ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАЛА ПРЕСПА
Во Албанија има голем број Македонци кои се врвни интелектуалци и поставени на различни општествени и други позиции и кои се дел од сегашниот и идниот прогрес на земјата. Во исто време тие се дел од македонската национална вистина на македонскиот народ и етничка Македонија.
Еден од тие познати и признати интелектуалци, е, секако, Стерјо Спасе, албански писател и критичар од македонско потекло; автор на проза и раскази, романи, учебници и репортажни записи; познат како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби.
Стерјо Спасе по националност е Македонец и е еден од најпознатите романсиери во Албанија. Тој е роден на 14 август 1914 година во селото Глобочани, Општина Пустец, Мала Преспа. Основно училиште завршил на албански и на грчки јазик во родното место и во Корча. Образованието го продолжил во Корча и во Елбасан, каде завршил Педагошка гимназија. Работел како учител во Дервичане, село во округот на Ѓирокастро (виз. Аргирокастро), а подоцна предавал во Москополе, Корча и Тирана.
Инаку, поширокото семејство на Стерјо, неговата лоза го носела презимето Ничовци и биле едни од поголемите семејства во селото Глобочани. Потоа, писателот Стерјо за свое презиме го употребувал името на татко си Спасе. И, токму од тука почна големиот „Од …“ на сè уште малиот Стерјо, кој бил член на една голема фамилија. Неговиот син Илинден Спасе стана педагог, а неговиот внук, пак, Аријан Спасе стана амбасадор на Република Албанија во Унгарија, а претходно бил амбасадор во Бугарија и секретар на албанската амбасада во Вашингтон, во САД.
Пред Втората светска војна бил соработник на познатите списанија во Тирана и во Романија, како што се „АБЦ“, „АРС“, „Бота е Ре“ („Нов свет“) и др. Во овој период книжевната дејност на Стерјо Спасе, особено, била плодна. Тој интензивно творел и создал неколку значајни дела меѓу кои романите „Pse“(„Зошто“ – 1935), „Afërdita“(„Венера“ – 1944), збирките раскази „Kurorë rinije“(„Младински венец“ – 1934), „Во прегратките на една жена“(1934), „Невеста без превез“(1944) и други.
Во 1935 година во Корча го издал својот прв роман „Nga jeta në jetë. Pse!?” („Од живот во живот. Зошто!?“. Во романот едноставно наречен „Зошто“ (Pse), кој претставува ремек-дело на неговото творештво, тој ја опишува судбината на еден млад интелектуалец, кој се вратил во своето родно село по завршувањето на обуката и за неговите судири со традицијата, кои го водат до самоубиство. Меѓутоа, набрзо по излегувањето, на романот „Зошто!?“ („Pse“). тој ќе биде забранет од актуелната власт
Изразувајќи го својот македонски културен идентитет, во периодот пред Втората светска војна, кога Албанија водела силна асимилаторска политика против Македонија, Стерјо Спасе станал непожелен за албанските власти во Тирана. Иако романот „Зошто“(Pse), всушност, е прв роман отпечатен во Албанија, албанските власти го забрануваат поради македонското потекло на авторот.
По ослободувањето, кога во Албанија попуштила асимилаторската политика кон малцинствата, Стерјо Спасе околу 50-тите години на XX век се преселил во Тирана. Во еден период работел како просветен инспектор, уредник на „Litaratura jone“(„Наша литература“), „Nеntori“ („Ноември“), „Shkolla e Re“(„Ново училиште“) и други. Во 1960 година, тој завршил висок курс во Институтот за јазик и книжевност „Максим Горки“, и понатаму својата наобразба ја довршил во Фиренца, Италија и во Москва, Русија.
Книжевноста на Стерјо Спасе по Втората светска војна била разновидна. Бил автор на проза и раскази, романи, учебници и репортажни записи. Напишал образовни дела, се занимавал со преводи, пишување на статии, монографии и слично. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби.
Стерјо Спасе е автор на десетина романи. По ослободувањето, во 1952 година, тој го издал романот „Тие не беа сами“(„Ata nuk ishin vetëm, roman“). Три години потоа, во 1955 година, го издал и романот „Венера повторно во селото“(„Afërdita përsëri në fshat“), потоа романите „Огнот“(„Zjarre“ -1972), „Смрт или слобода“(„Ja vdekje, ja liri“ – 1978), „Бунтовниците“ („Kryengritësit“ – 1983) и други.
Во меѓувреме, Спасе пишувал и за најмладите. Во 1966 година ја издал адаптацијата на епски песни за деца „Соколица“ (Sokolesha), а две години подоцна, во 1968 година биле издадени и приказните за деца „Поздрави од селото“ („Të fala nga fshati“). Романот „Тие не беа сами“(„Ata nuk ishin vetëm“) (1952) на Стерјо Спасе бил објавен и на македонски јазик во 1989 година во превод на познатиот учител во Мала Преспа, Никола Беровски.
Стерјо Спасе ги забележувал македонските народни песни од Преспанскиот Регион, со што зазема значајно место меѓу собирачите на македонски народни умотворби. По неговата смрт во 1989 година, неговите песни под наслов „Македонски народни песни од Мала Преспа“, во 1992 година за печат ги подготвува Благоја Стојчевски, а во издание на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и Институтот за национална историја од Скопје.
Писателот Илинден Спасе, пак, е син на познатиот албански писател од македонско потекло Стерјо Спасе.Тој е роден во април, 1942 година во селото Глобочани, во Општина Пустец. Основното образование го завршил во родното место, а дипломирал на филологија на Универзитетот во Тирана. Работел како учител, редактор, издавач на педагошкото списание на албански јазик (1970-2001), бил главен редактор на издавачкиот совет на Институтот за педагошки студии во Тирана, научен работник во Училишниот департмен (сектор за историја на образованието) во Институтот за педагошки студии.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН