Судството мора да ја демонстрира својата независност. Судскиот совет неодамна усвои нова методологија за оценување на работата, но сепак, тој не е целосно имплементиран, што доведува до сомневања во јавноста за употребата на транспарентни практики засновани на заслуги.
Ова денеска го истакна амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз на шестата Меѓународна судска конференција „Судска независност низ реформскиот процес – очекувања и реалност“ која се одржува денеска и утре во Скопје.
– Јавноста забележува и неколку долгогодишни испразнети работни места во повисоките судови, што дава изглед на нефункционалност и одлагање на предмети од јавен интерес. Ве повикувам да направите напредок во овие области за да може навремена правда да биде задоволена, подвлече амбасадорката Брнз.
Според неа, за да ја заслужи почитта на своите граѓани, судството мора да биде ефикасно, независно и да ги бара сите одговорни и еднакви пред законот.
– Не е тајна дека јавноста нема доверба во судството. Враќањето на довербата на јавноста може да се постигне само ако секој од вас оди над и подалеку од заклетвата што сте ја дале како судија. Менторирајте нови судии. Пофалете се со вашата независност кога ќе се соочите со притисок од надвор. Послужете како пример за непристрасно и непартиско пресудување, нагласи Брнз.
Северна Македонија, потенцира таа, мора да се заложи за доделување судски и обвинителски буџети кои се во согласност со нејзините закони.
– Доволните јавни ресурси, вклучувајќи ги судските буџети и платите на персоналот, ја поттикнуваат независноста и помагаат да се спротивстави на надворешните влијанија. Како судии и обични граѓани, говорете и побарајте да ги спроведувате законите на вашата земја, рече амбасадорката.
Заменик министерот за правда Агим Нухиу се осврна на реформите во судството, кои, како што кажа, се приоритет на Министерството и на Владата.
– Целта на Министерството и на Владата е да се зголеми кредибилитетот или довербата на судскиот систем во целина како и одговорноста на обвинителите и судиите во нивното работење. Со активна реформа и план за подобрување на севкупниот изглед на судскиот систем јасно е дека работите напредуваат, рече заменик-министерот за правда.
Потврда дека реформите во судството се нивен приоритет, како што потенцира, е и извештајот на Европската Комисија.
– Денес, резултатите се веќе видливи од сите аспекти во функционирање на судовите, не само во законските промени и техничките организации туку и во дигитализацијата и ентероперабилноста, менаџирањето и за решавање на судски процеси. Дигитализацијата и модернизацијата на судството ќе бидат на чело на нашата агенда. Ние бевме сведиоци на опремување на пет судски сали во цела земја и сме посветени сите сали и судови да се опремат што ќе овозможи брзи процедури и зголемување на ефикасноста, истакна Нухиу, додавајќи дека работат на буџетот на судовите како и на законот за плати на судии и јавни обвинители.
Претседателот на Здружението на судиите Џемали Саити истакна дека постојано ги следат слабостите кои се појавуваат во судството.
– Ние се занимаваме со прашањата кои се однесуваат на етиката и особено прашањата на транспарентноста со надеж дека ќе придонесеме во подигнувањето на довербата во судството како слабост која е детектирана од сите органи во државата, рече Саити.
Во однос на методологијата за квалитативно оценување на судиите, Саити се надева дека таа набрзо ќе биде имплементирана.
– Јас првите зачетоци на таа методологија ги видов во Хрватска на една студиска посета во 2017 година на хрватското правосудство и тоа е принцип кој се применува во многу земји во однос на самоевалуацијата на судиите. Тука се изградени механизми коишто наликуваат, имаат премиси на мерит системот и се дава една појасна слика за унапредување на судиите и избор на судиите. Таа методологија е усвоена од Судски совет, дадено е мислење од страна на Врховен суд се надевам дека набрзо ќе најде имплементација, рече Саити.
Претседателката на Судски совет Павлина Црвенковска, оцени дека изминативе децении малку се работеше на враќањето на довербата на граѓаните во судскиот систем.
– Тоа е еден долг, континуиран процес, не може преку ноќ да се врати довербата на граѓаните во судството. Во овој процес се вклчучени низа мерки, активности и јас тука секогаш ја споменувам како една клучна основа за враќање на довербата на граѓаните, а тоа е методологијата за квалитативно оценување на судиите. Со оваа методологија објективниот пристап при оценката што е основ за унапредување на судиите, ќе биде доминантен на сметка на субјективниот пристап кој може да го има секој член на Судскиот совет и дотолку повеќе што самите судии од повисокиот суд ќе ги оценуваат судиите од понискиот суд за да можат да напредуваат, посочи Црвенковска.
Од друга страна, таа смета дека со оваа методологија, личната мотивација на секој судија ќе биде зголемена, бидејќи, како што рече, ќе знае со тоа што ќе испорача квалитетна правда дека ќе биде реално оценет и тоа ќе биде основа за негово понатамошно унапредување.
Црвенковска се осврна и на недостатокот на судии, посочувајќи дека со измените на Законот за работни односи може да се случи шеесетина судии до крај на годината да одат во пензија.
– Факт е дека ние имаме недостаток на судии. Од 639 судии, моментално имаме 473 судии. Со измените на Законот за работни односи може да се случи и шеесетина судии до крај на годината да ни одат во пензија. Реален е недостатокот на судии во судството, заклучи Црвенковска.