Фестивалот Танц Фест одлучи да формира Совет за доделување награда за годишни остварувања во областа на танцовата уметност „Менада за млад уметник“, кој во период од март годинава до март идната година, ќе ги следи настаните во областа на танцовата уметност во Македонија.
Танц Фест годинава ја прогласи за Година на танцот!, со цел да го промовира современиот танц, како и танцовата уметност во целост, во насока на поттик и унапредување на развојот, посебно на млади уметници.
Советот, кој е составен од истакнати, врвни уметници, теоретичари, практичари, куратори и новинари, ќе одлучи за доделување на наградата „Менада за млад уметник“ прва од овој вид кај нас, која ќе се додели за прв пат, на јубилејното 15. издание на фестивалот Танц Фест во април идната година, соопштија од Танц Фест.
Наградата ќе се доделува за млади уметници од областа на танцот, а ќе бидат опфатени сите категории на уметнички танц, за посебен придонес во областа на танцовата уметност, нејзино поттикнување, развој и уметничка експресија на годишно ниво. Од Танц Фест посочуваат дека оваа награда ја воведуваат со цел да се одбележат напорите на младите кои работат во областа на танцовата уметност во Македонија.
Членови на Советот за доделување на награда за годишни оставрувања во областа на танцовата уметност „Менада за млад уметник“ се Емилија Џипунова, Соња Здравкова Џепароска, Биљана Тануровска Ќулавковски, Биљана Илиќ Ѓероска, Сотир Трајков и Рисима Рисимкин.