Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, кој со средбата со шефот на државата ја отпочна посетата на Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, ја оцени посетата на високиот претставник Борел на Северна Македонија и на регионот како потврда за посветеноста и поддршката на ЕУ за Западниот Балкан, особено во светло на новата геополитичка реалност во Европа.
– Отпочнувањето на пристапни преговори за земјава е тест за кредибилитетот на Европската Унија. Со новите геополитички динамики, ние не зборуваме за забрзување на нашиот процес, имајќи предвид дека Северна Македонија и Албанија имаат одлука за започнување на пристапните преговори од Советот на Унијата уште од март 2020 година, истакнал претседателот Пендаровски, повикувајќи на брза реализација на стратешките одлуки во однос на политиката на проширување.
Северна Македонија, како што нагласи шефот на државата, се докажа како кредибилен партнер на Европската Унија и нејзината натамошна блокада за отворање на пристапните преговори, заедно со Албанија, е неодржлива.
Дискутирајќи за руската воена инвазија на Украина и нејзиното влијание врз безбедноста на европскиот континент како целина, соговорниците ја реафирмирале потребата од итно стопирање на руските воени дејствија во Украина, враќање на поредокот на меѓународното право и што е можно поскоро целисходно зацелување од девастирачкиот напад врз Украина.
Високиот претставник ја поздрави одлуката на земјава за приклучување кон санкциите на ЕУ за Русија, со што Северна Македонија целосно се придружува кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и пакетот санкции на Унијата, вклучително и пакетот мерки од 2014-та година.
На средбата се разговараше и за заклучоците од неодамнешниот Самит на лидерите на ЕУ во Версај, со акцент на процесот на евроинтегрирање со земјите од регионот, за што главниот збор го имаат земјите членки.