Ветото остана и со новата Влада во Софија

Во пресрет на Советот на ЕУ во Брисел што треба да се одржи денеска и утре, бугарски официјални лица уште еднаш ја потврдија позицијата кон Северна Македонија со што останува ветото на процесот на пристапување на земјава во ЕУ.

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера изјави дека е задоволен што европските лидери „конечно разбрале каде е вистинскиот проблем со Северна Македонија“ и оти сите обиди да се изврши притисок врз Софија се контрапродуктивни.

– На сите европски совети – од мај, разговарав со секој европски лидер на тема РС Македонија. Сакам да им се заблагодарам, бидејќи по втор пат темата е надвор од дневен ред. Нашите партнери конечно разбраа каде е вистинскиот проблем. Проблемот длабоко влијае на основата на самата ЕУ – човековите права и недискриминацијата, изјави Радев кој во Брисел ќе учествува на самитот на лидерите од ЕУ.

Радев истакна дека Софија ќе продолжи да ја брани својата позиција, не само историјата, посочувајќи оти главен приоритет е почитувањето на човековите права на луѓето со бугарски идентитет.

– Не даваме рокови. Овој процес не е воден од рокови, туку од резултати, рече Радев. Според него, сите обиди за притисок врз Бугарија се контрапродуктивни.

И потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова не гледа основа и нови факти кои би ја промениле бугарската позиција кон Република Северна Македонија. Најважно, според неа, е да се изготви патоказ што да се прави отсега натаму на билатерален план, и дека ќе се разгледуваат нови предлози од европските партнери.

Бугарија, ќе ја чека одлуката на Република Северна Македонија, бидејќи нејзиниот премиер поднесе оставка, и ќе се разгледаат новите предлози од европските партнери, вели Јотова, според која, сепак, нема да се понуди ништо ново.

Истите ставови ги повторија и Кристијан Вигенин, заменик-претседател на Народното собрание и копретседателот на коалицијата Демократска Бугарија, Христо Иванов.

Во изјава пред новинарите во Парламентот, Вигенин потсети дека Министерството за надворешни работи ја потврдило таа позиција на Советот за заеднички работи на ЕУ.

– Таа позиција се наоѓа и во коалицискиот договор. Таму исто така е запишано дека се поддржува широк консензус во Бугарија по тоа прашање, коментира Вигенин.

Според него, додека Република Северна Македонија не ги исполни ангажманите кон бугарската страна, нова позиција по тие прашања не може да има, и засега Бугарија не може да даде согласност за старт на преговорите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ.

Копретседателот на коалицијата Демократска Бугарија, Христо Иванов, изјави дека Бугарија не треба да го менува својот став кон Република Северна Македонија, но и дека стратешки интерес на Софија е Северна Македонија да биде дел од ЕУ, со почитување на Договорот за пријателство.

Според Иванов, новата Влада не ја менува позицијата на Бугарија кон земјава, туку се залага за изнаоѓање пристап заедно со властите во Скопје „за остварување и на двете цели“.

Македонските власти, пак, очекуваат „помодерен пристап“ од Софија и побрзо решение на проблемот.

Претседателот Стево Пендаровски, вчера од Приштина порача дека му е прифатлив пристапот на новиот бугарски премиер Кирил Петков, кој вели дека историјата не треба да биде единствен канал на кoмуникација меѓу двете држави, но, посочува, не го поддржува временскиот рок од шест месеци, најавен од Петков, бидејќи вели, билатералниот проблем може да се реши за покус рок.

– Мене ми е прифатлив пристапот на новиот бугарски премиер кој заговара историјата да не биде единствениот канал преку кој ние како две соседни држави комуницираме. Разговараме за инфраструктура, за енергетско поврзување, за економија и за трговска размена, разговараме за европски интеграции, разговараме за човекови слободи и права, за пандемијата. Меѓутоа, секако не да разговараме за тоа што се случило пред три или пет века. Тоа е модерен пристап кој го поддржувам, се разбира не го поддржувам временскиот рок бидејќи беше најавен за шест месеци, мислам дека проблемот меѓу нас може да се реши за многу покус временски период, истакна Пендаровски запрашан во однос на спорот меѓу Скопје и Софија на заедничката прес-конференција со претседателката на Косово Вјоса Османи.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, коментирајќи го ставот на новиот бугарски премиер Кирил Петков, е на иста позиција по однос на рокот за решавање на проблемот со Софија. Бугарија има право на вето, вели Османи, но шест месеци е предолг период во контекстот во кој се наоѓа регионот.

– Шест месеци е предолг период во контекст во кој се наоѓа регионот. Има многу отворени прашања. Сметам дека тој период нас не ни одговара. Треба да седнеме со Петков и да разговараме што значи тој период. Таквиот пристап требаше да биде одамна. Првата меѓувладина конференција не е ништо поразлична од останатите. Немаше потреба целиот регион да се држи во заложништво, рече Османи.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, пак, на состанок со своите колеги од Централноевропската одбранбена соработка, истакна дека бугарското вето „успеа” да ја ослаби улогата и влијанието на ЕУ во целиот регион.

– Неуспехот да се испорача тоа што Северна Македонија го заслужува, ја загрозува ЕУ во еден важен регион кој е опкружен со членки на Унијата. И затоа изгледа дека бугарското вето „успеа“ таму каде што не успеаја други надворешни влијанија – да ја намали моќта и влијанието на ЕУ во целиот регион на Западен Балкан, порача Шекеринска.

„Фајненшл тајмс“ вчера објави дека новиот бугарски премиер Кирил Петков дава сигнали оти Софија ќе стави крај на опструкциите за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ, ​​откако неговата Влада ќе стапи на должност.

– Ние сме сто проценти за политиката на НАТО и ЕУ. Ќе предложиме нов пристап за Северна Македонија и тоа треба да се направи брзо, за краток временски период, не повеќе од шест месеци, изјави Петков во интервју за „Фајненшел тајмс“ дадено во понеделникот пред гласањето во бугарскиот Парламент за новата Влада, јави дописникот на МИА од Софија.

Земјите-членки на ЕУ на завчерашното заседание на Советот за општи работи (ГАК) не постигнаа договор за одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на оваа година и покрај јавно изнесените надежи на словенечкото претседателство за старт на преговорите со двете земји годинава. Во заклучоците од состанокот изостана временската одредница „до крајот на годината“ како рок за одржување на првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана, а се појави формулацијата до усвојување на преговарачката рамка за земјата.