Европската Унија треба ургентно да го деблокира почетокот на преговори со Северна Македонија и со Албанија и не смее да дозволи Западен Балкан да го остави како отворено прашање и отворена рана, порача вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи, во контекст на кризата во Украина и колку е реално тамошната ситуација да се прелее на Балканот. Во меѓувреме, Европскиот парламент со огромно мнозинство ја поддржаа резолуцијата со која се бара да и се додели кандидатски статус за членство на Украина во ЕУ.
– Првиот чекор, ургентниот чекор што треба да се направи е веднаш да се деблокира почетокот на преговори за овие две држави за да можеме и ние да помогнеме да ги превенираме евентуалните влошувања на приликите во овие две прашања. Меѓутоа, во услови кога ние имаме наша ситуација не можеме да придонесеме како што треба ако членка на НАТО овде во регионот или пак подолг кандидат за ЕУ со искуство во овие процеси. Значи, првата одлука за да се спречи влошувањето и на ситуацијата во регионот е веднаш да се започнат преговорите со Северна Македонија и со Албанија, рече Османи.
Според него, ситуацијата со Украина уште еднаш алармира до ЕУ дека не смее да го остави Западен Балкан како отворено прашање и оти треба под итно да се преземат сите мерки за во регионот да се внесе нова динамика што дополнително ќе ја зацврсти улогата на ЕУ на глобалната сцена.
– Порано реков, во своето тело ЕУ има една рана, а тоа е Западен Балкан. Не може да се бори против предизвиците на светско ниво додека таа рана и е во телото. И затоа мислам повеќе од кога било е неопходно ЕУ да смогне сили за да даде позитивна динамика во оваа слаба точка на континентот што може да биде искористена за да се ослаби позицијата на ЕУ визави овој конфликт, рече шефот на дипломатијата.
Османи оцени дека и Украина треба да има европска перспектива, но, како што посочи, во редот на нештата не може да се прескокне Западен Балкан и да се оди кон периферијата на Европа, „оставајќи рана на срцето на самата ЕУ имајќи предвид дека Западен Балкан е опкружен со земји членки на ЕУ и тоа од сите страни“.
– Ќе продолжиме со активностите и во овој период додека сме ангажирани со конфликтот во Украина да дадеме до знаење на ЕУ дека е неопходно да се внесе нова динамика. Нова динамика во еден регион којшто има две големи отворени прашања како што е Босна и состојбата во односите помеѓу Србија и Косово е преку давање зелено светло за почнување преговори за Северна Македонија и Албанија. Веднаш тоа ќе ја смени динамиката во една позитивна насока за целиот Западен Балкан бидејќи наместо четири отворени прашања ќе имате веднаш само две отворени прашања и две држави што ќе помогнат да се затворат останатите две прашања, оцени Османи.
Тој додаде дека степенот на внимателност е подигнат и во НАТО и во ЕУ и кај нас коишто сме членки на НАТО во регионот, поради можноста некој да ја искористи оваа ситуација за влошување на приликите овде во услови на две големи отворени прашања и две дополнети отворени прашања, а тоа е нашето и на Албанија поради блокирањето на почетокот на преговорите.
Шефот на дипломатијата, во однос на напредокот во разговорите со Софија, а во контекст на последната средба на заедничката Комисија, рече дека се направени одредени позитивни исчекори во однос на начинот на продолжување на активностите, истакнувајќи дека наш државен интерес е историските прашања да се зачуваат и да се разговараат во Историската комисија.
Напомена дека оваа недела и Бугарија беше во вонредна состојба поради тоа што и тие имаат многу граѓани во Украина и поради тоа што на некој начин се прва земја во тој прстен.
Одговарајќи на новинарско прашање за Предлог-декларацијата по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, која вчера беше на дневен ред на 64-та седница на Собранието, министерот Османи рече дека тоа е спротивно на нашите интереси.
– Наш државен интерес е историските прашања да се зачуваат и да се разговараат во Историската комисија. Протекувањето на историската дебата од Историската комисија како заштитник на нашите позиции во политичка дебата, во која политичките интереси, партиските интереси ќе одлучуваат за нашите државни позиции може да биде пресудно за нас, рече Османи.
Европратениците вчеравечер со огромно мнозинство ја поддржаа резолуцијата со која се бара да и се додели кандидатски статус за членство во ЕУ на Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.
Резолуцијата е донесена со само 13 гласа „против“ и 26 „воздржани“, додека 637 гласаа „за“ на денешната вонредна пленарна седница на Европскиот Парламент.
Со ова европратениците испраќаат јасен сигнал до Украина, но и до Русија, дека Киев има целосна поддршка од единственото демократски избрано тело во Европската Унија.
Претседателот на Европскиот Совет денеска побара Европската Комисија да изготви мислење за кандидатскиот статус на Украина во ЕУ. Бројни европратеници денеска порачаа дека е итно и Молдавија да го добие овој статус.
Претходно, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, се обрати пред европратеници на вонредна пленарна седница на Европскиот Парламент и побара од Европската Унија да ја докаже својата заложба за европска Украина,
Конечната одлука за нови земји членки ја носи Советот на ЕУ, односно земјите членки.
Досега земјите од истокот на Европа не биле дел од процесот на проширување и на стабилизација и асоцијација. Европската Комисија ќе треба наскоро да се произнесе за иднината на Украина во ЕУ.
Украина во понеделникот упати барање до Брисел да и се дозволи да се приклучи на Европската унија по посебна процедура, и тоа во момент кога државата се брани од инвазија на руските сили. Украинскиот претседател Зеленски кажа дека потпишал официјално барање Украина да се приклучи на ЕУ и побара на земјата да и се дозволи на Украина веднаш да добие членство по посебна процедура.
Последното проширување на блокот е пред девет години со влезот на Хрватска, додека во „чекалната“ се пет земји.
Ова е кус историјатат на проширување на блокот и неговата чекална.
Европскиот блок, кој започна со шест земји во 1957 година, се прошири неколкупати со некои од геополитички најчувствителните кои дојдоа од 1995 година. Таа година се приклучија Австрија, Шведска и Финска, давајќи му на блокот граница со Русија за првпат.
Потоа, во историското проширување во 2004 година, ЕУ прифати осум поранешни комунистички земји, вклучувајќи ги Полска, балтичките земји, Унгарија, Словачка, Словенија и Чешката Република, како и медитеранските острови Кипар и Малта.
Во 2007 година на поранешниот источен блок им се приклучија и Бугарија и Романија, а потоа и Хрватска во 2013 година.
Потоа, во 2016 година дојде шокот од референдумот за Брегзит кога Велика Британија гласаше за напуштање. Тешкиот „развод“ беше финализиран во 2020 година.
Најдолго во чекалната на ЕУ е Турција, која кандидатски статус доби во 1999 година, потоа Северна Македонија од 2005 година и Албанија од 2014 година. Црна Гора кандидатскиот статус го доби во 2010 година, а во 2012 година ги започна преговорите за членство, додека Србија кандидатскиот стаус го доби во 2012 година и ги отвори преговорите во 2014 година.