Ние како Влада немаме дилеми на кој пат треба да останеме, но очекуваме ЕУ да ги отвори вратите за почеток на преговорите за таа перспектива и таа определба добие уште посилен израз, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на заедничката прес-конференција во Скопје со австриската сојузна министерка за ЕУ и уставни прашања Каролине Едштадлер, која е во официјална посета на земјава.
– Ние во првиот ден од почетокот на војната во Украина и агресијата на Путин се придруживме кон санкциите на ЕУ и на тој начин сто проценти, целосно, како држава кандидат се усогласивме со политиките на ЕУ за заедничката надворешна безбедносна политика. Тоа не беше само наша обврска како држава кандидат, туку и навистина сериозен политички и морален избор во оваа ситуација да застанеме на страната на Украина. Воопшто не е лесна таа одлука со оглед на влијанието на Русија и преку ресурсите и преку енергенсите и преку сето она што како влијание го има тука. Но, ние како држава членка на НАТО и како држава која што јасно се определила и за членство во ЕУ немаме дилеми на која страна треба да стоиме, изјави Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање какви последици трпи земјата од војната во Украина.
Тој посочи дека, за жал, Русија има активности на Западен Балкан и тоа не е скриено, а нашето МНР на пет руски дипломати им го ускрати гостопримството во текот на оваа недела. Тој смета дека стабилноста и безбедноста на Балканот се непосредно врзани и отсекогаш биле поврзани со перспективата за членство во ЕУ. Унијата е, вели Маричиќ, носечка сила и за реформите и за промените, но и за решавање на тешките прашања на Западен Балкан вклучувајќи ги и билатералните прашања коишто ние како Северна Македонија ги имавме и со Грција и сега со Бугарија.
– Ние како Северна Македонија стекнавме кандидатски статус заедно со Хрватска во 2005 година и очекувавме заедно да ги почнеме преговорите. Хрватска е веќе девет години членка на ЕУ, ние се уште чекаме да ги почнеме преговорите. Затоа сметаме дека позитивните промени можат да продолжат само доколку перспективата за членство во ЕУ е реална, опиплива и граѓаните можат да ја препознаат како вистинска. Ние како Влада немаме дилеми на кој пат треба да останеме, но очекуваме ЕУ да ги отвори вратите за почеток на преговорите за да таа перспектива и таа определба добие уште посилен израз, додаде Маричиќ.
Според Едштадлер, по одлуката во март 2020 година во Советот на ЕУ Албанија и Северна Македонија треба да го направат следниот чекор во процесот на пристапување, а тоа е одржување на меѓувладината конференција. Таа вели го разбира разочарувањето во земјава од тоа дека повторно има рунди на преговори и дека има билатерални барања.
Според неа, билатерални теми треба да бидат решени и „нешто да се случи“ уште за време на француското претседателство, со цел на населението да не му се даде чувство дека Европа само говори и разговара, туку и дека е тука и за време на пандемијата.
– Тоа го правевме со испораката на вакцини, со испораката на лекови. Тоа беше важен знак кога има кризи во регионот, но тоа не може да залажува дека еве две години минуваат, а има застој во процесот којшто мора да биде прекинат. И јас овде сакам на жителите од Северна Македонија да им кажам – верувајте и понатаму на ЕУ, ние ќе се заложиме да се направи наредниот чекор, порача Едштадлер.
Според неа, важно е во ситуација кога руската агресивна војна во Украина беснее, да нема делење на нашите општества не само овде во Западен Балкан, туку и во ЕУ.
– Тоа не смееме да го дозволиме, тоа нема да го дозволиме и затоа овој прозорец на можност којшто сега се отвора ќе го искористиме и тука јасно сакам да кажам – ЕУ не е комплетна без земјите од Западен Балкан и особено Северна Македонија. Таа многу направи во минатото за да докаже дека волјата е тука. Сега останува на нас да кажеме дека ние сме во состојба нашите ветувања и да ги одржиме. И во таа смисла јас навистина на билатералните разговори помеѓу Бугарија и Северна Македонија посакувам најдобри желби во правец да се обезбеди сигурност и за нас во ЕУ, рече австриската сојузна министерка.
Во однос на преговорите со Бугарија таа повтори дека е пооптимистична по разговорите со бугарскиот премиерот Петков во февруари и особено по билатералните средби и разговори на работните групи меѓу двете земји и напорите кои се прават да се решат прашањата.