ПРОМОЦИЈА НА КНИГА ЗА БРАЈЧИНО, ПРЕСПА ОД ВЕРА ВРЖОВСКА – ПЕТРЕВСКА ВО ТОРОНТО

На 05-ти декември 2021 година, во Катедралната македонската православна црква “Свети Климент Охридски” во Торонто, Канада, беше промовирана публикацијата „Моето Брајчино, моите корени, мојата Преспа“ од Вера Вржовска-Петревска. Организатор на овој настан беше Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, а промотор беше Драгица Димовска уредник и водител на радио часот „Обединета Македонија“ од Торонто Заради Ковид 19, промоцијата се одржа во присуство на одреден број македонски иселеници од сите делови на Македонија членови на Друштвото и гости од канадското општество во Катедралната македонска православна црква „Св. Климент Охридски“ во Торонто.

Авторот на публикацијата „Моето Брајчино, моите корени, мојата Преспа“ Вера Вржовска-Петревска беше првиот претседател, а денес е потпретседател на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, кое во рамките на македонската православна црква “Свети Климент Охридски” во Торонто. Друштвото е формирано на 6 март 1987 година. Првата литературна вечер, ја одржа во мај 1987 година по повод 126-годишнината од излегувањето на познатиот Зборник на браќата Миладиновци и во чест на формирањето на друштвото. Тогаш, за првпат пред македонската заедница членовите се претставија со свои литературни творби.

Вера Вржовска – Петревска е позната во македонската заедница во Канада како Македонка, која во период од педесеттина години дала голем придонес во напредокот на општественото живеење. Повеќе децении активно е вклучена во различни македонски асоцијации, особено во македонските православни цркви, каде несебично работи за доброто на Македонците во Торонто и пошироко во Онтарио. Долги години била активна, а во 1986 година била претседател на Женската секција на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто. Но посебно место Вера има во Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, а членува е и во „Брајчинското друштво“ и други бизнис заедницо во Онтарио.

Затоа често велат дека таа е позната и призната Преспанчанка во Канада која, меѓу другото, е вљубеник во Македонија и во пишаниот збор, а работи и е многу заинтересирана за модата и духовното живеење на Македонците од сите делови на Македонија. Од секогаш, таа сака да им помогне на младите жени во областа на убавиот изглед и модното облекување.

Публикацијата „Моето Брајчино, моите корени, мојата Преспа“ е нејзино трето дело. Првото нејзино дело е стихозбирката „Далечни корени“ (1996), кое содржи четириесетина песни на македонски јазик, со кое Вера Вржовска се претстави со својата поезија со носталгичен, љубовен и патриотски дух. Второт нејзино поетско дело е „My Broken Heart“ („Моето скршено срце“)(2018), на англиски јазик. Оваа публикација претставува убав пример и придонес кон иселеничката книжнина.

Инаку, корените на Вера Вржовска – Петревска се протегаат во селото Брајчино, едно од најубавите локации во Долно-преспанскиот регион. Тоа се наоѓа под југозападниот срт на Баба Планина, каде што се дели со атарите на селото Бистрица, Битолско и со државната граница на јузниот сосед со селото Буф, на надморска височина од околу 1. 000 метри. Брајчино е сместено на крајниот југоисточен дел на Општината Ресен, од каде е оддалечено 32 километра.

Како резултат на нејзина љубов кон родниот крај излезе и публикацијата „Моето Брајчино, моите корени, мојата Преспа“. За ова дело промоторот Драгица Димовска, меѓу другото, го кажа следното: „Во книга Вера убаво ја има опишано животната патека на една млада девојка која се преселува во Канада кај нејзината сестра на 16 годишна воздраст. И сето нејзино доживување од нејзината млада воздраст па до ден денес е опишано во ова книга.

Книгата е едно убаво уметничко дело и достапно за секој еден читател нарочито за младата иселеничка македонска генерација која не чита и пишува македонски а зборува, затоа што книгата е напишана на македонски јазик на латиница. Во книгата е опишано нејзиното село Брајчино, со сета негова убавина и брајчинските преку океански средби за празникот Света Петка.

Потоа го опишува животот на нејзините родители, сестри, роднини и пријатели и средбите со познати личности од Македониаји и личности од нашата македонска комуна. Исто така, дава убав опис за Литературното друштво „Брака Миладиновци“, од неговото формирање па до денес. Во книгата не е опишано само Брајчино, опишана е и Преспа со нејзините градови и села. Ги опишува средбите во ,Мала Преспа, а опишани се и градови од цела Мкаедонија со сета нивна живост и убавина.
Вера Вржовска – Петревска, авторот на ова дело низ својот живот имала убави и неубави денови како и сите ние. И сето тоа го отсликала така убаво и едноставно што може секој лесно да го разбере животот на една млада девојка а сега повозрасна жена. Читателот се среќава со разни карактери на личности за да ужива читајки за местата во Македонија како да е на посета таму. Читајаќи ја оваа книга секој еден читател во некои делови од книгата ќе се најде себе си.

Затоа што сите ние сме печалбари и од разни причини сме ја напуштиле нашата Македонија, дедовска земја. Оваа книга би требало да ја има во секоја иселеничка македонска куќа. Читајќи ја книгата читателот некогаш ќе се насмее некогаш некоја солза ќе проролее. Инаку,. М-р Ели Танаскова како рецензент на публикацијата, за авторот Вера Вржовска – Петревска ке напише дека нејзината духовност и чисти размислувања оставаат порака дека животот колку и да е суров и непредвидлив, умееме да го скротиме со своите позитивни мисли и да создадеме поубав живот за живеење за идните македонски генерации. Со тоа се кажува вистината на иселеничката сага“, рече на крајот Драгица Димовска, уредник и водител на Радио часот „Обединета Македонија“ во Торонто.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН