Раниот детски развој, клучен за подготвеноста на децата за животот

Раниот детски развој е од исклучителна важност за развојот на децата, тој влијае на подобар развој на мозокот, со оглед дека од 80 до 85 проценти се развиваат во раното детство до пет години, ја зголемува нивната подготвеност за училиште и за животот подоцна. Земјите треба да инвестираат во раниот детски развој, бидејќи тоа повеќекратно се враќа.

Ова се дел од ставовите на учесниците на денешната конференција „Квалитетно образование – за раст и развој, успех и подобра иднина”, на тема „Темел за успех на училиште и во животот – важноста на образованието во раното детство”.

– Голем дел од семејствата немаат време да се посветат на децата поради брзиот начин на живот и барањето на егзистенција. Токму затоа поддршката на семсјствата во воспитанието и образованиото на децата во раниот детски развој е висок приоритет на Владата, рече министерката за туд и социјална политика Мила Царовска.

Според неа, развивањето вештини во раното детство ги воспоставува темелите на учење во натамошниот живот и успехот на пазарот на труд на овие деца. Анализите покажуваат, додава министерката, дека стапката на повратот на овие средства вложени во ран детски развој е четири до осум долари за инвестиран еден долар.

– Ова е најдобар начин да се излезе од сиромаштија. Главни придобивки се подготвеноста на децата да постигнат подобри резултати во образованието, да се подобри нивното физичко, но и психичко здравје, што ќе го намали користењето на услугите од здравствениот систем, а ќе се намали и натамошното вклучување на децата во високоризични активности, рече министерката Царовска.

Професорката Анџелина Понгута од Медицинскиот факултет при Универзитетот Јеил вели дека развојот на мозокот, односно поврзувањето на невроните од што зависат сите негови функции се случува во раното детство. Од 80 до 85 проценти од развојот на мозокот се случува до петгодишна возраст.

Затоа, потенцира Понгута, треба да се инвестира во раниот детски развој. Од тоа, според неа, зависи исплатливоста на инвестициите во натамошното образование. За квалитетен ран детски развој, вели, треба да се исполнети и други преуслови како тие децата да се здрави, ухранети, да не се запоставувани или да не трпат насилство во домот или околината.

Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс се согласува со ставот дека раниот детски развој во периодот од нула до шестгодишна воздраст е од иклучителна важност и е најважен двигател за социјалниот и економскиот развој

Покрај предшколското образование треба да се води сметка, вели Перкс и за развојот на детето во текот на бременоста, по самото раѓање и во најраните години во делот на семејството каде се формираат релациите и се создаваат првите интеракции.

Конференцијата е организирана под водство на Владата на РМ, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика заедно со УНИЦЕФ.