ВО ПОСЕТА НА РОДНИНИТЕ НА ПЕТАР СТАМАТОВ ВО ПРИЛЕП

ИСЕЛЕНИЧКАТА ФОНДАЦИЈА „ПЕТАР СТАМАТОВ“ НА УКИМ 

Беше убав пролетен ден кога го посетивме Прилеп, градот кој го зафаќа Прилепското Поле, а кое, пак претставува северен дел од најголемата котлина во Македонија, Пелагонија. Патувањето за Прилеп беше поврзано со посетата на двете присестри на донаторот Петар Стаматов. Кога стасавме на Плетвар уживавме во гледката кон Марковите Кули и кон Прилеп, познатиот светски центар за производство на квалитетен тутун од типот “Прилеп” кој е особено баран на светскиот пазар.

Го гледавме градот во кој се наоѓаат рудниците на квалитетните мермери во светот. Градот со богато културно наследство и историја, градот, на националната гордост и отвореност кон светот, градот херој, градот на богатата македонска историја.

Инаку, Прилеп е раскрсница на северниот и јужниот дел на Македонија, а се наоѓа на надморска височина од околу 650 метри и претставува еден од значајните македонски градови. Тој е град со бурна историја.  Прилеп за прв пат се споменува во 1014 година. Територијата на градот и неговата околина претставувале едно од најважните стратешко – политички и воени подрачја на овој дел од Балканот. Во пелагонискиот дел се наоѓале мошне важни крстосници на патишта од правецот на Егејското и Јадранското море. Важните антички магистрали Виа Игнација и Виа Милитарис својата најприродна врска ја имале преку Прилеп.

Исто така преку Прилеп врвел и најкусиот трговско – каравански пат по кој од правецот на Јадранското Море венецијанските и дубровничките трговци и курири поаѓале кон Солун. Низ вековите,на овој простор се среќавале и се судирале хеленската, римската, византиската и словенската култура. Затоа во него се наоѓаат споменици од античкиот период како ,”Бедем” во с. Чепигово, “Безистен” меѓу селата Прилепец и Волково,како и во самиот град. На неколку локалитети се утврдени и остатоци од античките градови Стибера, Алкомена, Керамија и Колобанса. Но, има и споменици од средниот век.

1is112

Поглед на Прилеп

Тука спаѓаат црквите Св. Никола, која датира од 13 век, Св. Успение на Богородица во манастирот на Трескавец со репрезентативни фрески од 15,16 и 19 век, како и манастирот со црквата Св. Преображение која се наоѓа над селото Зрзе. Најзначајниот комплекс од културно – историски споменици се наоѓа во самиот град, кој бил центар на пошироката политичко – територијална организација и значајно политичко и воено место за престој на македонскиот цар Самуил. Комплексот споменици на средновековниот Прилеп го зафаќа просторот на стеновитото возвишение  Маркови Кули и околните простори со локалитетите Поткули, Варош и Заград.

Поминавме низ централниот дел на Прилеп и се упативме кон Автобуската станица, каде во непосредна близина се наоѓа домот на Лена, сестрата на Петар Стаматов. Влеговме низ тесната порта, од каде се стасува во старата куќа во која живееша сама  сега покојната Лена. Се качивме по трошните  дрвени скали на првиот кат, каде таа љубезно не пречека. Беше скромна и благородна старица, која, ете, како пензионерка останала сама во домот, но била често посетувана од своето семејство. Разговаравме за животот, за семејството, за минатото, за иднината…

Посебно се интересиравме да ни каже нешто повеќе за нејзиниот брат Петар. Таа живо се сеќаваше за периодот од детството, младоста и потоа, за времето кога нејзиниот прибрат доаѓал да ја посети во Прилеп, за подароците што ги добивала, за средбите и разделбите со Петар и Јажа… Притоа ни даде поголем број фотографии од нејзиното семејство, како и заеднички фотографии со Петар и Јажа.

Го напуштивме домот на Лена со извесна тага заради нејзината состојба, но и со радост, бидејќи добивме бројни фотографии кои ќе си го најдат своето место во оваа монографија за Стаматов. Се упативме кон домот на другата сестра Милица (Мица). Таа љубезно не‘ пречека на влезот на нејзината убавата градска куќа и влеговме во нејзиниот дом. За разлика од сестра и‘, таа била образована, заедно со својот сопруг Димче била борец во Народно-ослободителната борба за слобода на Македонија и уживале поголем број придобивки кои ги заслужиле.

1is113

Со неа зборувавме за слободарскиот дух на Прилеп уште од Илинденскиот период кога градот бил средиште на македонското национално и ослободително движење, и дека Прилеп и Прилепско во тој период дале десетици револуционери и борци, меѓу кои и Пере Тошев, Ѓорче Петров, Петре Ацев и многу други. Таа со задоволство ни зборуваше за 11 Октомври 1941 година кога во Прилеп започнало вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор за национално ослободување и самостојност на Македонија.

Исто така ни кажуваше за “Могилата на непобедените”, како еден од најмонументалните споменици во кој се погребани посмртните останки на повеќе од 650 борци од овој крај и претставува значајно сведоштво за масовното и пожртвувано учество на луѓето од овој крај во ослободителната војна.

После долгиот и пријатен разговор со сега покојната Милица  која ни даде податоци и бројни фотографии од животот на Петар Стаматов, го напуштивме нејзиниот дом и се упативме кон Битола, со цел да ги посетиме другите роднини на донаторот Стаматов. По патот од Прилеп за Битола зборувавме за растежот на Прилеп што го доживеа во времето на слободниот повоен развој кога и израсна во значаен политичко – административен, културно – образовен, научен и стопански центар во Република Македонија. На македонската книжевност, на македонското сликарство и вајарство. Прилеп им подарил повеќе од 25 писатели, дваесетина сликари и скулптори, а на македонската научна мисла повеќе признати научни работници.

 

Се упативме кон Битола градот на конзулите, како што го нарекуваат. Тој е градот каде Петар Стаматов поминал дел од детството. Битола е неговата гордост, инспирација и предизвик.

Продолжува

1slave 1 ПишуваСЛАВЕКАТИН