РС Македонија и Грција со заеднички чекори ќе работат на унапредување на економската соработка и трговската размена, како и на заштита на инвестициите. Ова е заклучокот од средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со заменик-министерот за економска дипломатија на Република Грција Костас Фрагогијанис, кој е во посета на РС Македонија.
На средбата беа истакнати приоритетните проекти на кои се работи меѓу двете земји, во областа на инфрастуктурата и енергетиката, напредокот во активностите за потпишување билатерален договор за поттикнување и реципрочна заштита на инвестициите и договор за одбегнување на двојното оданочување, како и за процесот на пристапување на РС Македонија во ЕУ.
-Владата на РС Македонија презема активности за реализација на проектот за изградба на интерконективниот гасовод до Грција проценет на 57,8 милиони евра и за што веќе се обезбедени средства од Европската инвестициска банка во износ од 28,9 милиони евра, од ВБИФ се добиени грант средства во износ од 9,9 милиони евра кои ќе бидат искористени за финансирање на градежните работи, а грант средства во износ од 2,6 милиони евра ќе бидат наменети за техничка помош во спроведувањето на проектот подобрување на комуникацијата и видливоста на проектот, како и евалуација и ревизија на проектот. Преостанатите 16,5 милиони евра ќе се обезбедат од ЕБОР за што Владата во наредниот период ќе поднесе посебен Предлог-закон за гаранција, информира Кабинетот на Бесими.
Проектот за изградба на гасоводот е еден од најприоритетните проекти со стратешко значење за нашата земја, а неговата реализација ќе обезбеди стабилност во снабдувањето со енергија, пред сè во индустријата, што ќе придонесе за обезбедување забрзан и одржлив економски раст и подобар квалитет на живот за граѓаните.
-Исто така, со финансиски средства од ИПА фондовите во тек е проектот за модернизација на граничните премини меѓу РС Македонија и Грција, кој ќе придонесе за поголема функционалност, забрзан проток и зголемен квалитет на услугите за корисниците на граничните премини, се наведува во соопштението.
Трговската размена со Грција бележи раст од 48,7 проценти за периодот јануари – ноември 2021 во однос на истиот период минатата година, со остварена вредност од 838,8 милиони евра. Странските директни инвестиции од 2011 до сега изнесуваат 152,4 милиони евра.