ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАЛА ПРЕСПА

 

Во суштина, Македонците во комунистичка Албанија не ги уживале ниту елементарните национални права. Тие биле изложени на интензивна денационализација, изолација и албанизација. Единствено во регионот на Мала Преспа, во селото Пустец, во првите одделенија на основното училиште наставата се изведувала на македонски мајчин јазик. Но, во повисоките одделенија, како и во средните и високите школи, македонскиот јазик, воопшто, не бил застапен, за разлика од застапеноста на албанскиот јазик во сите образовни институции во Република Македонија.

Исто така, треба да се потенцира дека поради својата надворешна и внатрешна политика, Албанија во комунистичкиот режим не му дозволувала на македонското малцинство да комуницира со матичниот народ во Република Македонија. Затоа, со право се вели дека Македонците во Албанија биле разделени, но засекогаш останаа неодродени.

Цели 32 години Македонците во Мала Преспа и пошироко во Албанија немале контакти со своите собраќа од слободниот дел на Македонија. Се смета дека Благој Попов, како претседател на Извршниот совет на Собранието на СР Македонија, бил првиот државник кој официјално ја посетил Албанија во октомври 1980 година. Тоа била прва средба на висок претставник на тогашна Југославија со Македонците во Пустец и околните населби, кои по толку долг период на затвореност се сретнале со Македонец од слободна Македонија.

Инаку, македонското население во Мапа Преспа со децении очајнички се борело да преживее како земјоделци и сточари. Како лавови се грижеле за своите семејства да опстојат како Македонци и покрај тоа што нивните имиња биле поалбанчени. Тие се бореле да ги негуваат вредностите на националната самобитност на македонскиот народ. Накусо, останаа Македонци на својата земја и огниште, со свој мајчин македонски јазик, македонска култура, традиција, историја, македонски нишани…

Еден од гардот на македонскиот јазик, на македонската нација и на сé она што е македонско во Албанија беше познатиот и истакнат учител и учебникар за македонското национално малциство во Република Албанија Никола Беровски. Затоа, во декември 2013 година, во рамките на одбележувањето на 90-годишнината од неговото раѓање, во градскатата библотека „Тими Митко“ во Корча, се одржа промоција на неговото препечатенo издание на македонско-албанскиот речник. Оваа значајна културна манифестација во чест на Никола Беровски ја организира Македонскиот културен центар „Сонце“, а со поддршка на Општина Корча.

На промоцијата учествуваа Македонци од Корча, претставници на Македонската алијанса за европска интеграција од Корча, Билишта, Поградец и Мала Преспа, претставници од македонското друштво „Прегор“ од Поградец, македонското друштво МЕД од Врбник, претставници од Корчанската митрополија и од разни институции од Корча, како и писатели од Корча и Охрид.

Речникот пред многубројната публика го претставија Васил Стерјоски, активист за малцински права на Македонците во Албанија, Фото Никола, извршен уредник на новото издание, Илинден Спасе, син на познатиот албански писател од македонско потекло Стерјо Спасе, а свои поздравни излагање имаа и Едмонд Темелко, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија и градоначалник на Општина Пустец, како и Спасе Мазенковски, писател од Мала Преспа. Ученичките Кристина Терпо и Павлина Дине од гимназијата од Пустец, пак, рецитираа две необјавени стихотворби од Никола Беровски за Мала Преспа.

Во своето излагање на промоцијата Фоте Никола, извршен уредник на новото издание, истакна дека македонско-албанскиот речник на Беровски со повеќе од 10 илјади зборови вечно ќе трае и ќе се користи долго време. Новото издание на речникот излезе по 30 години од првото издание кое било објавено во тешки услови од времето на минатиот режим и дека речникот ќе трае долго време, не само во рацете на македонското малцинство, но и на сите граѓани во Република Албанија и Македонија.

Во своето излагање Илинден Спасе, синот на Стерјо Спасе, рече дека Никола Беровски, Борис Малевски и другите учители ги положија темелите на наставата на мајчин јазик во Мала Преспа, преку конкретната настава, борбата против неграмотноста, обезбедувањето на учебници на мајчин јазик. Овде треба да се истакне и придонесот на познатиот писател, Стерјо Спасе, Македонец од Мала Преспа, кој беше редактор на сите учебници составени или преведени од Никола Беровски.

Едмонд Темелко, градоначалникот на Општина Пустец, пак, најави дека на првата седница на Советот на Општина Пустец, Никола Беровски постхумно ќе биде прогласен за почесен граѓанин на Општината.

Речникот е испечатен во 500 примероци, кои ќе се подарат на Македонците во Албанија. Излегувањето на ова значајно лексикографски дело е поддржано од Министерството за надворешни работи на Република Македонија.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН