Џим Томев е роден во 1945 година во селото Кабасница, кое се наоѓа на неколку километри на северната страна од градот Лерин и кое е сместено на падините на Баба Планина. Во тој живописен и убав македонски крај ги помина првите пет-шест години од детството, а во 1951 година, заедно со мајка си, двете сестри и братот, заминал засекогаш во Австралија, во Мелбурн, каде беше неговиот татко. Тој е емотивно врзан со книгата, со Македонија, со праведноста, со семејството. Тој е вљубеник на пишаниот збор, заштитник на леринскиот македонски говор, бранител на македонската литература, како и познавач на англискиот јазик и книжевност.
Џим Томев е познат и признат австралиски интелектуалец од македонско потекло, автор е на седум драмски едночинки и подолги текстови, на стихозбирката на англиски и македонски, „Фрагменти на една историја”. и на делото на англиски јазик „Мали измислици –голема мудрост“ (Small tales- great wisdom). Тој е човек со големи перспективи и светла иднина Џим Томев, нашиот соговорник со кого се сретнавме и со кого долго разговаравме при нашата посета на Мелбурн е познат и признат австралиски интелектуалец од македонско потекло, чии корени се во селото Кабасница, Леринско, во Беломорска Македонија.
Кога се пишува за Џим Томев, значи дека се пишува за еден нов иселенички летопис на судбината, за човек со големи перспективи и светла иднина, за човек со успеси и падови, за човек со бурна иселеничка историја. Тој е вљубеник на пишаниот збор, заштитник на леринскиот македонски говор, бранител на македонската литература, како и познавач на англискиот јазик и книжевност
Поголем број од неговите драмски едночинки и други литературни остварувања на леринскиот говор, биле претставени пред публиката од Австралиско – македонската драмска група од Мелбурн. Тој е автор и на стихозбирката „Фрагменти од една историја”, која во Австралија ја промовира поетот Томас Шапкот, добитникот на највисокото признание на Струшките вечери на поезијата – Златниот венец.
Оваа публикација ја издаде Македонското литературно друштво „Григор Прличев” од Сиднеј и Македонското културно друштво „Искра” од Аделајд. Стихозбирката е отпечатена како двојазично издание, чии песни на македонски јазик ги преиздаде Книгоиздателството „Мисла” од Скопје, во 1990 година, при која пригода на Џим му беше врачено признанието на новинарите на Македонија, чиј почесен член стана овој истакнат публицист, поет, новинар, преведувач..
Кога се пишува за Џим Томев, значи дека се пишува за еден нов иселенички летопис на судбината, за човек со големи перспективи и светла иднина, за човек со успеси и падови, за човек со бурна иселеничка историја.
На петтиот континент го започна своето образование на англиски јазик, каде се истакна со својот талент и љубов кон учењето. По завршувањето на основното и средното образование се запишува на мелбурншкиот универзитет, на кој дипломира во 1970 година, на групата филозофија и англиска литература. Уште како студент ги покажал своите способности и големата љубов кон книгата и пишаниот збор.
Тој подоцна ги преточи своите способности во наставата како професор во повеќе училишта во Мелбурн. Цел живот се занимава со читање и пишување. Неговиот живот е посебна иселеничка сторија исполнета со многу успеси, падови, постигнувања и (не) среќни моменти.
Во текот на школувањето работел во рибарница и во исто време учел. Веројатно напорната работа го поттикнала да се посвети на учењето и да биде еден од најдобрите студенти за англиски јазик во својата група. – Морав подобро да го познавам јазикот и литературата од колегите од англосаксонско потекло, – вели Џим и додава дека во тоа време кога тој студирал, условите биле подруги од сегашните, кога мултикултурата си го најде своето место.
Во тие почетни години кога македонската колонија била мала и немоќна, сепак, постоела еден вид дискриминација кон новодојдените. – Затоа, морав да знам повеќе од сите, да се докажам, за да бидам ценет и прифатен, – вели Џим кој, патем, да кажеме дека во Мелбурн го научи и грчкиот јазик, бидејќи во работата требало да знае и грчки, а во име на вистината, вели тој, многумина од неговото село запливале во грчките води, а тој морал да им докажува и на Грците дека не е Грк, туку Македонец.
Во исто време го учел и францускиот и италијанскиот јазик. Дома зборувал на македонски, на лерински дијалект, во кој стана и вљубеник, поборник и чувар на тој говор. Затоа и започнал да пишува на својот говор. Во почетокот необично и за него и за околината, меѓутоа со изведбата на една од неговите едночинки од страна на Австралиско – македонската драмска група, се чини добил крилја и продолжил да пишува на лерински дијалект.
Како времето одминувало, така Џим Томев сè повеќе пројавувал интерес за македонската литература, особено за народното творештво, за кое има повеќе склоност и афинитет и на кое во иднина се посветил и го презентирал на англиски јазик за пошироката австралиска читачка публика. Започнал да чита и да пишува на мајчин јазик како возрасен, што е случај со бројни интелектуалци од Беломорска Македонија кои, за жал, поради познатите околности, причини и последици, не биле во можност, односно им било забранувано да читаат и пишуваат на својот мајчин македонски јазик, кој само го зборувале со родителите и со бабите по домовите и на јавни места. Таков бил случајот и со Џим Томев.
Меѓутоа, се чини дека 1985 година за Џим била пресвртна година во неговата определба во литературата. Тогаш, тој и неговата сопруга Фана за првпат доаѓаат во Македонија, во земјата на нивните предци и кога учествуваат на Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Познанството на авторот на овие редови со Џим и со Фана датира уште од првите денови на Семинарот во Охрид и Скопје. Тогаш се овозможи подобро запознавање со оваа позната македонска брачна двојка, да се има соработка на полето на литературата, јазикот, преведувачката дејност и новинарството.
Во Охрид, во градот на Климент, брачната двојка Томев, чие претходно презиме беше Патерас, презиме што им носеше недоразбирање и непријатности во однос на нивната национална припадност пред тамошните власти, со презиме со кое имаа тешкотии за докажување на својата националност, донесе одлука да се промени, во почетокот во „На Патерој”, а потоа во фамилијарното „Томеви”.
Ваквата одлука, всушност, претставуваше значаен чекор во одбраната на самобитноста, ослободување на духот, исправка на нанесената неправда и поттик за другите Македонци од Беломорска Македонија кои живеат на тие простори. Се врати Џим Томев од Македонија и од другите патувања по Италија и Велика Британија побогат за едно искуство и со широко поле на литературна магичност од стариот континент, особено од земјата на дедовскиот праг. Веднаш по враќањето во Австралија, Џим со група интелектуалци од македонско потекло започна со планирање на концепција за весникот „Австралиско – македонски неделник”.
Тој стана еден од сопствениците и главен и одговорен уредник на неделникот. Излегувањето на ова многу значајно гласило во 1987 година претставуваше несекојдневен настан и појава на еден весник од непроценлива вредност, кој имаше силно влијание не само на полето на информирањето, туку и на планот на националната хомогенизација и самопрепознавање, а неговата улога беше исто така голема во организацијата на значајните собири на Македонците на австралискиот континент. Весникот беше дал уште еден значаен поен во вреднувањето на Џим, кој беше душата на весникот сè до 1990 година кога весникот стагнираше, а подоцна беше откупен од друг издавач.
„Австралиско-македонскиот неделник” од Мелбурн беше и е мошне значаен, ако не и најзначаен, македонски неделник во иселеништвото. Тој започна да се печати на англиски и на македонски јазик и претставува вистински афирматор на македонската култура, литература, јазик, историја, спортот и другите традиции. Во исто време, со ширењето на вистината за Македонија, за македонскиот народ и за македонското иселеништво, весникот претставуваше и сега претставува еден од трите најзначајни и најтиражни етнички гласила во мултикултуриа и демократска Австралија.
Првиот број на „Австралиско-македонски неделник” излезе јна 6 мај 1988 година, отпечатен на 20 страници, на формат 29џ42 см. со паралелни текстови на англиски и на македонски јазик. Клишето на главата на весникот е исто така на двата јазика, во средината го содржи глобусот на светот од кои полетуваат три гулаби, како симбол на мир и пријателство.
Весникот во почетокот го уредуваше Редакциски одбор составан од Џим Томев, Крсте Наумовски и Питер Коронеос, а менаџер за рекламите беше Анџело Патера, еден од сопствениците на весникот. Првите две години главен и одговорен уредник и еден од сопствениците на весникот од мај 1988 до декември 1990 година беше доблесниот иселеник Џим Томев, интелектуалец, драматург и патриот, по потекло од селото Кабасница, Леринско. Исто така, огромна е улогата и придонесот на бројните ентузијасти, интелектуалци и истакнати македонски иселеници, како и многубројни соработници од Австралија, Канада, Шведска и од Републиката, меѓу кои и авторот на овие редови Славе Катин, кој беше акредитиран новинар од Република Македонија за „Австралиско- македонски неделник” во период од четири години. Сите тие со своите текстови за активностите во своите средини и за постигнувањата на Македонците во целина во годема мера ја збогатуваа содржината на весникот и ја афирмираа македонската заедница на новите простори ширум светот.
Според Џим Томев: „Весникот имаше улога на бранител на нашите интереси.
Преку него се водеше жестока битка на интелектуално ниво со грчките, великосрпските и великобугарските шовинисти. Весникот придонесе околу него да се собере голем број свесни и образовани Австралијанци од македонско потекло. А целта на весникот беше да ги обедини Македонците, без разлика од кој дел се дојдени, тие да се зближат духовно. Тоа, впрочем, може да се постигне во демократска Австралија, во земјата на мултикултурата, каде македонските доселеници се дел од таа државна многунационална политика. – рече Џим.
Инаку, Џим Томев го посетивме во неговиот дом во една мирна улица во Томастаун, предградие на Мелбурн, каде живееја со Фана и двете деца, Велика и Никола.
Во долгите разговори, другарувања и дискусии, дознавме дека тогаш, се чини, кај него преовладуваше интересот кон македонското народно творештво, кое, како што вели: „Тоа е богатство на македонскиот народ и Македонија од минатото, преку сегашноста за во иднината, а ние Македонците сме со длабоки и цврсти корени коишто никој не може да ги откорне. Затоа ќе бидеме вечни.”
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН