Наспроти сериозниот напредок во политичкиот дел од преговорите Скопје-Софија, обиди за закочување на евроинтегративнот процес

Обиди да се попречи процесот на подобрување на билатералната соработка со Република Бугарија и деблокирање на европските перспективи, преку прокси играчи, „спојлери“ и од регионот, но и од двете држави. Ова го обелодени вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи.

– Континуирано има обиди Западниот Балкан да не се движи со соодветна динамика кон ЕУ и тоа преку прокси играчи – дали во регионот или нашите држави. Не исклучувам дека и во нашата земја има и ќе има се повеќе. Колку повеќе ќе се зголемат изгледите за изнаоѓање на решение за забрзување на европскиот пат, толку повеќе ќе се најдат вознемирени луѓето коишто цело време работеа оваа перспектива да не се случи, истакна Османи.

Минатата недела, според Османи, луѓе од институции од земјава се јавувале во Бугарија кажувајќи дека не е потребен целиот ангажман затоа што „овде ќе се оди брзо на предвремени избори и дека нема да може ниту да се постигне одредено решение“.

– Сметам дека овие луѓе се на иста линија со оние кои ги коментира премиерот на Бугарија Петков. Луѓе кои ќе се обидат да го задржат отворено прашањето со Бугарија, да го одржат закочен процесот на европска интеграција, за да може овој регион секогаш да биде платформа за некој да го користи за остварување на свои цели. Регионот, земјите членки, ЕУ, Трансатлантскиот сојуз имаат потреба за стратешко лидерство во овој период со цел регионот да се консолидира безбедносно, политички и економски, нагласи Османи.

Тој вели дека не може да каже за кои луѓе или институции станува збор, бидејќи тоа се испитува, но како што нагласи, и кај нас и во Република Бугарија ќе има обиди на т.н. „спојлери“ кои ќе се обидат да го попречат процесот на подобрување на билатералната соработка и деблокирање на европските перспективи.

Според министерот, интерес од блокирање на европската перспектива на регионот имаат само трети страни кои, како што рече, посакуваат Европа да биде ослабната, но оти нема да има таква сила која ќе може да ја попречи волјата на нашите граѓани да станеме членка на ЕУ.

– Стратешки интерес на Бугарија е да биде предводник на европската перспектива на регионот и регионот да се консолидира во правец на европското членство затоа што проширувањето е пред се безбедносно прашање. Бугарија се наоѓа во овој наш регион. Безбедноста не завршува на границите на една држава, потенцира Османи.

Претходно, бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за софиски „24 Часа“ изјави дека агентите што беа откриени како руски шпиони во бугарската Државна агенција „Национална безбедност“ (ДАНС), работеле против добрососедските односи на Бугарија со Северна Македонија и со Западниот Балкан.

На вчерашниот брифинг, шефот на македонската дипломатија оцени дека има сериозен напредок во политичкиот дел од разговорите со Бугарија, а деновиве очекува да има и средба со бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска во Брисел.

И лидерот на бугарската партија Демократи за силна Бугарија (ДСБ) Атанас Атанасов која е дел од блокот Демократска Бугарија, една од членките на бугарската владина коалиција препорачува да се размислува рационално и Северна Македонија и Албанија да влезат во ЕУ што е можно поскоро.

Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот премиер Петков дека руски агенти работеле против добрите односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, Атанасов за телевизијата бТВ нагласи дека руските служби работат со полн капацитет во сите земји во регионот за да ги спречат државите од Западен Балкан да влезат во ЕУ.

– Ние сме за тоа Северна Македонија и Албанија да влезат во ЕУ што е можно поскоро, изјави вчера Атанасов.

И, Македонско-бугарската историска комисија е задоволна од средбата во Скопје, а разговорите ќе продолжат во Софија во мај.

– Позитивна атмосфера, со отворен дијалог и размена на ставови по однос на позициите и интерпретациите на минатото за ХI и XII век, беше заклучокот од 18-та средба на оваа Комисија што во петокот се одржа во Скопје.

Ова беше втора од предвидените пет средби на македонско-бугарската Заедничка комисија за историски и образовни прашања за годинава.

Членот на македонскиот дел на Комисијата Петар Тодоров оценува дека последните состаноци се одвивале во конструктивна атмосфера. Копретседавачот од македонска страна во заедничката македонско-бугарска Комисија, Драги Ѓоргиев во вторникот за МИА, исто така, ја оцени работата како позитивна и додаде дека ако продолжи така ќе дојде до приближување на ставовите.

Според најавите, во текот на 2022 година би требало да се одржат пет средби на Комисијата. Досега Историската комисијата има дадено препораки до владите во Скопје и Софија за заедничко чествување на пет личности – Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј и Свети Климент и Свети Наум Охридски. Наредната средба ќе биде одржана во Софија на 12 и 13 мај 2022 година.

Првата средба за оваа година се одржа на 25 јануари во Софија, со која и почна имплементирањето на новиот пристап кои го зацртаа Ковачевски и Петков во обидите да се реши спорот меѓу двете земји. Се формираа четири работните групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование, кои имаат интензивни состаноци, а петтата група, всушност е историската Комисија, која продолжи со својата и работа и се обидува да го следи забрзаното темпо на останатите работни групи.

И министерот за надворешни работи Османи ја оцени како позитивна последната средба на Комисијата во Скопје.

– Македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања е важен елемент во процесот на преговори, бидејќи нејзината задача е да ја задржи дебатата по историски прашања, со цел политичарите, граѓаните и општествата не се занимаваат со тие прашања, истакна вчера Османи.

Според него, целта на Комисијата не е да објавува резултати, туку да ја задржи темата научно, да ја елаборира и да ја работи, а постојано да биде конструктивна и политичкиот процес да има доверба во тој инструмент.

– Мислам дека последниве неколку средби го постигнуваат токму тоа. Гледате дека ние како Влада не зборуваме за историски прашања, тоа е целта – тие да зборуваат. Првата цел е постигната, се сретнуваат често, што е исто така важно и еве двете страни имаме доверба дека почнаа да работат како што треба и нема потреба од наше вмешување, рече Османи.

Тој заклучи дека се потребни почести средби на македонско-бугарската Комисија и оти во моментов не постои сомнеж кон нејзините членови дека ќе прават компромиси што се надвор од нивните убедувања.