Османи се сретна со Македонците во Албанија и претставниците на нивните здруженија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамките на својата работна посета на Република Албанија, се сретна со Македонците во Албанија, како и со претставниците на нивните здруженија при што биле разгледани повеќе прашања поврзани со натамошното унапредување на нивниот статус во албанското општество, како и за начините како двете држави, во рамките на својата соработка, можат да го помогнат овој процес.

-Детално беше разговарано за потребата од натамошно поврзување и продлабочување на соработката, особено од аспект на културната, образовната и економската сфера. Во оваа насока беше истакнато задоволство од активната поддршка што Министерството за надворешни работи ја дава во реализација на проектите поврзани со активностите на македонските здруженија, стои во соопштението на МНР.

Меѓу другото, наведуваат од МНР, заеднички беше констатирана потребата од промена на режимот на граничните премини, како што е привремениот граничен премин Требиште-Џепиште, како и заложбите на владите на Северна Македонија и Албанија за целосно имплементирање на проектите кои произлегуваат од иницијативата Отворен Балкан.  

Османи, се додава, ги запозна присутните и за активностите и напорите поврзани со формалното започнување на пристапни преговори за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, како и за придобивките кои ќе произлезат од тој процес.