„Фајненшел тајмс“: Петков дава сигнали за крај на опструкциите за почеток на преговори на Северна Македонија во ЕУ

„Фајненшл тајмс“ објави дека новиот бугарски премиер Кирил Петков дава сигнали дека Софија ќе стави крај на опструкциите за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ, ​​откако неговата влада ќе стапи на должност.

– Ние сме сто проценти за политиката на НАТО и ЕУ. Ќе предложиме нов пристап за Северна Македонија и тоа треба да се направи брзо, за краток временски период, не повеќе од шест месеци, изјави Петков во интервју за „Фајненшел тајмс“ дадено пред гласањето во бугарскиот Парламент во понеделникот, јави дописникот на МИА од Софија.

„Фајненшел тајмс“ коментира дека пресвртот доаѓа откако Бугарија стави вето на преговорите за пристапување на нејзиниот сосед во ЕУ, минатата година, поради спорови околу историјата и идентитетот. Критичарите тогаш го обвинија Бојко Борисов дека прибегнува кон национализам за да го одвлече вниманието од повеќемесечните протести против организираниот криминал и корупцијата во земјата.

Петков за американско економско издание изјави дека новата влада ќе постави нова основа за разговори со Северна Македонија. – Ќе користиме работни групи со цел да се најдат решенија за прашања како што се заедничката економска активност, инфраструктурата, културата и историјата, рече Петков.

„Фајненшл тајмс“ ја наведува кризата со коронавирус во земјата како најголем предизвик за новата влада. Изданието потсетува дека Бугарија е меѓу земјите со највисока стапка на смртност во светот и во исто време меѓу земјите со најниска стапка на вакцинација.