Годишно обраќање на претседателот Пендаровски пред пратениците во Собранието

Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе се обрати пред пратениците во Собранието.

Пендаровски, како што е најавено на веб-страницата на законодавниот дом, ќе го одржи своето обраќање пред пратениците во рамки на 56. собраниска седница. Обраќањето на шефот на државата, според агендата, објавена на собранискиот-сајт е најавено за 12 часот.

Шефот на државата, како што е вообичаено, ќе говори за актуелните случувања изминатиот период и за очекувањата во следната година. А оваа година тој на пратениците ќе им се обрати во момент кога е во тек формирање нова влада, додека опозицијата бара предвремени избори, а земјава повторно не доби зелено светло за почеток на преговори со ЕУ поради бугарското вето, со ветување на новата Влада во Софија на Кирил Петков дека процесот ќе стане попрагматичен, но и споменување на рок од шест месеци за да се се реши.

Пендаровски не поддржува предвремени избори. Според него многу тешко ќе се дојде до 61 глас во Парламентот за тој да се самораспушти и да се оди на предвремени избори. Во гостувањето на „Топ тема“ на телевизија Телма минатата недела, коментирајќи го барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за предвремени избори рече дека на државата и недостига период без избори.

– Ако има 61 глас, ќе одиме на избори. Се разбира дека демократски донесена одлука треба да се почитува. Но, факт е дека имавме 5-6 изборни циклуси во седум/осум години наназад и факт е дека на државата и недостасува период без избори, во кој треба да видиме што новите луѓе во новата Влада после Нова Година можат да придонесат, истакна Пендаровски.

Прашан дали очекува на неговото годишно обраќање во Собранието да присуствува и опозицијата, Пендаровски рече дека тоа е политичка одлука на пратеничките групи.

– Ми претставува чест дека првпат во 2019 година во целокупната наша историја, една опозициска партија, во тоа време ВМРО-ДПМНЕ, ги призна изборните резултати и присуствуваше на инаугурацијата и давањето заклетва во Парламентот и на првото годишно обраќање понатаму. Тоа се чинови, какви што недостасуваат за да бидеме позрела демократија, без разлика кој е на власт, рече Пендаровски.

Шефот на државата својот годишен говор во Собранието ќе го одржи и во неделата, за кога е најавена оставката на премиерот Зоран Заев. Премиерот најави дека оставката ќе ја поднесе во текот на оваа недела и изрази очекување по формализирањето на оставката во Собранието, негов наследник како нов премиер да биде новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Пендаровски по оставката на Заев треба да му додели мандат на новиот мандатар. Согласно Уставот, претседателот е должен во рок од десет дена да го довери мандатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинството во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена, од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата, стои во Уставот.