Ќе има доволно пченица, пченка и брашно, Србија ја крева „рампата“ за Северна Македонија

Граѓаните да бидат спокојни, ќе има доволно количини пченица, пченка, брашно и масло за јадење, порача вчера од Белград министерот за земјоделство, шумарство и водостапанство Љупчо Николовски.

Тој имаше работна средба со српскиот вицепремиер и министер за земјоделство, Бранислав Недимовиќ на која, како што соопшти, е договорено во следните 7 – 10 дена да се тргне забраната за извоз од Србија во Северна Македонија и да почне испораката на договорените количини пченица, пченка, брашно и масло за јадење.

Николовски е дециден дека сите договори на економските партнери од стопанските комори ќе бидат реализирани благодарение, пред се, на довербата и соработката со нашите соседи.

-Во време на светска криза иницијативата „Отворен Балкан“ ни овозможува највисоко ниво на регионална соработка со Република Србија со што обезбедуваме економска стабилност за нашите граѓани.
На состанокот со Недимовиќ договоривме во следните 7 до 10 дена Србија за Северна Македонија да ја тргне забраната за извоз на пченица, пченка, брашно, масло за јадење и да почне испораката на количините договорени меѓу економските партнери од двете земји, изјави Николовски.

За договорените количини, објасни министерот, ќе биде испратено и писмо од премиерот на македонската Влада до српската премиерка.

-Целта е да се тргне српската забрана за извоз во следните седум дена, како што и беше договорено на состанокот. Тоа значи дека Северна Македонија ќе има доволно количини на овие стратешки култури, се до следната жетва и граѓаните треба да бидат смирени. Максимално сме посветени да обезбедиме доволни количини пченица, пченка, брашно, масло за јадење за потребите на секое едно домаќинство во земјава, рече Николовски.

Максимално се работи, потенцира, и на изнаоѓање алтернативни пазари за македонските производи.

Во однос на кризата, Николовски деновиве уште еднаш повтори дека состојбите будно се следат и дека навреме се интервенира со соодветни мерки. Секое земјоделско земјиште, најави, ќе биде ставено во функција со цел зголемување на домашното производство на житарки, а за да им се излезе во пресрет на земјоделците, Платежната агенција ќе исплати и 500 милиони денари субвенции за поледелските култури на над 22.000 апликанти.

Нова дополнителна поддршка е предвидена и за пролетната сеидба на пченка, компир, грав, сточен грашак и ориз.

Според Николовски, со нови мерки ќе се проширува и Интервентниот фонд.

-Сите барања на земјоделците ќе бидат земени предвид. Субвенциите за трите мерки за набавка на вештачки ѓубрива, за предадени јагниња и гоеници во кланични капацитети ќе бидат исплатени до 30-ти јуни годинава, потенцира министерот.

Годинава се очекува производството на пченица да достигне околу 255 000 тони, а потребите се проценуваат на 300 000 тони.

-Подготвен е нов план со мерки за зголемување на приносите на пченица, со кој ќе се зголеми домашното производство, а ќе се намали увозот. На среден рок со планираните мерки ќе имаме зголемено производство на пченица од 30.000 тони, а на долг рок да бидеме увозно независни. Ги следиме состојбите и навреме ги преземаме сите потребни мерки за земјоделците да имаат помали трошоци, одржливо производство и за да има стабилност на пазарот на храна, напиша Николовски на својот фејсбук профил.

Минатата недела Владата одлучи до 15 април да ја продолжи забраната за извоз на пченица и наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, семе на сончоглед, како и масла од семе од сончоглед, а од 17 март стапи во сила и мерката со која ДДВ е нула проценти за основните прехранбени продукти: ​. леб, брашно тип-400, млеко со масленост од 2, од 3,2 и 3,5 проценти масленост, бел шеќер, сончогледово масло, месо и други кланични производи за јадење, бел ориз и јајца.

На 10 март српската Влада донесе одлука за привремена забрана за извоз на основните земјоделски производи – пченични зрна, пченично брашно, пченка и сончогледово масло, со цел навреме да се одговори на нарушувањата на пазарот и зголемената побарувачка поради руско-украинскиот конфликт.