Во Бугарија разговори на експертско ниво за политичкиот пакет прашања

Во Скопје и во Софија денеска продолжува обновениот македонско-бугарски дијалог за надминување на отворените политички прашања и интензивирање на соработката меѓу двете земји.

Во Софија ќе се одржи редовниот состанок на експертско ниво, меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија согласно договорената динамика на билатерални преговори за т.н. пакет на политички прашања.

Денеска во Софија треба да продолжи и состанокот на работната група за инфраструктура на кој македонската делегација е предводена од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, а бугарската од неговиот колега Николај Сабев. На заседавнието на меѓуресорската работна група за соработка во областа на инфраструктурата, транспортот и поврзувањето, покрај Бочварски и Сабев учествуваат и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, како и бугарскиот вицепремиер и министер за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов, и за енергетика Александар Николов. На состанокот во фокус се прашања од заеднички интерес во делот на патниот сообраќај, транспортната поврзаност и дигитализацијата.

Делегациите на двете земји утрово од Софија со авион на авиокомпанијата „Гуливер“, ќе слетаат на Меѓународниот аеродром Скопје со што ќе се реализира првиот лет на таа релација. Со авионот во Скопје ќе пристигнат и туроператори од двете држави.

Активностите на работната група за инфраструктура потоа во Скопје ќе продолжи со состанок во Клубот на пратениците на кој треба да се разгледаат можностите и да се дефинирани деталите околу идното сообраќање на авиолинијата, која, според најавите, треба да биде редовна од следниот месец. Воедно, треба да се утврдат и туристички пакети коишто ќе помогнат да се зголеми бројот на меѓусебните посети на туристи од двете држави.

Авионското поврзување меѓу двата главни града на Северна Македонија и на Бугарија е првиот конкретен чекор на соработката што ја најавија по првата средба премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков што се одржа на 18 јануари, годинава во Скопје. Една недела подоцна, на 25 јануари, двете влади во Софија одржаа заедничка седница и потпишаа два документа за зајакнување на инфраструктурното поврзување на двете земји, за директна авиолинија Скопје – Софија и за железничкиот Коридор 8.

Премиерот Ковачевски, во однос на дијалогот со Софија, вчера во Собранието изјави дека дефинираните позиции за македонската засебност и посебен културно-јазичен идентитет остануваат непроменети.

-Граѓаните да бидат спокојни дека од црвените линии за запштита на нашиот идентитет не отстапуваме, но посветено работиме што побрзо да бидеме дел од европското семејство, порача Ковачевски од собрансиската говорница каде се расправаше за избор на заменици-министри во Владата.

Во своето обраќање пред пратениците, осврнувајќи се на надворешната политика, Ковачевски рече дека билатералните разговори со Бугарија за динамизирање на економската соработка и добрососедството продолжуваат, а историските прашања ги оставаат на решавање на стручната историска фела.

– Историските прашања ги оставаме на решавање на стручната историска фела, но воедно Ве уверувам дека дефинираните позиции за македонската засебност и посебен културно јазичен идентитет остануваат непроменети, јасни и цврсти, како досега, така и во иднина. И јас и сите граѓани немаме дилеми за тие прашања. Отаму недозволено и неприфатливо е било која политичка партија да генерира низок и ефтин политички маркетинг и лажен патриотизам. За мене, за сите наши претци и поколенија нема дилема дека Гоце Делчев е еден од столбовите на македонската борба за самостојна и независна држава, како што знам и дека неговите мошти почиваат и ќе почиваат во Скопје, потенцира Ковачевски.

Амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир вчера при посетата на Битола изјави дека се охрабрени и ги поздравуваат напорите на Северна Македонија и Бугарија за надминување на разликите меѓу двете соседни држави што ќе овозможи што поскоро отворање на пристапните преговори со Европската унија.

-Ние секогаш сме ги повикувале Република Северна Македонија и Република Бугарија да разговараат се со цел да ги надминат разликите и за да може што поскоро да ги отвориме пристапните преговори со Република Северна Македонија. Изминатите неколку денови сите бевме охрабрени да ги пофалиме напорите од двете страни кои се во функција на пристапните преговори и тие да почнат што поскоро. Но, се додека тоа се случи, мислам дека е многу важно сите чинители да се фокусираат на реформскиот процес, на имплементација на реформите кои ќе ја доближат земјата до Европската Унија. Потребни се практични чекори за да се унапредат реформите и што побрзо се движи имплементацијата на реформи, толку пократок ќе биде патот на земјата до ЕУ. Охрабрени сме од позитивниот развој и случувања во изминатите неколку денови, изјави амбасадорот Гир кој беше во официјална посета на Општина Битола.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вели дека не е оптимист за решение со Софија се додека бугарската страна инсистира дека сме биле Бугари до 1945 година, односно дека имаме заедничка историја од среден век до 1945 година и се додека преговарат луѓе кои вели, не знаат да преговараат.

-Сакам да бидам оптимист. Цело време сме оптимисти дека ќе има достоен договор, дека ќе биде договорот не едностран туку ќе биде навистина пропорционален. Но, за жал, досега тоа не се случило иако ме убедуваа порано дека ги решиле сите проблеми со соседите. Гледаме дека не се решени проблемите со соседите, сосема спротивно. Отворен сум како и секогаш. Не е суштината трипати да преговараме за ова, еднаш за историјата. Суштината е изминатите месеци и години кога добивавме вето добивавме поради една едноставна причина, а тоа е дека ние не можеме да прифатиме дека сме биле Бугари до 1945 година, односно од среден век до 1945 година дека имаме заедничка историја и дека сме биле Бугари. Малку парадоксално сето тоа звучи. Од прилика на тоа се сведува.  Колку и да се обидуваат да ни кажуваат четири пати вака, трипати вака, изјави Мицкоски вчера на прес-конференција во седиштето на партијата на новинарско прашање дали е оптимист и што очекува од работата на комисиите кои се формирани за продлабочување на соработката со Бугарија.

Инаку, состаноците на работните групи меѓу двете земји, ќе продолжат со најавеното темпо – четири пати до пет пати во месецот ќе се среќаваат делегации на двете земји за да разговараат за прашања од инфраструктурата, образованието, културата, евроинтеграциите, историјата. Овој месец преговорите продолжуваат преку комисиите, при што на 14-ти ќе се состане Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 февруари состанок ќе има Заедничката комисија за историски прашања. Со тоа, како што вели шефот на дипломатијата Бујар Османи, двете страни четири пати ќе разговараат за иднина, а еднаш за историја.

Практичната примена на овој нов пристап во односите меѓу двете земји, кој го најавија премиерите Ковачевски и Петков, почна минатата седмица, со состанокот на Работната група за економија, трговија и иновации на претставници на Северна Македонија и Бугарија, што се одржа во Скопје.

Зајакнување на практичната соработка во сфери кои се важни за секојдневниот живот на граѓаните на двете држави и на тој начин топење на мразот околу потешките прашања е нешто што Ковачевски и Петков го промовираа и во Скопје и во Софија, на меѓувладината седница на крајот на јануари, а што треба во крајна линија да доведе до компромис за спорот и симнување на бугарското вето за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Историските прашања ќе ги разгледува веќе постоечката Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Планирано е секоја недела состанок да одржува една од овие групи, кои секоја во својата сфера ќе придонесе за зајакнување на соработката меѓу двете земји.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *