Задорожњук :По војната во Украина, ќе има радикални промени не само во европската, туку и во светската политика

По војната започната од Русија ќе има радикални промени, не само во европската, туку и во светската политика, вели во интервју за МИА украинската амбасадорка во земјава Наталија Задорожњук.

Во врска со барањето на Украина за брз прием во Европската Унија, амбасадорката Задорожњук вели дека Киев сега работи на тоа брзо да ја помине специјалната процедура и Украина да стане членка на ЕУ.

– Се зависи од политичката волја на Европа, на што работи Киев. Европската Унија сега презема чекори без преседан за поддршка на Украина. Ќе го почекаме одговорот на Европската комисија, вели Задорожњук за МИА.

Според неа, со цел прекин на воените дејствија од страна на Русија, потребни се остри санкции и обезбедување оружје, како и затворање на небото над Украина.

Амбасадорке Задорожњук објавен беше мировниот план меѓу Русија и Украина од 15 точки, вклучително и прекин на огнот и повлекување на Русија, под услов Киев да прогласи неутралност и прифати ограничувања на своите вооружени сили. Колку е овој план прифатлив за Киев со цел прекин на воените дејствија?

– „Фајненшел тајмс“ објави нацрт во кој е прикажано барањето на руската страна. И ништо повеќе. Украинската страна има свои позиции. Единственото нешто што го потврдуваме во оваа фаза е прекин на огнот и повлекување на руските трупи.

Амбасадорке, според последните информации во земјава се пристигнати 51 украински бегалец. Каде се сместени, што им е потребно? Според официјални претставници на Скопје не се очекува поголем прилив на бегалци, но и ако тоа се случи не се исклучува можноста за создавање капацитети за згрижување.

Денес нема голем бран на бегалци од Украина во Северна Македонија. Повеќето луѓе се сместија кај пријатели и роднини. Многу граѓани на Северна Македонија се јавуваат и доаѓаат во Амбасадата и нудат сместување за нашите граѓани, за што сме им исклучително благодарни.

Во моментов работиме со релевантните владини агенции за да обезбедиме нашите граѓани да имаат можност да побараат медицинска нега кога е потребно, децата да посетуваат училишта и градинки. Денес имаме целосна поддршка од Владата на Северна Македонија по ова прашање.

Граѓаните на Северна Македонија досега донираа над 2,7 милиони денари хуманитарна помош за Украина, а пред неколку дена се отворија и два пункта за хуманитарна помош за Украина. Што најмногу се донира, а што највеќе е потребно за народот на Украина?

Благодарни сме му на Црвениот крст за оваа иницијатива. Во моментов, во Украина има најголема потреба од секои видови на храна, пред се долготрајна, лекови (особено против болки), средства за хигиена и топла облека. Ова е токму она што нашите хуманитарни пунктови најмногу и го добиваат како помош од претпријатија и обични граѓани на кои сме им многу благодарни и го цениме нивното сочуство со Украина во овие моменти. Исто така, би сакала да информирам дека веќе испративме околу 100 тони хуманитарна помош во Украина со помош на Амбасадата и украинското здружение.

Европската Унија, како и Северна Македонија, ја осудија руската инвазија во Украина. Следуваа санкции кон Русија, а ЕУ во вторникот усвои и четврти пакет санкции кон Москва. Според Вас, дали санкциите се вистинското решение и ќе придонесат за решавање на конфликтот?

Според мене, ефективно решение се состои од два фактори – обезбедување оружје и остри санкции. Навремено обезбедување на Украина со потребното оружје за одбрана. Витално ни е потребно да го затвориме небото бидејќи путинскиот фашистичкиот режим со своите ракети, бомбардирања, уништува цивилна инфраструктура, гранатира станбени области, користи артилерија, ракетни фрлачи со повеќе цевки и балистички проектили, користи забрането оружје, фрла фосфатни бомби. Уништени и разурнати се околу 4.000 цивилни инфраструктурни објекти, меѓу кои 500 образовни институции (детски градинки, училишта, институти), болници (околу 200), храмови, театри и музеи.

Остри санкции има и ќе бидат интензивирани. Банкротот за Русија е неизбежен, руската економија веќе е во рецесија за многу години, просечната стапка на развој на руската економија до 2029 година се проценува на еден отсто, финансискиот систем паѓа катастрофално, запрено е тргувањето на Московската берза. Според повеќето експерти, има само одолговлекување во признавањето на вистинскиот каскаден банкрот на рускиот банкарски систем.

Според истражувањето на руските економисти, спроведено од Централната банка на Русија на почетокот на март 2022 година, падот на реалниот БДП се очекува да биде на ниво од осум до десет проценти, инфлацијата до 20 проценти. На тој начин, руската економија влегува во период на долготрајна рецесија и ограничено учество во светската економија. Руската економија ја чека одлив на странски капитал, крајно ограничени можности за надворешно вклучување, недостиг на увезени компоненти што не можат да се заменат без значително зголемување на цената.

Повеќето од водечките светски компании и брендови ја напуштија Русија. И ова е можна невработеност за десет милиони Руси. Се случува целосна економска и финансиска изолација на Русија. Колку побрз и поранлив е ударот врз путинскиот режим, толку побрзо „ ќе се разбудат руските граѓани“ и можеби конечно ќе почнат да прават нешто за да ја запрат оваа луда војна започната од нивниот владетел.

На Самитот на ЕУ во Версај беше исклучена можноста за брз пристап на Украина во Унијата. Лидерите на ЕУ порачаа дека нема отстапки во критериумите и оти тоа ќе биде долг процес. За споредба, Северна Македонија е во чекалницата на ЕУ од 2005 кога се здоби со статус кандидат, но се уште не ги почнавме преговорите. Дали сметате дека ова ќе придоне за решавање на кризата со оглед дека станува збор за долг процес, дали Киев има толку долго време да чека?

– Светот се менува толку брзо во денешно време што е многу тешко да се предвиди што било. И, се разбира, по оваа војна започната од Русија, ќе има радикални промени не само во европската, туку и во светската политика. Што се однесува до ЕУ, сега работиме на тоа брзо да ја поминеме специјалната процедура и Украина да стане членка на Европската Унија. Се зависи од политичката волја на Европа, на што работи Киев. Европската Унија сега презема чекори без преседан за поддршка на Украина. Ќе го почекаме одговорот на Европската комисија.

Во овој контекст, би сакала да го цитирам министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба кој рече дека „Европската Унија се покажа како сила способна да носи витални одлуки кога има политичка волја и желба да го стори тоа. Сега треба на ист начин да се донесе одлука и за членството на Украина во ЕУ, а ние сме подготвени многу брзо да ги поминеме сите процедури“.

Приближно три седмици по инвазијата на Русија врз Украина, бројот на Украинци кои избегаа во странство изнесува речиси три милиони луѓе, што е најголема бегалска криза во Европа од Втората светска војна. Од друга страна ЕУ ширум ги отвори вратите за бегалците, нудејќи им право на престој и работа во ЕУ до три години. Дали ова според Вас може да биде замена зад директно членство во Унијата?

– Не е коректно ова прашање. Сега има војна, се убиваат луѓе, умираат деца. И луѓето ги спасуваат своите животи и животите на своите деца. И тие ја напуштаат државата насилно, не по своја волја. Тие би сакале да останат во Украина, во своите домови, со своите пријатели и семејството. И веднаш ќе се вратат, штом има таква можност, кога Русија ќе се повлече од нашата држава.

А да се биде членка на Европската Унија е сосема поинаку. Тоа е правично градење на целата држава, сила на законот за сите, почитување на човековите права, демократија, слобода, ефективни и ефикасни државни институции, либерална економија итн. И ние, како држава, и секој Украинец поединечно ќе направиме се за тоа, што поскоро да станеме полноправна членка на Европската Унија.

НАТО ја поддржува Украина со испраќање воена помош, но не сака директно да се вклучи во конфликтот. Генералниот секретар Јенс Столтенберг рече дека одговорност на Алијансата е конфликтот од Украина да не се прелее во други земји и оти ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО. Претседателот Володимир Зеленски бара од НАТО да воспостави зона на забранети летови над Украина, признавајќи дека „вратата за директен влез во НАТО е затворена“. Како го коментирате сето ова?

– Во овој контекст, би сакала уште еднаш да го цитирам мојот министер велејќи дека „Путин многу добро чувствува страв. И ништо не го провоцира повеќе од страв. Затоа, пресвртниот момент кога НАТО ќе биде нападнат, ќе биде моментот кога тој ќе почувствува страв од НАТО, а не моментот кога некои земји од НАТО ќе ни предадат авиони“.

Во однос на членството на Украина во НАТО, според последните анкети, поддршката на украинските граѓани за влез во Алијансата достигнува 76 отсто. И ќе ги цитирам неодамнешните зборови на генералниот секретар на НАТО Столтенберг кој рече дека „Одлуката за влез во НАТО останува суверено право на Украина“. И како што споменав во ова интервју, светот се менува толку брзо што е неблагодарно да се предвидува нешто не само на долг рок, туку и на среден рок.

Украина се најде на работ на нуклеарна катастрофа со нападот на централата Запорожје. Од Русија, пак, пристигнуваат обвинувања дека во Украина има лаборатории за биолошко оружје. Дали ова се основани обвинувања на Москва или пак алиби за руската инвазија?

– Русија активно води кампања за дезинформација. Повеќето земји во светот веќе го сфатија тоа, поради што ги затвораат нивните лажни пропагандни медиуми. Како пример, целта на нападот врз Украина. Го цитирам Лавров кој рече „Ја нападнавме Украина, бидејќи Украина прва можеше да нападне“. Многу убедливо, нели? Или Путин: „Украинците и Русите се еден народ“. И еве уште еден фалсификат на руското Министерство за одбрана, или на Лавров: „Украинците развиваат биолошки вируси кои, пренесувајќи ги преку птици, можат да ги истребат Словените со соодветна ДНК“ (веројатно се мисли на Русите). Значи, ако сме еден народ, како овие вируси убиваат само Руси?! Некако сето тоа е многу цинично и слабо.

Но, ваквите изјави на Русите не можат да не не загрижат. Можеби ова е информативна подготовка за нивната вистинска провокација со употреба на биолошко или хемиско оружје под лажно знаме. Украинците не се самоубијци за на нивната територија да извршат нуклеарна (со украинските нуклеарни централи), хемиска или биолошка трагедија. А Русија има долга и добро документирана „евиденција“ за употреба на хемиско оружје, вклучително и за време на обиди за атентат и труење на политичките непријатели, а во Сирија хемиското оружје не еднаш се користеше. Сите овие фалсификати, сета оваа пропаганда – е оправдување за нејзината понатамошна намерна, неиспровоцирана и неоправдана војна против Украина.

Во разговорот за МИА, украинската амбасадорка ги наведе контактите и податоците за сите оние што сакаат да донираат за Украина: Амбасадата на Украина сите заинтересирани граѓани можат да ја добијат на следниве информации – телефонски број +389(2)317-81-20, emb_mk@mfa.gov.ua, додека донациите и помошта може да се достави на адресата на Амбасадата – ул. „Алберт Швајцер“ 7/9 Скопје, или на следните жиро сметки, со назнака „Средства за помош на народот на Украина во војната со Руската Федерација“:

Company name: EMBASSY OF UKRAINE IN NORTH MACEDONIA

Address: Ul. Albert Svajcer 7/9 Skopje

Е.Д.Б.: 4030000392074

Acc. No.: 0270200018432 (USD, EUR)

Acc. No.: 300009001843215 (MKD)

IBAN: MK07300702000184330

BENEFICIARY’S BANK: Komercijalna banka AD Skopje, Ul. Orce Nikolov br.3, 1000 Skopje, North Macedonia

BIC/SWIFT CODE: KOBSMK2X