Во нашата понова историја сме имале неколку важни стратешки одлуки, иако, за жал, многу одлуки беа избрзани и популистички. Една од најдобрите одлуки зад која повеќе од три децении стои широк надпартиски и општествен консензус е истрајноста во нашата евроатлантска ориентација. Токму во овој период на огромни геополитички тензии и воени конфликти, членството во НАТО претставува важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија.
Ова го истакна претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски на денешната трибина со која започнува одбележувањето на големиот јубилеј – 30 години од формирањето на македонската Армија.
Осврнувајќи се на развојот на Армијата во изминатите 30 години, Пендаровски нагласи, дека таа целосно се трансформираше, модернизацијата се одвиваше во согласност со стандардите на Алијансата фаќајќи го чекорот со најновите трендови во одбраната, а стекнуваше искуство и на бројни меѓународни воени вежби и со активно учество во повеќе мировни мисии предводени од НАТО, од ЕУ, ОН и од нашите стратешки партнери на билатерална основа зајакнувајќи го нашиот меѓународен кредибилитет затоа што не препознаваа како држава која генерира стабилност во поширокото опкружување.
– Низ целиот овој 30-годишен период, Армијата беше ангажирана и во клучните предизвици низ кои минуваше државата, какви што беа косовската криза од 1999-та, воениот конфликт од 2001-та година и мигрантската криза од 2015-та година. Армијата се вклучуваше и помагаше и на најразлични кризни и вонредни ситуации, од справување со елементарните непогоди и пожари, па се до пандемијата на КОВИД-19, нагласи Пендаровски.
За жал, нагласи тој, како и пред 30-тина години, Европа и светот повторно влегоа во период на голема неизвесност. По пандемијата која немаше само здравствени, туку и економски и социјални последици, со руската агресија врз Украина, безбедносната стана истовремено и бегалска, и хуманитарна и енергетска криза.
– Со особено внимание ги следиме настаните во Украина и во рамките на нашите можности, како членка на НАТО помагаме во одбраната на демократските вредности на слободниот свет. Уште од првиот ден ја осудивме агресијата на Русија врз Украина, и се солидаризиравме со украинскиот народ и држава. Во исто време, подготвени сме да не дозволиме никакви индиректни влијанија, уште помалку директни инволвирања на трети страни кај нас и на тој план сме решени да истраеме, рече шефот на државата.
Во споредба со почетоците, денес, вели тој, имаме бројно помала, но борбено далеку поефикасна професионална Армија, која е многу подобро опремена и подготвена да се справува и со новите асиметрични и хибридни закани на 21 век. Украинскиот пример, додаде шефот на државата, ни покажува дека класичните воени закани остануваат присутни, меѓутоа новото време носи и нови безбедносни предизвици кои не смееме да ги игнорираме. Во овој контекст, нагласи Пендаровски, сите сме свесни каква опасност се дезинформациите, лажните вести и политичката пропаганда која има за цел да ја дестабилизира демократијата како систем.
– За да бидеме спремни за соочување и со традиционалните и со новите закани, ќе продолжиме да инвестираме во одбраната за да го постигнеме прагот за издвојување на 2 отсто од БНП, во согласност со стандардите на НАТО. Ќе продолжиме со реформите во одбраната, со модернизација и опремување и со јакнењето на отпорноста на нашиот безбедносен систем, особено на хибридните и сајбер закани и борбата со лажните вести и дезинформации. Исто така, ќе продолжиме и да придонесуваме кон колективната безбедност и одбрана со учество во мисии заедно со нашите сојузници… Припадниците на Армијата ќе продолжат со истата посветеност како и до сега да ја исполнуваат својата уставна должност да го штитат нашиот територијален интегритет и суверенитет, како предуслов за мирот, безбедноста и демократскиот развој на македонското мултиетничко општество. Во таа смисла, македонските граѓани можат да бидат сосема спокојни, порача претседателот Пендаровски.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека во изминатите три децении поминати се низа падови и подеми, но и посветена работа во спроведување на реформи во одбранбениот сектор и зајакнување на одбранбените капацитети и способности, за да на 27 март 2020 година, земјата го исполни долгогодишниот надворешно политички приоритет – членството во Алијансата. Со тоа добивме уверлива безбедносна гаранција во крајно комплексното, динамично и непредвидливо современо безбедносно опкружување.
– Можам слободно да изнесам дека членството во Алијансата, дојде во вистински момент. Ќе остане забележано дека 2020 година беше година која ја одбележа пандемијата со Ковид-19 која ја покажа на дело солидарноста на сите нас во справувањето со ваквите закани, а членството потврди дека солидарноста е присутна и во услови кога не зборуваме само за безбедноста и сигурноста. Меѓутоа, 2022 година ја покажа суровата реалност од нови безбедносни ризици, закани и предизвици кои се исклучително сериозни и непоимливи дека можат да се случат од крајот на Втората Светска Војна, но и од настаните во поранешна Југославија. Случувањата во Украина не потсетија дека војната на европско тло не е минато, а мирот не е загарантиран. Тоа не потсети дека развојот на одбранбените капацитети се повеќе од неопходност, дека подготовките и градењето на отпорноста мора да се разберат како континуитет и дека покрај се со денешните предизвици ниту една земја не може самостојно да се справи успешно, рече Петровска.
Согласно обврските од НАТО Самитот во Велс, во 2014 година, таа додаде дека секоја земја членка треба да инвестира најмалку 2 отсто од БДП, од кои најмалку 20 проценти треба да бидат наменети за набавка на опрема и за модернизација, а Република Северна Македонија, вели, е на чекор до го достигне тоа ниво.
– Оваа година буџетот е 1.77 отсто од БДП. До 2024 е извесно дека тоа ќе го достигнеме, но уште поважно е дека 30 проценти од овој буџет одат за опрема и модернизација. Согласно Агендата 2030 на НАТО, како и новонастанатите безбедносни случувања на тлото на Европа, јасно е дека само со долгорочно инвестирање во одбраната ќе бидеме способни и реално да ги исполниме нашите обврски и да го потврдиме нашиот приоритет како рамноправен сојузник, рече министерката за одбрана.
Во изминатиов период, додаде таа, имавме и предизвици, настани што ја ставија нашата истрајноста како општество и одбрана пред потребата од правилното и потребното и нагласи дека вооружените сили мораат да бидат надвор од политиката. Според неа, старешините, лидерите, мораат да бидат професионални, а војниците мораат да бидат мотивирани и да бидат дел од современата македонска армија. Мораме, додаде Петровска. да бидеме пример како да се развиваат и насочуваат нашите припадници и вработени.
– Владата на Република Северна Македонија и јас како министерка за одбрана, својот личен придонес кон одбраната, кон државата и кон сите припадници, ќе биде насочен кон обезбедување на јасни политички насоки и потреби поддржани со соодветни финансиски средства како предуслов за исполнување на задачите, но и потребниот развој. Без јасни насоки, но и без стабилен придонес и одвојување од финансиски средства, одбраната не може да се развива кон посакуваната цел. Министерството за одбрана неуморно ќе работи да потребите на Армијата бидат соодветно поддржани. Воедно побарувам и очекувам доследно почитување на униформата, тежнеење кон зголемување на професионалноста на целокупниот состав во зборови и дела, негувањето на правилни работни односи, почитување на усвоената нормативна рамка но и бескрупулозна борба кон сите негативни трендови и настани. Иднината и успешноста зависи од нашите и вашите мерки и постапки, порача министерката за одбрана Петровска честитајќи го Јубилејот – 30 години АРМ.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски напомна дека 28 март за припадниците на Армијата е голем историски ден, ден кога пред 30 години формално и правно, Генералштабот на Армијата започна со извршување на своите уставно законски функции и надлежности.
– Во далечната 1992 година Армијата го оформи базичниот темел на кој неуморно и посветено отпочна да ја надградува својата структура и функционалност. Со ова во целост ја изврши дадената задача од државното раководство и покажа дека со право е еден од главните столбови на кои е поставена нашата државност, истакна Ѓурчиновски.
Тој додаде дека Армијата како најзначаен субјект во одбранбениот систем на Републиката, во овие 30 години умееше секогаш да ги собере приоритетите во структурните промени.
– Констатацијата од раководството на Алијансата дека ги исполнивме потребните услови за целосно воено интегрирање во НАТО во рекорден рок е доказ дека умееме да ги вградуваме научените лекции и владееме со трансформациските процеси на начин кој потврдува успех, нагласи началникот на Генералштабот.
Првиот министер за одбрана на државата, Трајан Гоцевски во обраќањето на собирот нагласи дека историјата е многу интересен процес и дека за нашата земја таа секогаш била посебен процес.
– На 27 март 1992 година последниот војник од тогашната Армија замина од нашата територија и на 28-ми станавме суверени во својата територија. На 27 март 2020 година генералниот секретар на НАТО објави дека Северна Македонија е 30-тата членка на НАТО. Овие два настани имаат огромно значење за нашата држава, бидејќи се совпаѓаат со сегашната годишнина на нејзиниот систем за одбрана, рече Гоцевски.