Премиерот Ковачевски и министри од Владата ќе учествуваат на седмиот Делфи економски форум во Грција

Претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачвски, вицепремиерот за економски прашања и министрите за финансии, економија, одбрана и надворешни работи, ќе учествуваат на седмиот Делфи економски форум во Грција што ќе се одржи од 6 до 9 април, јави дописничката на МИА од Атина.

На прес конференција во Атина, претседателот и потпретседателот на Форумот ја презентираа програмата, истакнаа дека целта е да се покријат сите теми, а оваа година поради војната, голем дел ќе биде посветена на Украина, но и на геополитички предизвици.

Делфи економскиот форум е под покровителство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која ќе се обрати на свеченото отворање на 6 април, а последниот ден, на затворањето ќе говори грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

На седмиот Делфи економскиот форум насловен „New Realities“ потврдени се 760 говорители од 36 земји, а ќе бидат опфатени низа теми, како што се светската безбедност, глобалната економија,  климатските промени, иднината на ЕУ, технологијата, здравството, општеството, културата итн.

Според официјалната листа на учесници, од Северна Македонија ќе учествуваат премиерот Димитар Ковачевски, заменик- претседателот на Владата задолжен за европски прашања Фатмир Битиќи, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши.

Со оглед на тоа дека присутни ќе бидат премиерите на Северна Македонија, на Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, и оваа година предвиден е посебен дел посветен на Западен Балкан, нешто што го потврди и основачот и претседател на Форумот Симеон Цомокос, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина.

Потврдено е учеството и на комесари и претставници од Европската Унија, а освен низата панел дискусии, планирани се и затворени настани, а еден таков ќе биде посветен на Турција.

На 6 април во Грција е закажан генерален штрајк, што се поклопува со првиот ден од форумот и организаторите изразија надеж дека тоа нема да предизвика проблеми во пристигнувањето на странските делегации.

За време на форумот, односно на вториот ден, на 7 април ќе биде и говорот на претседателот на Украина Володимир Зеленски во грчкиот Парламент, а организаторите, одговарајќи на прашањето на МИА не ја исклучија можноста во агендата да биде вклучен посебен настан, посветен на обраќањето.

По две години форумот повторно се враќа во градот Делфи, со оглед на тоа дека поради пандемијата, во 2020 година беше откажан, а лани се одржа во Атина, но поголемиот дел беше онлајн.

Економскиот форум Делфи е непрофитна организација, посветена на промоција на иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион на Источен Медитеран.

Лани, Економскиот Форум од Делфи го организираше Првиот економски Форум во Скопје, а оваа година, на 6 јуни ќе се одржи вториот.

Освен во Скопје, планирани се економски форуми и во други градови од регионот, односно во Тирана (10 мај), во Софија (20 мај), во Белград (6-7 октомври).