Народната банка (НБ) води соодветна олабавена монетарна политика, бидејќи инфлацијата е пред сѐ глобален феномен. Во согласност со глобалните трендови, повисоката инфлација веројатно ќе се задржи подолго во однос на претходните очекувања, намалувајќи се во текот на втората половина на 2022 година, констатира Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во извештајот од редовната мисија во земјава.
Од ММФ препорачуваат во наредниот период, Народната банка будно да ги следи движењата и потенцијалните ризици, и да биде подготвена за реакција доколку е потребно.
Според ММФ, фиксниот курс на домашната валута со децении е сидро на стабилноста на домашната економија, а девизните резерви се одржуваат на соодветно ниво и овозможуваат доволно простор за задржување на стабилноста на курсот на денарот.
-Навремениот и силен одговор на Народната банка го ублажи ударот којшто пандемијата ѝ го зададе на економијата, а понатаму помогна во економското закрепнување, оценува ММФ во извештајот.
Нагласува дека регулаторната флексибилност за време на пандемијата беше значително искористена и им помогна како на корисниците на кредити, за надминување на предизвиците со ликвидноста, така и на банките.
– Мерките на Народната банка придонесоа за зачувување на финансиската стабилност. Тековните реформи за јакнење на макропрудентната рамка и за заштитната финансиска мрежа се клучни. Банкарскиот систем е добро капитализиран. Стапката на адекватност на капиталот во септември 2021 година надмина 17 отсто, поддржана од солидната капитализираност пред пандемијата и мерката на Народната банка за привремено ограничување за исплата на дивиденди од страна на банките, се вели во извештајот на ММФ.
Стрес-тестовите на Народната банка, се додава, покажуваат дека нивоата на капиталот на банкарскиот систем ќе бидат над минималните барања и во ризично сценарио.
-Народната банка е високотранспарентна и отчетна институција. За да се обезбедат навремени одлуки и да се зачува оперативната автономија како супервизор, од највисок интерес е да се одржи независноста на централната банка, посочуваат од ММФ.
Во согласност со препораките на Програмата за оцена на финансискиот сектор (ФСАП) на ММФ и Светската банка од 2018 година, Фондот во извештајот посочува дека Народната банка треба да се исклучи од Законот за административни службеници.
-Народната банка има соодветна рамка на внатрешни механизми за донесување на одлуките и за спроведување на активностите. Ова беше заклучено во 2020 година, кога мисија на ММФ спроведе проверка и на интерните контролни механизми во Народната банка. ММФ и во овој случај посочи на потребата за измени во законската рамка заради зајакнување на независноста на Народната банка, порачуваат од ММФ.