Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во неговиот говор по повод 100 дена локална власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ истакна кога се работи за историјата не треба да има поделби на наши и ваши или леви и десни. Тој нагласи дека нашата историја е нашата лична карта, нашето постоење на пркост.
-Нашата историја е нашата лична карта, нашето постоење на пркост, пот и крв дадена за она што денес многу лесно се тргува, а многу тешко е спечалено. Не прифаќам фрази каде во привидното решавање на проблемите премиерот ќе каже историјата да ја оставиме на историчарите, а политиката на политичарите. Ние не сме до тука дојдени во овој очај на откажувања и порекнување затоа што историчарите се мешаа во политиката, туку затоа што политичарите не се занимаваа со политика. И многу ми е криво што политичкиот естаблишмент на власта не најде за сходно да се утврдиме во нашата единствена неподелена тврдина Гоце Делчев, зошто неговата суштина на животен пат и борба беше обединувањето за слобода и самобитност, а не поделбите, рече Мицкоски кој додаде дека владата и Ковачевски прават голема грешка и дека испуштаат историска шанса да застанат на вистинската страна.
-Од таа гледна точка Владата и Ковачевски прават грешка и испуштаат историска шанса да бидат на вистинската страна. И затоа што на крајот, со откажувањето на прифаќање на декларацијата за Гоце кажуваат дека се спремни да се откажат и од други важни прашања за нашиот идентитет. Затоа го повикувам народот на будност и дејствување во моментот кога овие ќе одлучат да го распродадат тоа кое што нас ни е најмило. Со тоа што источниот сосед ја негира македонската вистина за Делчев, ни удираат во темелите. Со тоа што ја негираат нашата историја и јазик сериозно ги нишаат столбовите од нашиот дом. Со тоа што ни ја блокираат нашата европска иднина, не ни дозволуваат да имаме кров и облик на нашиот дом каков што сакаме да го имаме и каков што треба да го наследат генерациите после нас.
Впрочем ударите се кон нашиот дом кој е се за едно семејство. Јас сум свесен дека во ситуација кога нашиот дом е во прашање, единството е поважно од секоја една наша внатрешна разлика која ја имаме во овој заеднички дом. Свесен сум, но и загрижен за тоа дали и премиерот на Македонија е свесен за истото. И затоа сакам да му порачам дека ВМРО, и историски, и суштински. и денес политички е вграден како еден од најважните стожери и столбови на нашиот дом- Македонија. И кога ќе се најде оваа влада пред ударите кон нашиот дом, ВМРО-ДПМНЕ нуди единство, договор за она што е наш заеднички супстрат и поддршка за заштита на националните, стратешки и државни интереси на нашата Македонија.
Мицкоски понуди единство за прашањата кои се важни за татковината.
– И домот ќе биде цврст колку се силни темелите и столбовите на куќата, и не е реткост било кој дом да биде на тест на разно разни потреси и удари, но се додека се држиме едни со други, се додека ја крепиме куќата, домот ќе остане неподелен и цел. А што е домот, ако не луѓето во него. ВМРО-ДПМНЕ е со народот заедно во тој дом, но го гледам Ковачевски и тие околу него дека се надвор, дека не го споделуваме истиот товар. Затоа нудам единство, а ВМРО својата потпора за нашиот дом и само за прашањата кои се важни за нашата татковина и за нашиот дом и сите луѓе во него. Македонија е нашиот дом, а ние како народ мора да бидеме единствени и од тоа нема да има поголем аргумент овие луѓе во преговорите да останат внатре во нашиот дом, да не излегуваат и да не потклекнуваат пред било кого, порача Мицкоски.
Ние сме надвор од преговорите, но мојата поддршка за заштита на националните интереси на Македонија, нашата посебност, идентитет и иднина е бланко кога се во прашање овие фундаменти на постоењето на нашата Македонија. Спремен сум да ја премостам секоја разлика само Владата да ги заштити националните интереси и таа врата за ова прашање е секогаш широко отворена. Треба да знае во состојба на силни удари, предизвици ВМРО останува да биде тој стожер на нашиот дом, порача Мицкоски.
-Јас сум подготвен да разговарам кога интересот е Македонија и народот, немајте дилема.
Ќе разговарам со секого, на секоја тема, затоа што тоа е одговорно и тоа е лидерството кое го бара и и треба на нашата земја. Доаѓам да разговарам, дали тоа се викало лидерска, или очи во очи состанок, ако тоа е во интерес на моите граѓани и Македонија немам дилема. Во време кога народот гладува, кога земјава се помалку ја има, нема гледање низ нишани и тоа е најмалку нешто што можам да го направам, додаде Мицкоски и порача дека мора да има и одговорност за секој што се огрешил пред законот.
-Мора да се држиме на вредности и принципи. А тоа подразбира да има и одговорност за сите кои се огрешиле, за сите криминали, грешки, подлости и неправди. Тоа допрва ќе дојде, ако мислат дека излегоа од политиката и сме заборавиле, се лажат. Ние можеби простуваме, но не забораваме. Одговорност ќе дојде без која не може да се оди напред и тоа е нешто што го должиме за да се случи катарзата во нашето општество. Еднаш засекогаш. Доста е тапкање во едно место. Одиме напред, одиме цврсто, мораме да донесеме иднина за нашата Македонија. Со мобилизација на голем број на млади умови, мудри глави, еминентни личности. ВМРО ДПМНЕ не застанува тука, допрва доаѓа вистинската преродба, вистинските промени за иднината во која веруваме и за која се бориме, заврши Мицкоски.