Вкупното резидентно население во земјава изнесува 1 836 713 лица, од кои 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци, покажуваат податоците од Пописот 2021 што денеска ги соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
Според Симовски, бројот на вкупно попишано население изнесува 2 097 319 лица, а на нерезидентното 260 606 лица. Од вкупниот број попишани, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи
– Додека од неризедентното население опфатено со пописот 24,45 отсто се Македонци, 66,36 Албанци, 4,79 Турци, 1,02 Роми, 0,19 Власи, 0,35 Срби и 0,81 Бошњаци, истакна Симовски.
Пописот покажал дека бројот на домаќинства е 598.632. Најмала општина во земјава е Зрновци, а најголема Куманово. Преброени се и 207 празни населени места.
Бројот на странци времено присутни во земјава помалку од 12 месеци е 1 674.
– Пописот е спроведен успешно и професионално. Тимот на Државниот завод за статистика покажа дека може, знае и умее, дека е една од најпрофесионалните институции во земјава, рече Симовски, додавајќи дека податоците се обработени во рекорден рок.
Пописот спроведен во 2021 година покажа дека во однос на 2002 година вкупното население во државата е намалено за 185 834 лица или за 9,2 отсто, а бројот на домаќинствата е зголемен за 34 336 или за 6,1 отсто. Зголемен е и бројот на станови за 141 031 или за 20,2 отсто.
Како што соопшти Симовски, презентирајќи ги резултатите, просечно домаќинство брои 3,06 члена. Бројот на станови изнесува 839.174.
Густината на населеност на еден километар квадратен е 72,2 лица, а просечната возраст на населението е 40,08 години. На 1.000 жени има 984,3 мажи.
Објавувањето на податоците од пописот што се спроведе од 5 до 30 септември 2021 година, ќе се одвива сукцесивно, по сетови на податоци. Првиот сет што се објавува денеска, ги опфаќа податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства, а во месеците што следат ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, попреченост…
Пред денешното соопштување на податоците, доделени им беа благодарници на институциите кои придонесоа за успешно спроведување на оваа сложена статистичка операција.