Не за избрзано решение со Бугарија, Софија да помогне за реализација на ветувањето за старт на преговорите со Скопје и Тирана

Потребно е брзо, но не и избрзано решение со Бугарија. Тајни разговори нема, во моментов се разговара, но се уште нема заемно прифатливо решение, рече вчера премиерот Димитар Ковачевски. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, пак, вечра од Софија порача дека Бугарија треба да помогне за реализација на ветувањето за старт на преговорите со Скопје и Тирана.

Албанскиот премиер Еди Рама во исто време побара одвојување на Албанија од Северна Македонија на патот кон членство во ЕУ.

Премиерот Ковачевски истакна дека од секогаш се залагал да има брзо решение со Бугарија, но, како што нагласува, не избрзано. 

Јас никогаш не се врзував со датуми. Секогаш кажував дека нам ни треба брзо, но не избрзано решение. Министерствата за надворешни работи на двете земји работат на политичките прашања. Тие политички прашања ги разговараат на средби според стандардите на меѓународните односи. Во моментов се работи на размена на идеи по однос на отворените политички прашања, а штом ќе има документ или решение што е прифатливо за двете страни, тогаш тоа ќе биде соопштено како на институциите во Бугарија согласно нивните законски постапки, така и кај нас согласно нашето уредување и нашите закони. Во овој момент такво заемно прифатливо решение не постои, истакна премиерот Ковачевски во одговор на новинарско прашање.

Тој нагласи дека нема некакви тајни преговори или разговори за ова прашање и оти се за што се разговара е веќе познато.

– Знаете дека со Бугарија имаме односи кои се базираат на искрена комуникација помеѓу двете влади, помеѓу двата премиери. Веќе работат работни групи со конкретни резултати во делот на економијата, инфраструктурата, во делот на образованието, културата и европските интеграции. Ние веќе имаме врз основа на работата на тие работни групи потпишано голем број на меморандуми, имаме и конкретни чекори направено во различни области, истакна Ковачевски.

Премиерот одговараше и на прашање во однос на информацијата за тоа дека постојат поединци кои работат во државните институции и кои практично работеле да не се постигне договор помеѓу Бугарија и  Северна Македонија и притоа истакна дека случајот ќе се процесуира согласно процедурите. 

– Таа информација веќе првиот ден ја имавме министерот за надворешни работи и јас. Тоа нормално дека во рамките на МНР ќе се процесуира согласно процедурите до соодветните служби, меѓутоа јас не можам да кажам повеќе, бидејќи се работи за класифицирани информации, рече Ковачевски.

На средба на Ковачевски со австриска министерка за европски прашања, Каролин Едштадлер,  на маргините на неговата работна посета на Грција, по повод учеството на Економскиот форум Делфи, беше изразена  недвосмислената поддршка на Австрија за евроинтегративниот процес на земјава. Во однос на заедничкиот интерес за прашањата за интеграцискиот процес на Северна Македонија, премиерот Ковачевски на средбата истакнал дека сега е совршениот тајминг за итно забрзување на процесот за отворање на пристапните преговори за Северна Македонија, затоа што на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан треба да се гледа од геополитички аспект, како безбедносно прашање клучно за стабилноста и просперитетот на регионот и на Европа.

 

Претседателката на ЕК во меѓувреме од Софија, на заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер Кирил Петков, порача дека Европскиот совет уште во 2020 година донесе одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија и побара Бугарија да помогне за реализирање на таа одлука.

Таа истакна дека правата на малцинствата се во основата на европските договори и вредности и дека заштитата на малцинските права е основна вредност и тие се во фокусот на вниманието.

Фон дер Лајен нагласи дека е важно ЕУ да го исполни своето ветување во овие тешки времиња кон своите соседи. Според неа, времињата се многу бурни и тие ќе ја одредат иднината на Европа.

Претседателката на ЕУ рече дека ништо нема да е исто како што било пред војната во Украина и повтори дека треба да се исполни ветувањето кон партнерите од 2020 година, додавајќи оти смета на Бугарија дека вешто ќе го води процесот.

Бугарските партии Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија вчера демантираа дека имало заткулисни договори за укинување на ветото за почеток на преговорите на земјава за членство во Европската унија, како што претходно во објава на Фејсбук сугерираше лидерот на партијата Има таков народ (ИТН), Слави Трифонов, додека Бугарската социјалистичка партија (БСП) соопшти дека нема информации за таква заложба од бугарскиот премиер Петков.

Трифонов во објавата посочи дека Петков се обидува „да го заобиколи“ владиниот коалициски договор во делот за земјава и „без никакви услови да го повлече бугарското вето“. – Тој сака да започне преговори со Северна Македонија до крајот на јуни, без никакви правни гаранции за правата на Бугарите, во оваа земја, напиша Трифонов во објавата.

Албанскиот премиер Рама, вчера порача дека Албанија ќе побара од Европската Унија дали може да ја продолжи кандидатурата за членство одвоено од нејзиниот сосед Северна Македонија, која продолжува да се соочува со бугарско вето.

Говорејќи во Тирана, Рама рече дека не е оптимист оти Бугарија наскоро ќе го укине своето вето за Скопје. – Албанија не може повеќе да чека додека двајцата соседи не ја решат својата кавга, рече Рама, додавајќи дека Албанија има добри односи со двете држави.

Нашиот политички курс по ова прашање, рече тој, целосно ќе се промени.

Рама ги даде овие коментари при претставувањето на националното истражување со повеќе од половина милион испитаници, кое покажа дека 67 отсто сакаат различен пат на членството на двете земји.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, вчера на состанокот на НАТО во Брисел рече дека Западен Балкан е неизоставен дел од идната безбедносна структура во Европа и затоа евроатлантската и европската интеграција на Западен Балкан е безбедносно прашање и алатка за зајакнување на стабилноста.

– Оттука упатуваме јасна порака за што поскоро отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, што е од круцијално значење за зачувување на регионалната и европската безбедност, истакна Османи, кој учествуваше на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за надворешни работи, што се одржа во седиштето на НАТО во Брисел.

Во Скопје, пак, германската амбасадорка Анке Холштајн рече дека Владата во Берлин сега е уште повеќе фокусирана на Западниот Балкан од кога било порано.

– Има именувано специјален пратеник за Западен Балкан. Ќе продлжиме со Берлинскиот процес за зајакнување на поврзувањето во регионот. Но, најважна е дека сега политиката на проширување станува безбедносна политика и треба да и се даде значителен поттик, особено за пристапувањето на Северна Македонија и Албанија, да се даде визна либерализација на Косово, да се постигне поголем напредок во односите со Србија, како и стабилност во БиХ точно 30 години по отпочнувањето на војната, рече Холштајн на отворањето на Регионалната школа за безбедност 20 22 на тема „Хибридните закани и надворешни актери во време на воена агресија во Европа – импликации врз регионалната безбедност“, во организација на Универзитетот „Св.Климент Охридски ”, Фондацијата „Конрад Аденауер“ и „Вилфред Мартенс“ Центарот за европски студии од Брисел.

Таа истакна дека имајќи го ова предвид, ние треба да работиме на принципот повеќе за повеќе, помалку за помалку.

– Северна Македонија ги споделува целиот сет на санкции со импликациите врз сеткорите енергетика, земјоделство  и недостигот на пазари. Поддршката на ЕУ е потребна со цел да се овозможи справување со сите овие проблеми. Уште нешто станува многу јасно дека Преспа и болното откажување од традиционалното име на земјата се исплати. Земјата сега ужива безбедност како членка на НАТО. Членството во НАТО е и силен аргумент за Северна Македонија, како бизнис дестинација. Во однос на проширувањето не се работи за тој фамозен датум за започнување на преговорите, туку многу повеќе се однесува на севкупните внатрешни долгорочни реформски процеси кои треба да се забрзаат за да се изгради постабилна демократија, земјата да стане поотпорна на влијанието од партиите. Овде сведочиме и на зачудувачки ефекти што ги постигнува руската пропаганда, преку Србија и регионот, рече амбасадорката Холштајн.