Како што соопштија од Владата, Ковачевски за стратешкото партнерство со САД посочил дека е од суштинско значење, кое е крунисано со поддршката на Вашингтон за нашето членство на НАТО. Членството во алијансата, истакнал премиерот Ковачевски во телефонскиот разговор со државниот секретар на САД Блинкен е огромна привилегија и одговорност.
Премиерот ја осудил руската агресија во Украина како неиспровоцирана и како грубо кршење на меѓународното право, ја реафирмира цврстата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и ја поздравија брзата, обединета и решителна реакција на меѓународната заедница.
-За време на разговорот Ковачевски и Блинкен изразиле задоволство од усогласеноста и ефикасната координација на НАТО и ЕУ во санкционирањето на Русија, како и во организирањето на ефикасна поддршка за Украина кон која се приклучи и Северна Македонија, се наведува во соопштението на Владата.
Со силната поддршка на САД за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија Блинкен ја поздравил новата динамика на дијалогот со Бугарија и изрази надеж дека следува решение за прашањата меѓу двете земjи за време на француското претседателство со ЕУ.
Државниот секретар на САД Ентони Блинкен потенцирал дека поддршката на Вашингтон доаѓа од целосната посветеност на Северна Македонија на вредностите на НАТО, кои земјата ги докажа и во поддршката за Украина којашто е целосно хармонизирана со сите сојузници во НАТО.