Виена бара Брисел да си го одржи зборот, приемот на Скопје и Тирана е прашање на стабилноста и безбедноста на ЕУ

Австрија бара ЕУ да го одржи зборот и дадените ветувања кон Република Северна Македонија, а Скопје да не ја губи довербата во ЕУ. Евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, според Виена, е прашање на стабилноста и безбедноста на ЕУ, особено во контекст на новонастаната ситуација по руската агресија во Украина.

Русија, како што оцени вчера во Скопје австриската министерка за ЕУ и уставни прашања Каролине Едштадлер, влезе агресивно во Ураина и целта на Владимир Путин е да ја подели Еропа и да ги доведе во прашања соработката и единството. Затоа, потребна е продлабочена соработка со партнерите и идните членки со ЕУ.

– Многу е важно сега да го направиме следниот чекор што се однесува до преговорите на Северна Македонија за пристапот во Европската унија, но и на другите земји, како на пример Албанија. Ние сакаме да си го одржиме зборот бидејќи пристапот на овие земји е прашање на стабилноста и безбедноста на ЕУ, нагласи Едштадлер.

Истакна дека напредокот што го постигна Северна Македонија и покрај некои чекори назад е огромен во однос на јавната администрација, правдата и борбата против корупцијата, но и упати порака до граѓаните на Северна Македонија да не ја загубат довербата во ЕУ.

– Ние сме во критична ситуација и секој наш партнер ни е многу неопходен. Во името на Австрија ви ветувам ние се ќе направиме да се направи следниот чекор и темата Западен Балкан да биде на агендата на ЕУ, потенцира Едштадлер.

Таа посочи и дека од нејзината последна посета на земјава во мај 2021 година, воочува позитивен напредок во дијалогот со Бугарија и дека по нејзиниот последен престој во Софија е уште повеќе уверена дека наскоро ќе може да се постигне договор. Според неа, сега е време Европската унија да се прошири со земјите од Западен Балкан, бидејќи тоа, освен за нив, е безбедносно прашање и за Европската унија.

Нагласувајќи дека го разбира големото разочарување на граѓаните во Република Северна Македонија и во Република Албанија поради застојот на отпочнувањето на преговорите за членство во Европската унија, подвлече дека Австрија ќе продолжи да дава поддршка за побрзо решавање на проблемот со Бугарија.

Според неа, важно е во ситуација кога руската агресивна војна во Украина беснее, да нема делење на нашите општества не само овде во Западен Балкан, туку и во ЕУ.

– Во политиката ние во ЕУ не смееме да ги изгубиме луѓето на Западен Балкан. Треба заедно, да останеме сплотени со ЕУ и ЕУ мора јасно да го осознае она што Путин сака да го направи. Путин сака да ги дели луѓето. Сакам тука да укажам дека имаме сигурност, имаме безбедност и треба посилно да се поврземе со вас и тоа се надевам заеднички ќе го спречиме. Ние треба да останеме заедно во ЕУ, тоа го правиме и исто така со нашите партнери од Северна Македонија да останеме и тука ни треба конечно следен чекор во правец на отворање на процесот на проширување и Австрија е тука на почетокот на фронтот за напредок за Северна Македонија и другите земји во регионот да ги поддржи во правец на ЕУ, истакна Едштадлер, рече австриската сојузна министерка.

За министерот за надворешни работи Бујар Османи определбата на Северна Македонија за членството во ЕУ е конзистентна и постојана.

– Новиот геополитички контекст по руската агресија во Украина само ги потврди нашите континуирани аргументи дека прашањето за проширувањето е пред се безбедносно прашање за регионот, порача Османи по средбата со Едштадлер.

Според министерот, определбата на земјава за членство во ЕУ е конзистента, пред се затоа што државата е географски, културно и историски дел од Европа и оттука припаѓа и на Европската Унија.

– Потребата за консолидација на Европската Унија со овој дел од Европа кој е опкружен со земји членки, а не е дел од Европската Унија е исклучително важно за самата Европска Унија. Оттука, ние сметаме дека членството на регионот, но на Северна Македонија пред се, е од додадена безбедносна, политичка и економска вредност за самата ЕУ, рече Османи.

Тој напомена дека во овие моменти треба да бидеме сензитивни, затоа што пред се украинските цивили страдаат од агресијата која што се случува, и тоа го има приоритетот на нашето, па и на светското внимание.

– Меѓутоа, мора да се грижиме и за вулнерабилните точки на континентот како што е Западниот Блакан. Сметам дека не се менува интензитетот на нашата желба за членство во ЕУ, но свесноста верувам на соседите, па и на земјите членки дека ова е важно не само за нас, туку е важно и за Европската Унија од безбедносен, политички и економски аспект, рече Османи.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на заедничката прес-конференција со министерката Едштадлер нагласи дека како Влада немаат дилеми на кој пат треба да останеме, но, како што потенцира, очекуваме ЕУ да ги отвори вратите за преговори.

– Ние во првиот ден од почетокот на војната во Украина и агресијата на Путин се придруживме кон санкциите на ЕУ и на тој начин сто проценти, целосно, како држава кандидат се усогласивме со политиките на ЕУ за заедничката надворешна безбедносна политика. Тоа не беше само наша обврска како држава кандидат, туку и навистина сериозен политички и морален избор во оваа ситуација да застанеме на страната на Украина. Воопшто не е лесна таа одлука со оглед на влијанието на Русија и преку ресурсите и преку енергенсите и преку сето она што како влијание го има тука. Но, ние како држава членка на НАТО и како држава која што јасно се определила и за членство во ЕУ немаме дилеми на која страна треба да стоиме, изјави Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање какви последици трпи земјата од војната во Украина.

Тој посочи дека, за жал, Русија има активности на Западен Балкан и тоа не е скриено, а нашето МНР на пет руски дипломати им го ускрати гостопримството во текот на оваа недела. Тој смета дека стабилноста и безбедноста на Балканот се непосредно врзани и отсекогаш биле поврзани со перспективата за членство во ЕУ. Унијата е, вели Маричиќ, носечка сила и за реформите и за промените, но и за решавање на тешките прашања на Западен Балкан вклучувајќи ги и билатералните прашања коишто ние како Северна Македонија ги имавме и со Грција и сега со Бугарија.

– Ние како Северна Македонија стекнавме кандидатски статус заедно со Хрватска во 2005 година и очекувавме заедно да ги почнеме преговорите. Хрватска е веќе девет години членка на ЕУ, ние се уште чекаме да ги почнеме преговорите. Затоа сметаме дека позитивните промени можат да продолжат само доколку перспективата за членство во ЕУ е реална, опиплива и граѓаните можат да ја препознаат како вистинска. Ние како Влада немаме дилеми на кој пат треба да останеме, но очекуваме ЕУ да ги отвори вратите за почеток на преговорите за да таа перспектива и таа определба добие уште посилен израз, додаде Маричиќ.