Грковска – Мејер: Продолжува поддршката на САД за владеење на правото и за институции како сервис за граѓаните

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, денеска имаше средба со заменик-амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Ерик Мејер.

Заменик-амбасадорот Mejeр на вицепремиерката Грковска ѝ го честитал стапувањето на новата должност, истакнувајќи ги долгогодишните динамични и пријателски односи меѓу САД и Северна Македонија, како и отвореноста на САД за соработка во спроведување на реформите од значење за унапредување на евроинтегративниот процес на државата, борбата со корупцијата и одбраната.

Како што соопшти прес-службата на Владата, вицепремиерката Грковска ја изрази својата благодарност за силната поддршка на националните интереси на Република Северна Македонија од страна на САД, како и на интензивните реформски процеси, истакнувајќи дека Република Северна Македонија во Соединетите Американски Држави има долгогодишен стратешки партнер.

Грковска го информирала заменик-амбасадорот Мејер за имплементирањето на основните принципи на доброто владеење во државата со фокус на дигитализацијата, професионализација на институциите со цел подобрување на услугите што тие ги испорачуваат на граѓаните.

Вицепремиерката на средбата информирала и за исклучителното значење на процесот на дигитализација во чијашто имплементација интензивно се разменуваат знаења со релевантни чинители кои имаат богато искуство во оваа област.

Таа нагласила дека паралелно ќе продолжат напорите за подобрување на функционалноста на институциите, а изразила благодарност до УСАИД и нивните програми во насока на професионализација на јавната администрација.

Заменик-амбасадорот Мејер ги поздравил напорите во правец на спроведување на политиките за добро владеење и ја изразил силната поддршка на САД за сите активности во реформскиот процес.

На средбата двете страни се согласиле дека ќе продолжат со плодната соработка со цел државата да има професионални институции кои работат во полза на граѓаните.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *