Петровска: Немаме донесено одлука за испраќање припадници на Армијата на територија на источниот блок на НАТО

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска изјави дека досега не е донесена одлука за испраќање на припадници на нашата Армија на територија на источниот блок на  НАТО. Доколку биде донесена таква одлука, вели Петровска, јавноста ќе биде информирана.

– Република Северна Македонија, која е членка на НАТО, е подготвена да го сподели товарот со останатите, но до овој момент немаме донесено конкретна одлука за тоа. Доколку донесеме, јавноста ќе биде информирана, изјави Петровска по одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Армијата.

Таа додаде дека македонската Армија има исклучително обучени и релативно добро опремени припадници, кои, доколку евентуално бидат испратени во ваков тип на мисија, ќе бидат распоредени на соодветни места согласно стратегиите и развојните планови на НАТО.

Во делот на модернизацијата на Армијата, министерката Петровска најави дека кон средина на годинава се очекува да бидат испорачани лесните оклопни возила. Модернизацијата, како што посочи, се одвива во неколку сегменти – дел се однесува на личното опремување на секој припадник, а дел на модернизација на телекомуникациските и системите на вооружување.

– Јавните набавки се во тек. Оваа година ќе започне испораката на лесните оклопни возила кои треба да бидат испорачани кон средината на оваа година и како ќе се склучуваат јавните набавки, така јавноста соодветно ќе биде информирана, изјави Петровска.