Уште една успешна етапа на „Отворен Балкан“

Лидерите на трите земји од иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија и домаќин на Самитот, Еди Рама, вчера во Тирана успешно заокружија уште една етапа, од низата планирани, во рамки на иницијативата, а во интерес на граѓаните на нивните земји.

Тие заедно со нивните тимови, потпишаа пет договори кои беа најавени на промоцијата на „Отворен Балкан“ во Скопје во јули оваа година. Станува збор за договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан и договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.

– Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан ќе им овозможи на граѓаните од овие три земји слободно да се движат и да работат во земјите потписнички на договорот. Со одредбите од договорот се поедноставуваат процедурите за еднаков пристап до пазарот на трудот во регионот по примерот на ЕУ, со што се прави чекор повеќе кон прифаќање на вредностите и практиките во Европската Унија, заеднички оценија тројцата лидери на заедничката прес-конференција.

Како што рече премиерот Заев, со договорите од Тирана спроведуваме одржлив процес за заеднички економско-политички простор на Западен Балкан со конкретни придобивки за сите наши граѓани.

– Сите ние сме како дома во Тирана, Белград или во Скопје. Во последните денови од мојот ангажман како премиер на Северна Македонија, огромни се честа и задоволството уште еднаш директно да учествувам и да придонесам во остварувањето на благородната мисија на иницијативата „Отворен Балкан“. Уште на почетокот на оваа инцијатива, јас и моите колеги, другари и браќа, Александар Вучиќ и Еди Рама, нагласивме дека „Отворен Балкан“ е автентичен, заеднички процес инициран од Северна Македонија, Албанија и Србија, но создаден за благосостојбата на целиот регион, отворен за сите земји од регионот, рече Заев.

И тој, како и неговиот колега Рама претходно ги повика сите останати земји од регионот да се придружат кон иницијативата за што имаат „отворена, јавна, директна и недвосмислена покана“.

– Ги охрабруваме сите од Западен Балкан заедно да придонесеме овој наш заеднички простор, да стане поврзан и пред сè економски развиен, без пречки, без ограничувања, слободен, прилагоден целосно на потребите на нашите народи. Повикуваме на придонес кон големата идеја Западен Балкан да стане „Отворен Балкан” кој носи конкретни придобивки за сите наши граѓани, да направиме да стане важен, реален дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар, рече Заев.

Рама, кој и официјалната средба ја почна со повик до Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина да се приклучат кон оваа иницијатива, и на прес – конференцијата ја повтори поканата. Додаде дека во догледно време ќе ги поканат и Италија, Грција и Унгарија.

– Ние сме тука. Ќе продолжиме да одиме напред. Не можеме да останеме на место. Нема да се криеме. Оние кои сакаат Берлинскиот процес да оди напред мора да бидат дел од Отворен Балкан. Отворен Балкан е за работа. Договорите што денеска ги потпишавме говорат сами за себе, додаде меѓу другото тој.

Оцени дека со потпишувањето на договорите се отвора нова ера на Балканот.

– Со потпишаните договори од јануари 2022 година граѓаните на нашите три земји, Албанија, Северна Македонија и Србија, слободно ќе може да минуваат на граница. Исто така се отворат можности за слободен протек на стока и капитал, без да имаат потреба трипати да обезбедуваат документи кои се поврзани со увозот и извозот. Со договорите се обезбедува увоз-извор и на земјоделски производи и жив добиток врз основа на реципроцитет. Се што е во сржта на иницијативата е во интерес на нашите граѓани, рече меѓу другото Рама.

Со идентичен став и Вучиќ, кој покрај другото упати зборови на благодарност до премиерите Заев и Рама, на храброста, како што рече, да влеземе и да направиме најдобра иницијатива која ќе го смени лицето на Балканот, од чие име не се срамиме, иницијатива која ќе донесе многу добри работи за нашите граѓани.

При тоа посебно му се обрати на премиерот Заев, изразувајќи му благодарност.

-Тебе многу ти благодарам за сè, на огромниот труд, иако знам дека утре официјално поднесуваш оставка, сакам да ти се заблогадарам за се што направи и за пријателството меѓу Србија и Северна Македонија, за трите земји, на што работеше и градеше, и да му посакам добредојде на господинот Ковачевски, изјави Вучиќ, најавувајќи нов самит на Отворен Балкан во мај или јуни во Белград.

Она што посебно се акцентира како последователен успешен сигнал, од седмиот состанокот, е секако поддршката на ЕУ за неа што ја кажа еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој се вклучи онлајн.

– Регионот сака да биде едно. Отворен Балкан е најдобрата порака што регионот може да ја донесе. Отворен Балкан не само што промовира регионална соработка туку и остварува регионална соработка. Вашата регионална соработка е добра и за ЕУ и Западен Балкан. Држете ги вратите на оваа иницијатива отворени. Ги поканувам останатите три земји, Црна Гора, БиХ и Косово. Ја поддржувам вашата иницијатива, порача Вархеји.

За Рама оваа јасна поддршка е дополнителен поттик да се продолжи.

– Денеска добивме јасна порака од ЕУ дека го поддржува „Отворен Балкан“. Подршка имаме и од САД. Продолжуваме зашто е многу јасно која е целта, да го направиме нашиот регион слободно место за движење, промет на стока и капитал. Со поддршката на ЕУ и САД даден е јасен одговор на сите оние кои се против иницијативата, порача Рама.

Заев потенцира дека „Отворен Балкан“ како иницијатива e силен придонес кон големите идеи и вредности на Европската Унија, придонес кој, како што рече, регионот не го носи на ниту едно друго место, туку единствено поблиску до самата Унија.

– Кога ЕУ потфрла, ние имаме обврска постојано и постојано да преземаме иницијативи што го европеизираат регионот и кои носат подобар, европски живот за нашите народи. Се разбира, сите три земји остануваат посветени на своите одделни агенди и обврски за пристапување во членство во Европската Унија, рече тој.

Премиерот Заев ја истакна поддршката на САД и на ЕУ за оваа иницијатива и потенцира дека таа е потврда за одржлив процес за заеднички економско-политички простор на Западен Балкан, со конкретни придобивки за граѓаните.

Во однос на проширувањето на ЕУ, Вархеји рече дека имало напредок со Србија и Црна Гора на овој план годинава, изразувајќи жалење што не се отворија првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија.

– Ја разбирам вашата фрустрација, но не заборавајте дека постигнавме напредок во процесот на проширување оваа година. Отворивме кластери со Србија, а со Црна Гора беше одржана втората меѓувладина конференција со новата методологија. Но, не го кријам фактот, како и моето жалење за фактот дека сеуште ги немаме првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија, тоа треба да го постигнеме брзо, првиот сигнал што треба да го гледаме е јасната перспектива од страна на ЕУ тоа да се случи, и тоа беше ставено во заклучоците на Советот на ЕУ. Мислам дека тоа треба да биде сфатено многу сериозно, и сега е време тоа да го направиме реалност и да ги имаме сите договори на маса за тоа да се случи, порача Вархеји на состанокот на Отворен Балкан.

На прес-конференцијата тројцата лидери одговорија и на прашањето за влијанието на различните брзини на евроинтегративните процеси врз иницијативата Отворен Балкан, велејќи дека трите држави заеднички се поддржуваат на евроинтегративниот пат, а со Отворен Балкан, кој не е замена на ЕУ, работат нешто што го прават самите за себе.

– Отворен Балкан не е замена за ЕУ, туку природна реакција на нашите држави заради некомпетентноста и неуспесите на ЕУ. Отворен Балкан е Европа, тој е европеизација на регионот и многу повеќе ќе можеме да направиме со наши сопствени сили и одговорности што ќе ги преземеме кон граѓаните. Ако регионот е посилен, заедно ќе биде посилен кон Европа што ќе ги мултициплира ефектите кон граѓаните, изјави премиерот Заев.

Претседателот Вучиќ посочи дека прашањето на Отворен Балкан е вистинска визија. Тоа, рече, е визија на различен Балкан, визија на наш Балкан од кој не сакаме да се срамиме, туку да бидеме горди со него, со подигната глава, заеднички да работиме и отвориме подобар простор за нашите народи и подобри животни стандарди и да застанеме рамо до рамо заедно со нашите пријатели од Скопје и Тирана.

– Србија сто проценти ги поддржува интеграциите на Северна Македонија и Албанија. И секогаш бевме со таква поддршка. Од самитот во Софија почнавме да говориме со еден глас. И тоа беше изненадување за европските домаќини и потоа секогаш се сложувавме за се. Речиси сто проценти. Ако не прашате нас, ние сме единствената земја која има отворено четири поглавја и конференцијата која неодамна се случи во Брисел не може да влијае на нас затоа што ние сме многу посветени кон овој процес на Отворен Балкан, и ќе направиме се што е можно и што знаеме и умееме секогаш да бидеме на страната на Македонија и Албанија кога зборуваме за процесот на евроинтеграција на двете земји. Тоа е паралелен процес, нешто што го правиме за самите себе. Македонија и Албанија не направија грешки, туку се работи за некои лица од други земји од ЕУ. На луѓето во вашите земји треба да им кажете дека направивте се што ви се бараше, а не го добивте она што ви беше ветено. Имавме среќа нашите ветувања барем ги исполнија, но не го направија тоа кога зборуваме за Македонија и Албанија, изјави српскиот претседател.

Според албанскиот премиер Еди Рама, оние кои не сакаат да успее Отворен Балкан велат дека тој е алтернатива на евроинтеграциите, дека тоа повторно ја формира Југославија, а всушност Отворен Балкан е пат кон ЕУ.

– Ние полека ќе почнеме да им се обраќаме и на членките на ЕУ, Грција, Унгарија и Италија на почеток и ќе почнеме да ги собираме во овој процес на Отворен Балкан, кога станува збор за заедничкиот регионален пазар,паралелно со процесот на влез на заедничкиот пазар на ЕУ. И вака Отворен Балкан може да помогне. Кој нас ќе ни поверува, дека имаме начин и пат како можеме поедноставно да влеземе во вашата империја на ЕУ, ако не можеме да покажеме со своите дела дека сме на ниво на стандардите на ЕУ….Ние мораме да продолжиме напред и во нашите земји да изградиме рамка на ЕУ стандарди на живот, изјави Рама.

Пред прес-конференцијата тие присуствуваа на Форумот за земјоделство и регионална соработка, каде Заев порача дека земјоделството е заедничка предност на сите земји од регионот поради што и ги олеснивме административните процедури за брз пристап на пазарот.

За Заев ова е последно директно учество во рамки на иницијативата во својство на премиер. Промовирајќи го Димитар Ковачевски како негов наследник, тој побара од Вучиќ и од Рама да го чуваат „Оворен Балкан“.

– Нашите народи, македонскиот, албанскиот и српскиот народ, како и народите од другите земји од регионот, имаат ист пат. Имаме иста визија и исти вредности, тоа се европските вредности. Одиме заедно напред, поврзани. Драг Еди, драг Александар, Отворен Балкан не само што нѐ зближи како лидери на три соседни земји, туку за мене има и лична вредност, а тоа е огромното пријателство со вас двајцата. Чувајте го и развивајте го Отворен Балкан, рече Заев.

Покрај успешноста на оваа средба, сепак таа не помина без непоскувани случувања: протестот проти Отворен Балкан и доаѓањето на Вучиќ, организиран од поранешниот албански претседател и експремиер Сали Бериша.

Според него, иницијативата е на штета на националните интерси на Албанците, зашто „Вучиќ со неговите двајца вазали“ сака да ја врати српската хегемонија на Балканот. Токму поради протестот Рама гостите на 20 декември вечерта, ги пречека во Елбасан, но и таму под силно полициско обезбедување.

Второт немил настан е палењето на, според полицијата, четири српски знамиња поставени на јарболите на плоштадот „Народни херои“, кои се вееја заедно со македонското и албанското знаме. Полицијата реагираше брзо, приведени се осум лица од нив двајца се во притвор а од слобода ќе се бранат 6 малолетници, на возраст од 15 и 16 години.

Осуда веднаш дојде од Рама, кој рече дека и албански знамиња се виореле во Белград, кога тој бил во посета, а Вучиќ ја поздрави брзата реакција на албанските власти.

Осмиот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“ ќе биде кон крајот на февруари 2022 година.