Прв состанок на македонско-бугарската Работна група за економија, трговија и иновации

Министерството за финансии денеска и утре е домаќин на бугарска владина делегација предводена од министерот за иновации и раст Даниел Лорер, кој заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими ќе копретседава со првиот состанок на Работната група за економија, трговија и иновации.

Како што информираат од Министерството за финансии, на состанокот во Скопје, Работната група ќе ги разгледа можностите за привлекувањето инвестиции, иновациските можности, финансирањето на проекти, зголемување на трговската размена меѓу двете земји, како и приоритетите за развој на регионот, области во кои може да се развиваат заеднички проекти и слично.

Пред присутните ќе бидат претставени Планот за забрзан економски раст со осврт на финансиските инструменти, стратешките програми за иновации, индустриска политика и конкурентност, презентации на работата на фондовите за иновации и технолошки развој на двете земји, работата на Националниот старт-ап совет, како и програмите за работа и можностите што ги нудат развојните банки на двете земји, Извршната агенција за промоција на мали и средни претпријатија од Бугарија и Агенцијата за промоција на претприемништвото на Северна Македонија, како и програмите за рурален развој на двете земји, соопшти Министерството за финансии.

На состанокот во Скопје од македонска страна, покрај Бесими, меѓу другите ќе учествуваат и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министрите за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, како и директорите на Развојната банка на Северна Македонија Кире Наумов, на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, Агенцијата за странски инвестиции Беким Емини.

Во состав на бугарската делегација што ќе учествува на состанокот, покрај министерот Лорер, че бидат и замениците-министри за финансии и за земјоделство, Андреј Цеков и  Атанас Добрев, директорите на Извршната агенција за промоција на мали и средни претпријатија и на Бугарската банка за развој, Бојко Таков и Валентин Михов, како и претставници на други институции.

Меѓувладината работна група беше формирана минатата недела во Софија за време на одржувањето на седницата на владите на двете земји, на која беа утврдени приоритетите на работа и динамиката на одржување на состаноците, согласно која ќе се состанува еднаш месечно.

Активностите на Работната група ќе бидат насочени кон зајакнување и интензивирање на соработката во сферите на трговијата, инвестициите, иновациите и финансиите, заеднички настап во програмите и фондовите на ЕУ, како и на соработката со економските комори.