Министрите за внатрешни работи на Северна Македонија ,Оливер Спасовски и на Словенија, Алеш Хојс денеска во Скопје потпишаа Имплементациски договор помеѓу владите на двете земји за борба против трговија со луѓе.
– На заедничко задоволство со колегата денеска го потпишавме Имплементацискиот протокол помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Словенија за борба против трговијата со луѓе. Ова е билатерален документ, еден од повеќето вакви договори коишто ги потпишавме во изминатите години чија што примарна цел ќе биде соработката во превенцијата во трговијата со луѓе и сите форми на злоупотреба на деца. Со овој имплементациски протокол се предвидува и спроведување на заеднички проекти за подигнување на јавната свест за превенција во областа на трговијата со луѓе, изјави Спасовски по потпишувањето на Договорот.
Како и во изминатите години, нагласи тој, ефикасното управување со границите и миграцијата и спречувањето на илегалната миграција долж т.н. западноевропска рута и понатаму е еден од главните приоритети на МВР. Притоа, напомена министерот, граничното управување на Северна Македонија во голем степен е усогласено со европските стандарди во делот на граничната безбедност.
Посветивме должно внимание и на проблематиката со илегалната миграција дотолку повеќе што на ова поле уште во 2016 година наваму со словенечката полиција имаме суштинска конкретна соработка на словенечки полициски службеници со нашите полициски службеници во делот на обезбедувањето на нашата јужна граница со Република Грција и заедничкото делување во насока на откривање на спречување на илегално преминување на границата и криумчарење на мигранти, рече Спасовски.
Тој се заблагодари за, како што рече, постојаниот придонес на МВР на Словенија за испраќањето на полициските службеници кои учествуваат во оваа заедничка билатерална акција и операција за засилен надзор на јужната граница.
– Ова значително придонесува во зајакнувањето на капацитетите на нашата гранична полиција, истовремено придонесоа за борбата против илегалната миграција. Поддршка што со колегата е продолжена до крајот на февруари следната година, истакна министерот за внатрешни работи.
Тој додаде дека на средбата што пред потпишувањето ја имал со словенечкиот колега се покажало дека пред двете земји има еден многу голем широк спектар на можности за идна соработка и партнерско делување пред се во безбедносните сегменти. Особено, нагласи Спасовски, важна е волјата што ја има од двете страни и тоа недвосмислена да оваа соработка не само да продолжи во наредниот период, туку да биде и сериозно продлабочена.
Словенечкиот министер за внатрешни работи истакна дека Северна Македонија и Словенија се пријателски земји, кои ги врзуваат добри односи.
– Денешното потпишување е само надградба на една исклучителна соработка, доказ дека се работи за два народи кои постојано докажуваат дека на овој простор може да се живее поинаку отколку што живеевме порано, дека може да живееме во еден соживот да разменуваме трговски добра, да живееме братски, рече Хојс.
Затоа, нагласи словенечкиот министер, важно е денеска да кажам дека Словенија 30 години ја поддржува Северна Македонија и ќе продолжи да ја поддржува на нејзиниот пат.
– Македонија е веќе во Европа нема тука веќе никакви двоумења и едноставно она што недостасува е само влезот во Европската унија, а Словенија е една од оние земји која навистина работи да се зачлените, рече словенечкиот министер.
Во однос на соработката во сферата на полицијата, нагласи тој, таа е одлична и како што рече, информациите што Словенија ги добива од земјава не се значајни само за земјата туку и за целата Европска унија.