САД сметаат дека е неопходно максимално забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ и поддржуваат итно изнаоѓање заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања со Република Бугарија, истакнал заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар на денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски за време на Економскиот форум Делфи во Грција.
Ковачевски и Ескобар, како што информираат од владината прес-служба, изразиле согласност дека нема време за губење и оти секое натамошно одлагање на тој процес предизвикува сериозни регионални последици, го поттикнува националистичкиот наратив со што се отвора вратата за зголемено влијание на трети страни.
– Дел од одговорите на овие ризици, беше речено на средбата Ковачевски-Ескобар, се содржат во иницијативата „Отворен Балкан“, која како што потенцираше заменик-помошникот на државниот секретар, САД целосно ја поддржува затоа што нејзиниот концепт го помага регионалниот развој и ја забрзува европската интеграција на земјите од Западен Балкан, се вели во соопштението од Владата.
На средбата било констатирано дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ како исклучително важна тема за САД, заедно со заедничкото стратешко учество во НАТО и со билатералното партнерството меѓу двете земји кое што е во постојан развој.
Ковачевски и Ескобар разговарале за актуелната состојба во светски рамки, кризата предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина, како и справувањето и, како што се вели во соопштението, ефикасниот одговор на мерките на Владата за енергетската криза.
Премиерот Ковачевски во разговорот со Ескобар истакнал дека е обезбеден стабилен континуитет на стратешките политички определби за поддршка на процесите за активно учество на Северна Македонија во НАТО, како и за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.