Преку сеопфатен документ ќе се решаваат прашањата со Бугарија, неделава средба на работната група за евроинтеграции и состанок на експертско ниво

Се наоѓаме во посензитивен период во разговорите со Бугарија и дијалогот продолжува на ниво на експерти и политички групи. Целта е ова прашање да биде затворено еднаш засекогаш и да не ни се отвора повторно преку сеопфатен документ којшто би бил протокол или декларација, каде ќе се ставаат сите документи важни за сите страни, рече вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи. Динамиката на новиот пристап во разговорите со Софија продолжува и оваа недела со средба на работната група за евроинтеграции и со состанокот на експертско ниво меѓу двете министерства за надворешни работи, што ќе се одржи утре во Скопје.

Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, вчера објави дека никој нема да ги спречи него и македонскиот премиер Димитар Ковачевски да напредуваат во односите меѓу Софија и Скопје.

Османи, на брифинг со новинарите, рече и дека португалскиот предлог останува се уште важечкото решение по кое што се разговара. – Ние сакаме да го затвориме ова прашање еднаш засекогаш и да не ни се отвора повторно. Ниту сакаме ова прашање да го решаваме во парчиња, туку да имаме еден сеопфатен документ што би бил протокол или декларација, каде ќе се ставаат сите документи важни за сите страни и со кои ќе се заокружи ова прашање. Тоа ни гарантира нам дека нема да има отворање нови прашања или пак ќе има асиметрично исполнување од едната или од другата страна, дециден е Османи.

Министерот појасни дека согласно Договорот од 2017 постои инструмент Меѓувладина комисија која секоја година потпишува протокол за имплементација на Договорот.

– Тоа е документ што има три дела, веќе е усвоен еден таков протокол и потпишан од комисиите, едниот дел е секторската соработка, другиот дел се политичките, односно плановите за наредната година, и третиот е работата на историската комисија. Тоа е согласно договорот, веќе еден протокол е потпишан, ние не успеавме да организираме меѓувладина комисија заради тоа што ескалираше спорот и немавме можност. Меѓутоа, тој документ е во тој дух на тие протоколи што се усвојуваат меѓу две влади согласно договорот, а којшто утврдуваат начин на имплементација на договорот, рече Османи.

Тој потсети дека се одржа нова рунда политички разговори на највисоко ниво, во кои повторно биле презентирани ставовите и позициите на двете страни, а во меѓувреме имале и комуникација и координација со европските партнери.

Во одговор на прашањето дали дел од билатералните теми за кои сега се преговара меѓу Скопје и Софија, би станале дел од преговарачката рамка, Османи рече дека за Преговарачката рамка прво одлучува ЕУ, бидејќи земјите членки треба да ја прифатат преговарачката рамка.

– Сите 27 треба да кажат да. Има членки кои се многу сензитивни на прашањето на билатерализација на европскиот процес, за внесување на што било во преговарачката рамка. Прво треба тие да ја усогласат и да кажат „да“, за потоа ние да ја прифатиме. Ниту без нив, ниту без нас, не може да се усвои преговарачката рамка. Затоа сега се усогласуваме и билатерално, што би било прифатливо за нас во преговарачката рамка, а што би било за земјите членки, потенцира Османи.

Тој истакна дека нашиот принцип во овие преговори е дека ништо не е договорено, додека се не е договорено. Што значи дека дека во оваа фаза ние кажуваме ставови во однос на тоа што би можело да биде прифатливо, што не може да биде прифатливо.

– Така што сите овие кажувања во овој период се перцепции од ставовите на едната и на другата страна. Меѓутоа, се додека не се договори се и не се стави на хартија, и на тоа се обврзат двете страни по однос на сите тие аспекти и за тоа има одредена меѓународна гаранција, не би кажал што во овој период имаме договорено, но да, имаме ставови по однос на прашања што сме ги кажале на бугарската страна што би можело да биде прифатливо, а за што не може да се разговара и да биде прифатливо, појасни Османи.

Османи вчера во емисијата Топ Тема на ТВ Телма изјави дека е погрешна перцепцијата оти најавата на еден сеопфатен протокол, кој инаку е постоечки инструмент од Договорот од 2017 година, е некакво поместување од нашата позиција. Напротив, вели, тоа е зацврстување на нашата позиција со гаранции дека веќе нема да има нови барања од бугарска страна.

– Наше е барањето да има еден сеопфатен документ со кој се затворат сите барања еднаш засекогаш, одноно нема да има постојано појавување на нови барања, нови позиции туку сите елементи кои се важни за нас, според нашата државна позиција, но и оние елементи кои се барање на Република Бугарија ќе се врзат во еден сеопфатен документ на меѓусебно зависни и временски зависни елементи. Тоа е наше барање не е барање на Република Бугарија. Погрешна е перцепцијата дека најавата на еден таков сеопфатен протокол кој инаку е постоечки инструмент од Договорот од 2017 година, дека најавува некакво поместување од нашата позиција. Напротив, тоа е зацврстување на нашата позиција со гаранции дека веќе нема да има нови барања, рече Османи.

За тоа што би опфатил тој документ и како со него ќе се решат отворените прашања, Османи не сакаше да коментира во детали, оценувајќи дека преговорите се во посензитивна позиција.

Премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Кирил Петков во петокот остварија средба во Минхен, на маргините на Минхенската безбедносна конференција, при што изразија задоволство од досегашниот напредок на билатералната соработка и најавија нејзино интезивирање.

Ковачевски завчера, на дебата во рамки на Минхенската конференција, рече дека сме посветени на изнаоѓање взаемно прифатливи решенија и во тој дух Северна Македонија ги презеде сите неопходни чекори за деблокирање на процесот на проширување на ЕУ.

– Во духот на европските добрососедски односи, јас и бугарскиот премиер Петков во последниве два месеци, откако сме и двајцата премиери, ги интензивиравме разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија со искрена волја да направиме чекори на доближување, на соработка и на доверба за кои веруваме дека ќе нѐ однесат до решенија за нашите билатерални прашања, рече Ковачевски, оценувајќи дека доколку ЕУ покаже отсуство или слабост на Западниот Балкан, тогаш трети страни ќе имаат повеќе можности да ја пополнат таа празнина која е исклучително важна на геостратешки план.

Премиерот на Бугарија Петков, пак, на својот Фејсбук профил објави дека никој нема да ги спречи него и македонскиот премиер Димитар Ковачевски да напредуваат во односите меѓу Софија и Скопје.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Петков, Република Бугарија и Република Северна Македонија треба активно да го промовираат развојот на заеднички компании, кои заедно ќе создаваат голема додадена вредност, да имаат растечки економии, заеднички детски кампови, заеднички концерти, да имаме заеднички образовни програми, да нема граница меѓу нашите две земји, да нема дискриминација, да нема говор на омраза, да се градат автопати и да имаме модерни железнички линии.

– Јас и Димитар веруваме дека тоа е можно, и нема да подлегнеме на провокации, туку ќе работиме упорно и заедно да го постигнеме тоа. А на сите злонамерни страни можам само да им порачам „нема да не спречите!“, објави Петков.

За многумина, според бугарскиот премиер Кирил Петков, овие зборови звучат како сон, други организираат секакви провокации за тоа да не се случи, а трети едноставно не сакаат стабилност на Балканот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *