Собранието денеска во рамки на 62. седница ја почна расправата за избор на заменици-министри во Владата.
За заменик-министер за одбрана е предложен Башким Хасани, за заменик-министер за внатрешни работи Назим Буши, за правда Агим Нухиу, а за надворешни работи Фатмире Исаки.
Во Министерството за финансии за заменик-министер е предложен Филип Николоски, во Министерството за економија Зоран Маневски, а во Министерството за земјоделство Абдулшуќур Абедини. За заменик на министерот за здравство е предложен Владимир Рендевски, во Министерството за образование и наука за заменик е предложен Лулзим Алиу, додека во Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусејин.
За заменик-министер за локална самоуправа е предложен Зоран Димитровски, за култура Даим Лучи, за информатичко општество Александар Бајдевски, за транспорт и врски Беким Реџепи и за животна средина Христина Оџакиевска. Во Министерството за политички систем за заменик-министер е предложен Џабир Доко.
Премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето пред пратениците рече дека станува збор за компетентни личности со интегритет за кои е уверен дека ја имаат потребната мотивација посветено да се вложат во имплементацијата на владината програма.
– Вие денес добивате високи позиции и одговорности да работите за граѓаните. Како што барам од сите министри, така барам и очекувам ефикасно, навремено и чесно да ја вршите и Вие вашата работа. Тоа е обврска на секој владин службеник. За тоа не правам компромиси и исклучоци, рече Ковачевски обраќајки им се на предложените заменици-министри.
Порача дека врвен приоритет на Владата останува ефикасното и одговорно владеење со фокус на решавањето на клучните проблеми кои ги засегаат граѓаните.
За опозицијата, предложените заменици-министри се старо-нови кадри кои не ја заслужуваат довербата од пратениците. Според опозицијата, доставен е предлог со козметички измени и се прави целосна дуизација во власта.
Расправата продолжува по паузата.