спомен-плочата на Владимир и Косара на црногорскиот претседател Ѓукановиќ, во знак на силното пријателство и културно-историската врска меѓу Северна Македонија и Црна Гора.