Силна и недвосмислена поддршка за европската интеграција на целиот регион на Западен Балкан и особено за регионалната економска и политичка соработка, како што е „Отворен Балкан“, изразија претставниците на американскиот Стејт департмент на работната средба во Вашингтон на заменик помошникот на државниот секретар и специјален претставник за Западен Балкан на САД, Габриел Ескобар со владината делегација составена од националните координатори Марјан Забрчанец и Нола Исмајлоска Старова и советникот на премиерот за надворешна политика Едмонд Адеми, во рамки на студиската посета во САД на регионалната координативна група на иницијативата „Отворен Балкан”.
На средбата, информираат од владината Прес-служба, претставниците на „Отворен Балкан“ од Северна Македонија, Албанија и Србија со претставниците на Стејт департментот на САД разговараа за важноста на регионалното поврзување и на слободното движење на луѓе, капитал, добра и услуги. Тие уште еднаш ја потврдија отвореноста на иницијативата за приклучување на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово во иднина.
Иницијативата „Отворен Балкан“ беше оценета како соработка која дава конкретни резултати, која е препознаена од граѓаните, компаниите и институциите и која е на линија со европските политики и регулативи.
– Западен Балкан има недвосмислена европска иднина, земјите од регионот треба да станат членки на Унијата во разумен рок бидејќи со тоа ќе донесат нови можности за Европа, беше истакнато за време на состанокот.
Во рамки на студиската посета која е во организација на Атлантскиот совет од САД, претставниците на „Отворен Балкан“ од Северна Македонија, Албанија и Србија имаат средби и со претставници на Американскиот сенат, како и со претставници на меѓународните организации НЕД, НДИ и ИРИ.