Излезе од печат јубилејниот број на весникот „Илинден“

Излезе од печат 50. број на весникот „Илинден” кој е единствен печатен медиум на македонски јазик во Албанија.
– Чувствувам посебно чувство на задоволство и гордост што го дочекавме 50-то издание. Се надевам дека ќе продолжиме и понатаму и да дочекаме трицифрени бројки, изјави за МИА, главниот и одговорен уредник Никола Ѓурѓај.
Во овој јубилеен број, покрај другото, во целост е пренесено интервјуто на  Ѓурѓај, како претседател на истоименото друштво,  дадено за МИА, како и кампањата на друштвото и огранокот за Голо Брдо под мотото „Горе главата- изјасни се дека си Македонец”, пред престојниот попис во Албанија што ќе се спроведе во октомври.
Посебни прилози има за проф. д-р Вита Блаже Која, Македонка од Голо Брдо – борец за правата на Македонците во Албанија,  за Кристо Темелко, поборник за македонскиот јазик во Албанија, за  веб-страницата со дигитални изданија на делата на Блаже Конески подготвена од Македонска академија на науките и уметностите, како и други содржини.
 

На 1 март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број од весникот како гласило на македонското друштво „Илинден” – Тирана.

– Изминативе години, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во светот. Весникот  дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија, истакна Ѓурѓај.

Покрај испечатените 50 изданија, почнувајќи од март 2017 година издадено е и електронско издание на весникот www.vesnik-ilinden.com, а од  од септември истата година весникот е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN  2522-4514 (print) и е дел од двата најголеми читачи на вести grid.mk и daily.mk.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *