Петровска: Нашите бизниси да влезат на пазарот на НАТО

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска апелираше до компаниите и стопанските комори, да ја засилат соработката и максимално да ја искористат можноста за влез на нашите бизниси на пазарот на НАТО.

Како што истакна Петровска во обраќањето на настанот „Денот на НАТО – 4 Април“, членството во Алијансата не подразбира само безбедност и сигурност на државата, туку и гаранција за инвестициите, нов пазар, нови можности, прогрес и шанса за бизнисот.

-Со зачленувањето во НАТО, покрај гаранциите за безбедност, се обезбеди и сигурност за домашните компании при склучувањето партнерства со странски фирми. Дополнително, се отвори и можноста за нашите компании активно да учествуваат на јавните набавки кои се објавуваат од НАТО агенциите за набавки. Досега, постапката за регистрација за учество на НАТО-јавните набавки ја имаат направено 13 компании. Но, јас ве охрабрувам заедно да ги искоритиме овие можности. За оваа цел, компаниите имаат вистински партнер во Министерството за одбрана во чии рамки е воспоставен Центарот за поддршка на македонските компании за пробив на НАТО пазарот. Овој центар ќе го зајакнеме и со луѓе и со експертиза. Ги повикувам компаниите и коморите на соработка – да ја искористиме можноста најдобро што можеме, нашите бизниси да влезат на пазарот на НАТО, потенцира министерката.

Според неа, безбедноста гарантира зголемување на економскиот раст.

-Членството во НАТО носи нови можности, нов пазар и побрз прогрес. Тоа е и гарант за нови инвестиции, најголема шанса за нашата бизнис заедница и компаниите да учествуваат во големиот синџир на набавки и снабдувања со производи и услуги за потребите на НАТО, додаде министерката.

Во обраќањето, таа повтори дека нашата земја одамна го трасираше патот кон НАТО, а по речиси три децении ја мина и целта што, гледано од денешна перспектива, потврдува дека како држава сме ја направиле вистинската одлука.

-Не дозволивме фрустрацијата од чекалната во НАТО да не поколеба. За сето време демонстриравме капацитет и историска мудрост, но не ја загубивме и амбицијата да бидеме уште подобри дури и кога го минавме прагот на НАТО. Денес повторно сме соочени со предизвици, со немилосрдна војна. Оваа криза покажува колку е непредвидлив светот во кој живееме и колку е важно да имаме сојузници, подвлече министерката.

На настанот „Денот на НАТО – 4 Април“ што го организираше Евроатлантскиот совет на Северна Македонија, освен министерката Петровска, се обратија и премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Евроатланскиот совет на Северна Македонија, Исмет Рамадани и американската амбасадорка Кејт Брнз.